Извор:РИА Новости
Пред Втората светска војна Московската зоолошка градина имала долг период на процут. Бил отворен нов сегмент на градината, каде посетителите конечно можеле да ги видат животните надвор од кафез, во пространи оградени градини. Колекцијата била проширена и обогатена со видови кои биле многу популарни. Имало слонови, нилски коњи, мајмуни, лавови и тигри. Стасале во Москва од разни земји. Кон крајот на триесеттите години од минатиот век во Московската зоолошка градина имало 425 вида цицачи, птици, влекачи и риби.
Како да се спаси носорогот
Кога започнале борбите, било решено највредните примероци, како што се амурскиот тигар, снежниот леопард, гривестиот павијан, рисот, лавот, пумата и некои други животни, да бидат испратени во Свердловск (денеш Екатеринбург, 1667 километро од Москва) и во Сталинград (денешен Волгоград, 969 километри од Москва). Од големите цицачи останале само една лавица и првата бела мечка родена во зоолошката градина.
„За делот од колекцијата што бил испратен во Сталинград, одговорен бил зоологот Михаил Колесников“, објаснува раководителката на научно-образовното одделение на Московската зоолошка градина Елена Мигунова. „Но, тој загинал на фронтот и затоа не е познато што се случило со тие животни. Групата што била испратена во Свердловск стасала во целост. Во неа биле африкански слон, носорог, гну, сибирски јарец, арабиски леопарди и шимпанза. Слонот, носорогот и некои големи мачки настрадале поради неповолните услови во кои морале да живеат“.
Раководителот на одделот за големи цицачи Мирѕа Крумина си споменува како во тоа време таа и нејзините колеги живееле во зоолошката градина и спиеле на подовите во своите кабинети. Животните со коњски запреги биле носени во болници, за ранетите да можат да се забавуваат и да заборават на стравовите од војната, дружејќи се со нив.
Како да се преживее бомбардирањето и да се прехранат животните
На новиот дел од зоолошката градина бил сместен магацин со муниција, а над него била поставена противвоздушната батерија. Жителите на ова место – волците, хиените и мечките – биле префрлени на стариот дел од зоолошката. Уште една противвоздушна батерија се наоѓала на територијата на денешната Детска зоолошка градина.
Кон крајот на триесеттите години од минатиот век во Московската зоолошка градина имало 425 вида цицачи, птици, влекачи и риби.
Целиот колектив бил подготвен за бомбардирање. Зоолошката градина била бомбардирана ноќта помеѓу 4 и 5 јануари 1942 година. Опстанала и покрај пожарот. Загинале вработени кои го дале својот живот за да ги спасат животните.
Бомбите директно ја погодиле зградата за копитарите која се наоѓала на новиот дел од градината. Сите веднаш помислиле дека животните загинале, но, за среќа, не било така. Вработените во зоолошката градина ги извеле од зградата во пламен. За време на нападите со запаливи бомби зоолозите останале покрај своите штитеници. Од дома носеле ќебиња и облека за да ги затворат скршените прозорци кај животните.
Животните на различен начин реагирале на воената ситуација. Дивокозите, ирвасите и елените, кои по природа се плашливи, биле вознемирени поради бомбардирањето и избезумено трчале низ оградениот простор. На тој начин често се здобивале со повреди. „надлетувањето на авионите видно не ги вознемири припадниците на семејствата мачки и големите птици-грабливки, како и слоновите“, објаснува Мигунова. „И не само тоа. Вработените во зоолошката посведочија дека еден слон им помогнал да изгаснат запалива бомба. Тој ја наполнил сурлата со вода од ровот во градината и со неа ја испрскал бомбата што горела“.
Секако, раководството на зоолошката градина се соочило и со проблем како да ги прехрани животните. Зоолозите самите подготвувале сено. За време на борбите кај Москва работниците на зоолошката буквално под дожд од куршуми довезувале сено од полињата, додека месојадците ги хранеле со месо од настраданите коњи.
Во Московската зоолошка градина во 1944 година почнале да стигнуваат животни од други менажерии. Ги подарувале војници и членови на поларни експедиции. Планското купување животни од други градови започнале во 1945 година. Тогаш лавовите, волците, камилите, чакалите, мајмуните, леопардите и други животни се доселиле во веќе обновените простории и градини на зоолошката градина на престолнината.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче