Кои уметнички дела и културни добра нацистите ги украле во СССР и ги однеле во Германија

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
СС „кунст баталјоните“ тргнале во пљачкосување во првите часови од нападот на СССР. За време на Втората светска војна во Германија се однесени повеќе од еден милион предмети од музеите и од библиотеките во Советскиот Сојуз. Многу од нив сè уште не се вратени во земјата, ако воопшто не се изгубени. Ова е само мал дел од тоа богатство.

Нацистичката пљачка на културните добра од другите земји наводно имала за цел отворање огромен музеј на ремек-дела од целиот свет, книги и ракописи, музички инструменти и ноти, слики и скулптури, древни историски артефакти. Затоа специјалните СС одреди имале задача да ги конфискуваат културните добра и да ги однесат во Германија.

За време на војната оштетени се повеќе од 400 советски музеи, а во библиотеките уништени се 115 милиони печатени изданија. Во каталогот на културни добра, опљачкани или исчезнати во тоа време, во 18 свески наведен е 1.177.291 музејски експонат, а регистарот, покрај тоа, постојано се дополнува.

Ова се само најпознатите нацистички пљачкосувања на територијата на СССР.

Слики од Третјаковска галерија

Во првите денови на војната голем број слики биле евакуирани во Сибир и потоа биле успешно вратени на своето место. Меѓутоа, повеќе од 30 слики од Третјаковската галерија биле привремено изложени во претставништвата на СССР во Германија, Австрија, Чехословачка и во Полска.

Пљачкосувањето на советските културни добра започнало во првите часови од нападот на Германија. Специјалните „кунст баталјони“ од советските амбасади и од трговските претставништва носеле вредни документи, мебел и, секако, слики. Многу од овие дела се нашле пред сè во приватни раце, засекогаш се изгубени ремек-дела како што се „Слепи просјаци во Малорусија“ на Владимир Маковски, „Зимска вечер“ и „Стогови“ на Николај Дубовски, „Борови над карпата“ на Иван Шишкин.

Исчезнале и неколку северни пејзажи на Александар Борисов, што своевремено ги купил основачот на галеријата Павел Третјаков. Едно од тие дела исчезнато во 1896 година беше пронајдено на пазарот на антиквитети во 2006 година, а станува збор за сликата „Планината Ваљчика на вечерна светлина во средината на септември“. Сликата беше успешно вратена во галеријата.

Килибарната соба од Царското село

Музејските работници во Санкт Петербург, тогашен Ленинград, херојски во рекордно кус временски период спакуваа, скрија и евакуираа милиони артефакти од ликовните галерии и од царските дворци. Сепак, не можеше сè да биде спасено. Експонатите кои останаа беа внимателно спакувани, а ѕидовите од Килибарната соба беа обложени со вата и излепени со хартија за да се заштитат од експлозија.

Нацистите кои го зазедоа Царското село и други предградија на Ленинград опљачкаа голем број од преостанатите слики. Во дворците ги одлепија сите свилени тапети и дрвените подови направени во мозаик. Кога станува збор за Килибарната соба, имаа посебна наредба, па а неколку дена ја демонтираа и однесоа сè што имаше во неа. По војната собата исчезна, а истражувачите веруваат дека се наоѓала во кралскиот замок во Кингзберг и дека изгорела во времето на заземањето на градот кој потоа стана советски Калининград. Постојат и други верзии за тоа дека била скриена во рудници, па дури и дека ја однеле Американците. Инаку, потрагата по собата трае до денешен ден.

Килибарната соба спаѓа во најголемите и најпознатите изгубени културни добра од Советскиот Сојуз. Кон крајот на деведесеттите години во Германија за време на еден обид за продажба беа конфискувани фрагменти на автентичната соба, мозаик и килибарната комода. Како што излезе, еден СС офицер кришум ги изнел како сувенири. На почетокот на веков тие беа вратени во Русија, а во 2003 година во Царското село беше завршена реконструкцијата на Килибарната соба направена од калининградски килибар. Меѓу спонзорите имаше и германски компании.

Градинарска уметност од царскиот дворец во Петергоф

Петергоф се наоѓа на територијата што ја окупираа Германците. Беше тешко оштетен. Раскошниот Голем дворец во Петергоф нацистите го беа претвориле во урнатини, го уништија уникатниот систем фонтани и ги запалија дрвјата во царската градина. Со цел да се зачуваат вредните градинарски скулптури вработените во Музејот ги спакувале и ги закопале наспроти нападот. Дел од нив успеале да ги преместат во Исакиевскиот собор во Петербург.

По ослободувањето на Петергоф, во јануари 1944 година, поголемиот дел од евакуираните скулптури беа успешно вратени. Сепак, музејските стручњаци не ги пронајдоа големите скулптури на Самсон, Волохов и многумина други, кои исчезнаа без трага.

Од она што исчезна најголеми димензии имаше фонтаната „Нептун“ која Германците ја беа однеле во Нирнберг каде што по иронија на судбината во 18 век ја купил Павел Први. Композицијата, за среќа, беше пронајдена во 1948 година и беше вратена.

Црковни драгоцености од Новгородската област

За време на војната Новгородската област беше окупирана од страна на германските единици. Новгородската Софија, еден од најстарите руски храмови беше тешко оштетена во гранатирање во 1942 година. Гранатите ги пробија ѕидовите и плафонот и уништија бројни фрески. Беше оштетена и куполата на храмот, а златната оплата Германците ја претопија и ја користеа за сувенири кои ги испраќаа дома. Од храмот се однесени и голем број драгоцености, вклучувајќи го и иконостасот и паноата во мозаик.

Војниците на шпанската Сина дивизија кои војуваа на страната на нацистите, го украдоа и два метри високиот позлатен крст кој се наоѓаше во главната купола на храмот. Повеќе од педесет години се чуваше во Воено-инженерската академија крај Мадрид, а во 2004 година свечено ѝ беше вратен на Руската православна црква. Оваа реликвија денес се чува во храмот.

Од Црквата на свети Мина во Стара Русија, недалеку од Новгород, Германците ја однесоа камбаната. На камбаната го забележале натписот со името на авторот „Алберт Бенинг, Либек, 1672“. Многу одамна Новгород бил дел од Ханзеатскиот сојуз, како и Либек. Германците камбаната ја однеле во „татковината“ како „подарок од Источниот фронт“.

„Старата камбана од езерото Иљмењ нема да ги зацели раните од бомбите и гранатите. Меѓутоа, за еден германски војник ќе има симболично значење кое вели дека тој не е ландснехт (наемен војник) или суров поробувач, ами чувар на древната култура“, има напишано во 1942 година еден германски фронтовски весник. Овој напис со панорама на родната Стара Русија го има пронајдено и зачувано еден советски војник. Многу години подоцна тој за ова му раскажал на историчарот на месноста Нина Богданова која влегла во трага на камбаната. Градоначалникот на Либек ѝ ја врати камбаната на Стара Русија. Денес се чува во локалниот музеј.