Зошто да не користиме тенкови за гаснење пожари? Ова прашање си го поставија советските инженери кон крајот на 1970-тите.
Тешките оклопни возила на гасеници нудеа во теорија некои предности за пожарникарите од тоа време.
Прво, тенковите во теорија можеа да префрлат вода и мешавини за гаснење оган директно во епицентарот на пожарот. Возилата на гасеници немаа гуми подложни на пожар, а гасениците можеа да поднесат високи температури.
Второ, тенковите се сметаа за корисни и од уште една друга причина, да ги расчистат запалените урнатини и на тој начин да го разбијат пламенот на помали делови кои полесно можат да се совладаат.
И трето, оклопот на тенковите можеше да ги заштити пожарникарите од шрапнели и фрагменти муниција, што беше проблем за пожарникарите при гаснењето пожари во воени и артилериски складишта.
ГПМ-54 беше првото возило од ваков вид. Произведено е кон крајот на 1970-тите во 17 оклопно-тенковски ремонтен завод на Министерството за одбрана на СССР во Лвов (тогаш дел од Украинската ССР). Тоа беше противпожарен тенк базиран на Т-54, еден од најдобрите советски тенкови.
Имаше резервоар за вода на местото каде што порано беше куполата. Возилото имало и булдожерска опрема и воден топ. Имаше резервоар за пена од 1100 литри и резервоар за вода од 9000 литри. Водата ја исфрлаше со брзина од 40 литри во секунда.
Од почетокот на производството во 1978 година, противпожарниот тенк ГПМ-54 беше на готовност на космодромот Бајконур, кој тогаш беше дел од СССР и кој Русија сега го изнајмува од Казахстан.
По експлозијата на нуклеарниот реактор во Чернобил во близина на градот Припјат (денешна Украина) на 26 април 1986 година, некои ГПМ-54 беа употребени за гаснење на пожарот на местото на несреќата.
До почетокот на 1990-тите, тенковите ГПМ-54 ги праќаа во противпожарните бригади специјализирани за гаснење шумски и големи индустриски пожари.
По распадот на СССР 1991 година, возилата се користеа и за гаснење пожари во складишта за муниција.
Иако замислата ветуваше многу, резултатот имаше некои сериозни недостатоци. Еден од нив беше тоа што возилото не можеше истовремено да се движи и да ја користи пумпата за вода.
Уште една маана беше тоа што дизел-моторите не можеа да издржат високи температури и понекогаш откажуваа среде извршувањето на задачата поради прегревање и недостаток на воздух на местото на пожарот. За членовите на екипажот ситуацијата во која би се нашле заробени во метална „конзерва“ без можност за движење беше речиси смртна казна, бидејќи не можеа да побегнат поради високата температура околу тенкот.
Овие недостатоци ги наведоа инженерите да бараат нови решенија и да осмислат нов модел на противпожарен тенк. Кон крајот на 90-тите беше направен прототип под називот СЛС-100.
Возилото имаше систем за далечинско управување и затоа можело да се користи во близина на извори на радиоактивно зрачење и хемиска контаминација, како и во други опасни реони без да се загрози екипажот. Меѓутоа, доколку ситуацијата дозволуваше, тенкот можеше да го управува двочлен екипаж.
Дометот на водениот топ и топот за исфрлање пена беше драстично зголемен и достигнуваше 100 метри и 70 метри.
Уште еден модел на противпожарен тенк – Импулс-2М – беше произведен 1988 година. Новиот противпожарен тенк беше базиран на советскиот борбен тенк Т-62.
Импулс-2М има 50 топовски цевки за истрелување капсули со вода, песок или противпожарен прашок. Гасеничното возило може да се движи со брзина до 50 км/ч и тежи околу 35 тони.
Може да издржи потисок наназад од пет последователни плотуни од десет цевки благодарение на силната платформа Т-62. Системот за автоматска контрола спречува случајно пукање од повеќе од десет цевки истовремено. Покрај тоа, има систем кој го штити трупот на возилото од пламен и прегревање, со што се решава најакутниот проблем на моделот ГПМ-54.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче