Сергеј Борисов
Русија дојде во казашките степи на почетокот на XVIII век. Први под власта на руските владетели во 30-тите години на XVIII век доброволно преминаа казашките кланови на таканаречените Помлад и Среден жуз (племенски сојуз), кои од нив бараа заштита од воинствените Џунгари. За Постариот жуз мораа да војуваат со Кокандскиот ханат, но и тој во втората половина на XIX век беше припоен кон империјата, во чиј состав се наоѓаше сé до нејзиниот пад 1917 година.
Во првите години од советското владеење, териториите населени со Казаси беа подложени на општо национално-територијално разграничување: имињата, границите и главните градови на нивните национални области постојано се менуваа. Во текот на девет години - од 1920 до 1929 година - Казасите променија три главни градови: Оренбург, Кзил-Орда (Кизилорда) и Алма-Ата. Административната и територијалната стабилност завладеаја дури во 1939 година, кога Казашката Автономна Советска Социјалистичка Република беше одвоена од Советска Русија и претворена во сојузна република во составот на СССР.
Архивска фотографија
Политиката на колективизација (спојување на индивидуални селски имоти во колективни фарми), спроведена во доцните 1920-ти, која ги игнорираше спецификите на начинот на живот на Казасите, заедно со принудувањето на номадите да преминат на седентарен начин на живот и сушата што завладеа, доведе до тоа 1931-1932 година Казахстан да го доживее најтешкиот глад во својата историја. Според различни проценки, умреле од еден милион до еден и пол милион луѓе, а уште околу 200 илјади се преселиле во соседните Иран, Кина и Авганистан.
Иосиф Будневич / Sputnik
Кампањата за борба против неписменоста што ја спроведуваше советската власт ширум земјата беше од посебно значење за Казахстан. Во моментот на распад на Руската империја нивото на писменост на населението беше околу пет проценти, а до 1939 година надминуваше 70 проценти. Во пресрет на Втората светска војна, во дваесет високи и над сто средни школски установи на Казашката ССР се школуваа четириесет илјади студенти и ученици.
Абрам Левин / Sputnik
Огромниот, но слабо населен Казахстан во 1930-тите и 1940-тите беше главната дестинација за народите депортирани од власта: Полјаците и Украинците од Западна Украина, Кинезите и Корејците од Сахалин и Приморскиот крај, Германците од територијата на Поволжјето и многу други. Рехабилитацијата и враќањето на протераните во нивните домови започна дури по смртта на Сталин 1953 година.
Истовремено Казашката ССР стануваше најголемиот индустриски центар на Советскиот Сојуз: интензивно се развиваше тешката и лесната индустрија, се градеа фабрики, се експлоатираа наоѓалишта на руда. Карагандскиот басен на јаглен беше најголемиот во земјата по Донбас и Кузбас. Поради недостаток на човечки ресурси, во Казашката ССР на работа доаѓаа стотици илјади работници од целата земја.
Вјачеслав Шаровски / Sputnik
За време на Втората светска војна Казахстан беше сигурната заднина на СССР. Од западните региони на земјата тука беа евакуирани околу 150 претпријатија, а уште неколку стотици беа изградени од нула. Во услови на германска окупација на најважните суровински реони на Советскиот Сојуз, Казашката ССР неколку пати го зголеми производството на обоени метали, електрична енергија и течно гориво. Над милион Казаси учествуваа во битките против непријателот, поминувајќи го патот од одбраната на пограничната Брестовска тврдина до заземањето на Берлин.
Александр Моклецов / Sputnik
Во повоениот период Казашката ССР продолжи да се развива како најважен економски центар на СССР: започна масовна кампања за обработка на необработените површини, беа основани неколку десетици градови и беа изградени нови претпријатија. Напуштените казашки степи беа идеален полигон за тестирање на првата советска атомска бомба 1949 година. Карактеристичниот релјеф на републиката беше добар за изградба на првиот космодром на светот „Бајконур“ 1957 година, кој функционира и денес.
Иосиф Будневич / Sputnik
Раководството на Казашката ССР внимателно го следеше процесот на распаѓање на Советскиот Сојуз, кој започна во доцните 1980-ти. Тесната поврзаност на економијата на републиката со економијата на Советска Русија, како и фактот што нејзиното изворно казашко население по број заостануваше значително зад неказашкото население (само 6,5 милиони во однос на 16 милиони 1989 година), влијаеа таа да дејствува многу претпазливо. Така Казахстан беше последниот што го напушти СССР, прогласувајќи независност на 16 декември 1991 година.