Во Русија пронајдени недопрени стаклени фигури за стара игра на маса од времето на Римската империја

Историја
RUSSIA BEYOND
Античката игра на маса Ludus latrunkulorum или Latrunkuli (во превод мали разбојници или платеници), која била популарна во периодот од првиот до четвртиот век од н.е., но и монети, керамички садови, килибарни мониста, се пронајдени на делницата на која се гради Приморскиот полукружен автопат во Калининградската област.

Ова го соопшти службата за односи со јавноста на Управата за федерални автопатишта Север-Запад.

Археолозите ги пронајдоа артефактите на градилиштето на новите делници на Приморскиот полукружен пат на местото каде што во периодот од третиот до седмиот век од нашата ера се наоѓале гробишта. Пронајдени се бројни предмети изработени од бронза, сребро, брошеви, приврзоци за дршки на ками, килибарни мониста, разновидно оружје, римски монети, керамички садови итн. Најмногу внимание привлекоа стаклените фигури користени за играта Ludus latrunkulorum или Latrunkuli, популарна во периодот од првиот до четвртиот век од нашата ера, се наведува во соопштението.

Според раководителот на археолошките работи Константин Скворцов од Институтот за археологија на Руската академија на науките, играта е нешто помеѓу игрите дама и шах. Била застапена на просторот на Римската империја и денешните Германија, Полска и скандинавските земји. Иако честопати ја споменуваат староримските автори, правилата на играта не се познати. Откритието е уникатно, речиси сто римски стаклени фигури се совршено сочувани во вреќичка. Во Калининградската област таков пронајдок немало во последните 170 години.

Како што се наведува, соработниците на Институтот за археологија ги започнале ископувањата на почетокот на август. Се истражувало на површина поголема од осум илјади квадратни метри. Работите ќе траат најмалку уште половина година. Сите артефакти ќе бидат проследени до државните музеи.