Како гулабите ѝ помогнаа на Црвената армија да победи во Втората светска војна

Петров /Sputnik
На советските крилати офицери за врска на бојното поле често се нафрлила специјално обучени германски јастреби и соколи.

Од древна Кина и од Руската империја воената пошта со гулаби важеше за исклучително ефикасна и на големо се применуваше во војните. Така за време на Втората светска војна гулабите ја продолжија својата мисија, спасувајќи ги војниците кога нивните најсофистицирани радиостаници престануваа да работат.

Гулабите во определена мера се користеле во вооружените сили на речиси сите држави кои учествуваа во овој светски конфликт. Тоа важеше и за Советскиот Сојуз чии крилати војници мораа не само да пренесуваат пораки, ами и да напаѓаат непријателски авиони.

Црвената војска од гулаби

Кон средината на дваесеттите години од минатиот век интересот за поштата со гулаби во Црвената армија, кој во извесна мера беше изгубен по завршувањето на Првата светска војна, повторно се разгоре. Пред сè малите пердувести помошници ѝ беа потребни на Работничко-селанската Црвена воздухопловна флота.

Кога станува збор за повеќе од скромниот развој на средствата за воздухопловна радиоврска, гулабите почнаа да се користат за испраќање разузнавачки податоци или координати во случај на принудно слетување на некој авион. Гулабограмите (депешите) се пишувале на тенка хартија и се ставале во лесни метални контејнери, прицврстени за ножето на птицата.

Правени се и експерименти на полетување на гулаби од авиони кои летале на висина од 300 метри до неколку километри. По пуштањето птиците веднаш би се ориентирале во просторот, летале кон земјата и се насочувале кон своите гулабарници.

Заменикот на народниот комесар за воени и поморски прашања на СССР Јосиф Уншлихте во 1928 година предложил во земјата да се воведе „воена обврска за гулаби“ со цел да се одговори на потребите на Црвената армија во воено време со гулаби писмоносци, кои им се неопходни на службите за врска. Веќе следната година во вооружените сили беше воведена професијата „воен дресер одгледувач на гулаби писмоносци“.

Способните птици служеле во копнената војска, во авијацијата и во флотата и се користеле за обезбедување на државните граници. Интензивно е развиена мрежа како на стационарни, така и на подвижни воени бази со гулаби на патен и на запрежен транспорт. Во СССР во 1938 година дејствувале повеќе од 250 станици со триесет илјади птици.

Сепак, неколку воени операции на Црвената армија од крајот на триесеттите години (судирот со Јапонија на реката Халкин Гол, советско-финската војна) ја покажаа неефикасноста на поштата со гулаби. Поради брзото движење на единиците и честата промена на локацијата нејзината примена била едноставно невозможна.

„Овој вид врска во современите форми на дејствување не е оправдана“, реферираше во август 1940 година началникот за врска на Западниот посебен воен округ генерал0мајор Андреј Григорјев на своето раководство. Тој се залагаше гулабите како средство за оперативна врска да се исклучат од средствата за врска и да се префрлат во извидувачките оддели за обезбедување достава на службени информации.

Пердувестите војници против нацистите

Сепак, војната против нацистичка Германија која наскоро започна покажа дека е рано да се стави точка на поштата со гулаби и дека пердувестите војници можат да бидат од голема корист на боиштето.

Обучените гулаби се користени за оперативна врска со штабовите со единиците во првите борбени редови. Кога радиостаниците престануваа да функционираат единствена надеж беа сигурните крилести офицери за врска.

Врската со гулаби стана важна алка во системот за одбрана на Москва. За придонесот во спасувањето на главниот град триесетина гулабари беа одликувани со ордени и со медали.

Германците, кои и самите користеа пошта со гулаби, одлично знаеја каква неволја можеа да им донесат пердувестите војници во рацете на партизаните и на илегалците. Тие од жителите на окупираните територии бараа да им ги предадат сите гулаби што ги поседуваат. Непослушноста неретко се казнуваше со смрт. Така 16-годишникот од Ростов на Дон Виктор Черевичкин беше стрелан на 28 ноември 1941 година поради тоа што една недела ги криел своите птици.

Стреланиот Виктор Черевичкин, 22 ноември 1941 година.

За пресретнување на советските гулаби Германците имале обучени соколи и јастреби. Зачуван е извештај за една тажна судбина на гулаб регистриран под бројот 48. Него неколку пати го имаат нападнато јастреби, но на крајот сепак успеал да се врати дома: „Веќе на самрак пред нозете на гулабарот Попов падна гулабот со број 48. Едното ноже му беше скршено и одвај се држеше на танката кожа, плеќите му беа искубани, а на градите имаше закоравена крв. Гулабот тешко дишеше и грабеше воздух низ отворениот клун. На крајот го спаси еден ветеринар кој мораше да го оперира“.

Крилатите офицери за врска обезбедуваа непречена врска на штабовите со групите од армиската и дивизиската извидница кои дејствуваа во непосредната заднина на непријателот. За таа намена на некои задачи заедно со борците заминуваа гулабари со дваесет до триесет гулаби сместени во плетена корпа. Птиците станаа речиси најсигурното оперативно средство за добивање и за проследување информации за бројни партизански одреди.

На Вториот прибалтички фронт во 1944 година беше формирана специјална чета за пошта со гулаби. Гулабите, а ги имаше 500 под надзор на 80 војници беа обучени да летаат во 22 правци во полупречник од 10 до 15 километри. За шест месеци тие имаат доставено повеќе од четири илјади „гулабограми“.

Покрај гулабите за врска, Црвената армија можеше да добие и таканаречени гулаби со проектили или со муниција. Птиците слетуваа на бомби закачени за крилата на германските авиони. Проектилот автоматски ќе се откачеше, овозможувајќи му на пердувестиот диверзант да одлета, по што доаѓаше до активација.

Меѓутоа, проектот на вооружените гулаби всушност не се применуваше во практика. Птиците воопшто не ги разликуваа авионските бомби на непријателските авиони од авиобомбите на советските бомбардери и можеа да претставуваат голема опасност за својата авијација.

Вооружен гулаб и уништена авионска бомба

Советската војска од гулаби имаше огромни загуби во Втората светска војна. Сепак, успеа во голема мера да придонесе за заедничката победа, доставувајќи десетици илјади важни информации на определени адреси. По завршувањето на војната технолошкиот напредок дефинитивно ги потисна гулабите од системот за воена врска, а паралелно со укинувањето не станиците со гулаби пердувестите војници се упатија на заслужен одмор.

Прочитајте исто така: Како глувците ѝ помогнале на Црвената армија да ги победи Германците во Сталинград

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња