Жителите на СССР и на современа Русија се навикнати на тоа дека Нова година е најважниот зимски празник. Тие ја прославуваат бучно, често со голем број луѓе. Има многу храна, традиционални салати со мајонез, сендвичи со кавијар, мандарини и шампањско, а тука е и задолжителната видеочеститка на шефот на државата на телевизија, непосредно пред полноќ. Потоа следува веселба до зори, се пукаат петарди и се гледаат огномети. Русите се чудат на фактот што странците одат на спиење по полноќ (или воопшто не ја дочекуваат Новата година).
Сепак, треба да се каже дека обичајот на прослава на „најлудата ноќ“ се појавил дури во текот на триесеттите години од минатиот век. Советската влада одлучила да направи празник кој првенствено би бил за децата, со цел тие да можат да добија подароци. Покрај тоа, СССР на Нова година ѝ доделил и накитена елка, која претходно била главен атрибут на Божиќ. Постепено на празникот му се придружиле и сите возрасни граѓани, навикнати на голема прослава среде зима.
МАММ / МДФ / Russia in photo
Според календарот на Православната црква Божиќ паѓа на 25 декември. Пред револуцијата и Црквата и државата го користеле истиот, јулијанскиот календар. Во 1918 година болшевиците преминале на грегоријанскиот календар, а Црквата останала на јулијанскиот, така што дошло до несоодветност, односно 25 јануари според црковниот календар е всушност 7 јануари според државниот календар (кај католиците ова несогласување не постои зашто тие одамна преминале на грегоријанскиот календар).
МАММ / МДФ / Russia in photo
Божиќ отсекогаш бил нешто повеќе од обична ноќна гозба. Овој ден се очекувал со големо нетрпение. Наспроти празниците се организирале „свјатки“ (поклади), односно бурни прослави и маскаради, кои потоа траеле уште две недели. Овој обичај има длабоки корени во минатото на словенските племиња.
МАММ / МДФ / Russia in photo
Лев Толстој вака го опишува тој весел период во романот „Војна и мир“: „Слугите преправени во мечки, во Турци, во крчмари и во госпоѓи – и страшни и смешни – внесуваа студенило и веселба. Најпрво сите се туткаа во претсобјето, криејќи се еден зад друг, туркајќи се еден со друг во салата. На почетокот пееја срамежливо, а потоа сите повесело и посложно, за на крајот сè да се ореше од песни и од празнични игри“.
МАММ / МДФ / Russia in photo
Наспроти Божиќ во многу градови се организирале добротворни базари.
Карл Була / МАММ / МДФ / Russia in photo
Пред сè потребно било да се погрижат сите деца да добијат подароци. Градските власти често организирале доделување подароци за сиромашните и за незгрижените деца.
Централен државен архив на филмски и фотографски документи на Санкт Петербург/Russia in photo
Кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век станало модерно да се испраќаат божиќни честитки. Обично кон ова се пристапувало со целосна одговорност: честитките ги цртале познати сликари, тие благовремено се потпишувале и се носеле во пошта. Овој обичај беше задржан и во советскиот период.
МАММ / МДФ / Russia in photo
Важен потфат бил изборот на божиќното дрво. Благородниците ги испраќале слугите в шума, а луѓето од понискиот статус самите оделе да бараат елка.
Иван Авдонин / МАММ / МДФ / Russia in photo
Жителите на градовите, пак, оделе на пазар да купат елка, што е случај и денес.
Карл Була / МАММ / МДФ / Russia in photo
Од друга страна, не било лесно ниту да се довлечка од шума голема елка доколку човек нема своја кочија или не може да изнајми кочијаш.
Георгиј Неситов / Архива на Александар Анатољевич Акилов / Russia in photo
Елката се китела во тајност од децата. Дури кога сè ќе било подготвено, возрасните со ѕвоно ги повикувале децата за да го видат ова божиќно чудо. И децата навистина биле воодушевени!
МАММ / МДФ / Russia in photo
Еве како Лев Толстој во 1870 година го опишал Божиќ: „На Божиќ имаше прекрасна елка. Хана и јас со децата претходно обоивме ореви со златна боја, облекувавме кукли, лепевме кутивчиња и правевме цветови. Дјакови донесоа грст прекрасни украси кои нашите драги пријатели ги избрале со посебен вкус и со љубов. Преку ден сите се лизгавме на мразот... и бевме необично весели и среќни“.
Петар Веденисов / МАММ / МДФ / Russia in photo
„Од дамнина кај Свентики со елките се постапуваше на овој начин. Во десет, кога децата ќе си заминеа, се палеше друга елка за младите и за возрасните, и сите се веселеа до зори. Постарите цела ноќ игра карти <...> Целото друштво вечераше в зори“, вака Борис Пастернак ја опишува прославата на Божиќ во едно благородничко семејство на почетокот од 20 век во царска Русија.
Александар Гринберг / МАММ / МДФ / Russia in photo
„Елката дишеше со топлина и во неколку редови беше обвиена со светлечки низи, а покрај неа минуваа дами кои не учествуваа во танцот. Разговарајќи, шумолејќи со фустаните и газејќи се една со друга, тие правеа жив црн ѕид околу центарот во кој луѓето се вртеа во танцови двојки“, пишува Пастернак.
Централен државен архив на филмски и фотографски документи на Санкт Петербург/Russia in photo
Кон подготовката на божиќната вечера се пристапувало мошне сериозно. Како и денес, намирниците се избирале и се купувале многу порано. Луѓето постеле строго до самата божиќна ноќ, а се омрсувале со шунка, со кавијар и со пити со различни филови.
Георгиј Неситов / Архива на Александар Анатољевич Акилов / Russia in photo
Божиќните ручеци и приеми се приредувале и по празниците, сè до Нова година.
МАММ / МДФ / Russia in photo
Божиќ не се запоставувал дури ни на фронтовите. Руските единици секогаш имале свој воен свештеник. Во Првата светска војна во 1914 година во божиќната ноќ стивнале дури и борбените дејствија.
Сергеј Корсаков / МАММ / МДФ / Russia in photo