На 30 септември 1941 година 2 тенковска група на Хајнц Гудеријан, стационирана во реонот на украинското гратче Шостка, започна офанзивата на Москва. На 2 октомври, според планот за операцијата „Тајфун“, во офанзива тргнаа и сите останати сили на групата армии „Центар“ со цел освојување на советската престолнина. Така започна една од најзначајните битки во Втората светска војна.
Во текот на два месеци Црвената армија со последните сили мораше да го издржи жестокиот притисок на непријателот кој иташе кон главниот град на земјата. Тешки крвави борби се бореа за секое населено место. Истрајниот отпор на советската војска го исцрпуваше Вермахтот и ја поткопуваше увереноста на неговата команда за победа.
Кон крајот на ноември германската офанзива конечно ги исцрпе своите сили. На 5 декември началникот на Генералштабот на копнената војска на Германија Франц Халдер во својот дневник има запишано: „Фон Бок (командантот на групата армии Центар – заб. ред.) јавува: силите се истрошени. 4 тенковска група утре не може да замине во напад“.
Како што излезе, германската војска мораше подолго време да заборави на офанзивата. Истиот ден, на 5 декември, Црвената армија премина во внимателно испланирана и доброподготвена контраофанзива, во која збунетиот и дезориентиран непријател е потиснат 100-250 километри од градот, а германската стратегија за молскавична војна во СССР е целосно заборавена.
1. „Градиме утврдувања под непрекинат непријателски оган. Не стасуваме да ги завршиме, настаните се одвиваат премногу брзо. Борбата е во тек. Огнот, грмотевиците од тенковите, немаме на што да се потпреме освен на пушките и на пријателското раме. Нè бомбардираат. Германците на војниците од авион фрлаат сè што ќе им дојде под рака: буриња, парчиња метал. Ѕверови! Во вреќата што одозгора падна врз нас најдовме труп со порака: 'Ова ви е претседателот на колхозот'. Ќе ги вложам суре суку да им покажам на фашистичките шубриња за што се способни советските војници“, белешка од дневникот на непознат командир на подољските кадети од 12 октомври 1941 година.
2. „Дење одевме на училиште, а навечер го чувавме аеродромот каде се наоѓаше ловечкиот полк. Потоа, кога започнаа воздушните напади врз Москва, се покажаа ракетните сили. Тие на германската авијација со ракети ѝ даваа сигнали, а нас нè упатуваа на нивната трага. Еден забележавме и почнавме да го следиме. Сфати дека нема каде да избега, истрча во клозетот и таму се обеси“, жителот на градот Клин Николај Хољанов.
3. „Таа ноќ (помеѓу 16 и 17 октомври, кога жителите на Москва ги фати паника поради гласовите за тоа дека градот наскоро ќе се предаде – заб. ред.) имавме чувство дека Германците во секој момент можат да се појават на улиците. Но, тие не дојдоа таа ноќ Следното утро целата фабрика беше минирана. Доволно беше да се притисне копчето и целиот комбинат да одлета во воздух. А, потоа се јави претседателот на Моссовет Пронин и рече: 'Не уривајте ништо'. Истиот ден беше соопштено дека Сталин е во Москва и расположението на народот веднаш се смени. Сега сите беа сигурни дека Москва нема да се предаде“, работничката на текстилниот комбинат „Трјохгорнаја мануфактура“ Ољга Сапожникова.
4. „Кога сосема се приближивме до Москва, расположението на нашите командири и на војската одеднаш драстично се промени. Со изненадување и со разочарување во октомври и на почетокот на ноември сфативме дека поразените Руси воопшто не исчезнаа како воена сила“, началникот на штабот на 4 армија на Вермахтот генерал Гинтер Блументрит.
5. „На 7 октомври 1941 година нашиот пол учествуваше на парадата посветена на 24-годишнината од Октомвриската револуција... Нè доведоа на Црвениот плоштад, паѓаше снег, а бевме добро расположени. Не се слушаат пушки, не грмат топови. Каде дојдовме? Директно во рајот!.. Оваа парада имаше такво влијание врз нас... Ни се чинеше дека тоа е веќе Парадата на Победата“, артилерецот Габас Жуматов.
6. Понекога се обидувам во сеќавањето да ги вратам деталите од московските борби, но ништо не ми доаѓа. Сите сеќавања можат да се соберат во една низа: глад, студенило и смрт насекаде наоколу... Не ни дадоа валенки (ватирани чизми – заб. ред.), а шинелите ни беа старите, кадетските, кои не нè штитеа од зимата. Постојано траат борбите, тенковите пукаат, топовите грмат, ние напаѓаме, Германците напаѓаат...“, митралезецот Пјотр Дељатицки.
7. „Во текот на еден и пол час по должината на целиот фронт грмеше, а потоа сите пет армии преминаа во напад. Покрај нас беше коњицата на Доватор, така што прво тргнаа тие, а потоа ние добивме наредба: 'Напред!' И тргнавме. Одиме, а Германците не ги гледаме, толку бргу избегаа. Тогаш и уште се чудев: 'Види го сега ова! Како што ние бегавме од границите на Москва, така сега бегаат тие!' Сите се развеселија, се смееме: 'Конечно ние ги бркаме! Готово – победата ќе биде наша!' И така напредувавме некои 200 километри“, пешадинецот Тунгчубај Апасов.
8. „Тука е пекол. Русите не сакаат да заминат од Москва. Тргнавме во офанзива. Секој час ни стасуваат страшни вести. Те молам, престани да ми пишуваш за свилата и за гумените чизми што ветив дека ќе ти ги донесам од Москва. Сфати, јас гинам, ќе умрам, го чувствувам тоа“, од писмото на војникот Фолгејмер до жена си.
9. „Кога ме прашуваат што најдобро имаш запаметено од изминатата војна, секогаш одговарам: битката за Москва. Во сурови, често исклучително тешки и сложени услови нашата војска се калеше, јакнеше, собираше искуство и, откако во рацете доби минимално неопходно количество борбени и материјални средства, од одбранбени сили во повлекување стануваше моќна офанзивна сила... Во битката кај Москва беше поставен сигурен темел за подоцнежна победа над фашистичка Германија“, од „Сеќавања и размисли“ на маршалот Георгиј Жуков.
Прочитајте исто така: Како им пропадна блицкригот на Германците кај Москва во 1941 година (ФОТОГРАФИИ)
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче