Најголемиот пораз што американските единици го имаат доживеано во Русија

Американски војници ги чекаат бродовите кои ќе ги вратат дома. Лето 1919 година.

Американски војници ги чекаат бродовите кои ќе ги вратат дома. Лето 1919 година.

US National Archive
Русите и Американците ретко директно се судирале на бојното поле. До најкрвавите судири дошло кога САД зеле учество во Граѓанската војна во Русија.

Утрото во северното руско село Нижна Гора тој 19 јануари 1919 година било ведро и студено. Американските војници биле разместени на ова место и спиеле во своите постели кога одненадеж моќна артилериска канонада ги принудила да скокнат на нозе. Тие веднаш истрчале надвор и виделе како од само неколку стотина метри кон нив од снегот се подигаат војници на Црвената армија облечени во бело. Така започнала битката која во голема мера ја предодредила судбината на странската интервенција на рускиот Север во текот на Граѓанската војна.

Американски војници на руска земја

Американски војници за време на товарењето залихи за бродот кој тргнува за Русија, 1918 година.

Главната причина што ги побуди САД, Велика Британија и Франција да започнат интервенција во Русија беше Брестскиот мировен договор кој на 3 март 1918 година го потпишаа Централните сили со болшевиците откако тие дојдоа на власт во Русија. По излегувањето на Русија од војната Германците имаа можност со сета сила да се нафрлат на Французите, што сојузниците никако не можеа да го дозволат.

Во Вашингтон, во Париз и во Лондон е донесена одлука да се укаже воена и материјална помош на непријателите на болшевиците, таканаречените „бели“, кои отворено изразуваа подготвеност да војуваат против Германија до конечна победа. Покрај тоа, на руските пристаништа беше концентрирано огромно количество воен товар кој сојузниците претходно го беа испратиле на руската армија. Беше важно овој товар да не дојде во рацете на комунистите.

Летото 1918 година над пет илјади војници на американската армија излегоа на северното руско пристаниште Архангељск. Отприлика во исто време уште осум илјади се појавија на рускиот Далечен Исток, за меѓу другото да ги ограничат територијалните претензии на Јапонија, нивниот нов геополитички противник кој исто така учествуваше во интервенцијата.

Американски контингент во дивината на крајниот север на Русија.

Есента истата година белогардејските единици со поддршка на странските интервенти (главно Американци и Канаѓани) се пробија 300 километри на југот до Архангељск и го зазедоа градот Шенкурск на брегот на реката Вага, па така продреа длабоко во територијата што ја контролираа болшевиците. Околу градот во три реда беа развлечени препреки од бодликава жица, го бранеа малобројни митралески гнезда и неколку десетина артилериски оружја, така што тој на советската команда ѝ беше како коска во грло.

Битката кај Шенкурск

Американски војници, камуфлажа во снег.

На болшевиците не им тргна од рака да го заземат Шенкурск есента, па затоа главниот напад на советската 18 стрелачка дивизија на 6 армија на градот беше планиран за јануари 1919 година. Дивизијата броеше 3.000 лица, а од другата страна имаше 300 Американци и 900 белогардејци и Канаѓани.

Црвеноармејците со поддршка на партизаните планираа истовремено да нападнат од три страни, и тоа среде суровата северна зима, немајќи никакви сигурни средства за врска. „Мене ми беше кристално јасно дека доколку една ваква операција би му ја претставил на професорот генерал Орлов во Академијата на Генералштабот, не би можел да се приближам на Генералштабот“, пишува во мемоарите „Два животи“ авторот на планот, советскиот командант и некогашен царски генерал Александар Самојло.

Единиците на 18 дивизија кришум се префрлија кон Шенкурск и во околните села каде се наоѓаа гарнизоните на белогардејците и интервентите. Поднесувајќи ги температурите од речиси минус 40 степени според Целзиус и пропаѓајќи во длабокиот снег, црвеноармејците покрај сето тоа со себе влечеа и тешка артилерија.

Американски војник дели варен ориз на болшевичките затвореници, јануари 1919 година.

За нападот да биде што поголемо изненадување на борците им беше наредено над шинелите да облечат долна облека. Белите кошули и белата долга долна облека играа камуфлажна облека (зашто имаше снег) и им овозможи на напаѓачите незабележливо да се приближат на непријателските положби на стотина метри.

Непријателот беше изненаден од појавата на црвеноармејците со тешка артилерија на теренот за кој се мислеше дека е непрооден. И покрај тоа, на болшевиците им беа потребни пет дена за да ги потиснат белогардејците, Американците и Канаѓаните, и да ги принудат да се повлечат кон градот. „Снегот беше длабок до појас. Тоа беше вистински кошмар. На секој наш чекор некој од нашите несреќни другари паѓаше мртов или ранет. Беше невозможно да им се даде ниту помош, секој се бореше за својот живот“, пишуваше подоцна Хари Мид.

Заробени болшевици

Решавачкиот јуриш на градот беше планиран за 24 јануари. Без да го дочекаат нападот, белогардејците и интервентите брзо се повлекоа од Шенкурск преку единствениот пат што „црвените“ не го пресекоа, кон селото Виставка.

Горчлив пораз

Офицери на сојузничкиот експедициски корпус во Архангељск во 1919 година.

Војниците на 6 армија влегоа во градот и ги запленија воените магацини со 15 оружја, 60 митралези и 2.000 пушки. Големите резерви намирници останаа целосно недопрени. Токму овие резерви му помогнаа на противникот да се повлече зашто изгладнетите црвеноармејци кренаа раце од гонење и се фрлија на храната.

Свежи американски гробници во Русија

По Шенкурската операција силата на белите и интервенистите останаа без важното упориште и беа отфрлени 90 километри на север. Само американските и канадските единици имаа 40 мртви и околу стотина ранети, што беше болен удар за интервентите кои планираа да бидат што е можно подалеку од подрачјето на борбените дејствија. За споредба, американскиот корпус „Сибир“ броеше 8.000 војници, а за една година, колку што мина на рускиот Далечен Исток и на Сибир, во сите борби имаше одвај 48 мрви и 52 ранети војници.

Американски единици се постројуваат пред заминувањето од Русија во јуни 1919 година.

Шенкурската катастрофа силно го поколеба борбениот дух на интервенцијата, предизвикувајќи превирања во многу американски, британски и француски единици чии војници не сакаа да умираат во војна што не ја водат тие. Таа воедно одигра и важна улога во таа смисла што властите на САД и нивните сојузници набргу сериозно почнаа да размислуваат за придобивките и за цената на престојот на нивните единици на територијата на Русија.

Прочитајте исто така: Како еден американски пилот во советско-полската војна го смисли Кинг Конг

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња