Најпознатиот советски падобранец

Russia beyond (Photo: Министерство за одбрана на РФ; Владимир Вјаткин/Sputnik)

Russia beyond (Photo: Министерство за одбрана на РФ; Владимир Вјаткин/Sputnik)

Василиј Маргелов од десантно-падобранските единици направи непобедлив род на руските вооружени сили.

1. „Дури и кога во воздухот ќе замириса на цвеќе што луѓето ќе го стават на твојот гроб, ти како падобранец сеедно мораш да се бориш сè дури твоите нозе не ја допрат земјата“, велеше Василиј Филипович Маргелов кој над 20 години командуваше со Десантно-падобранските единици на Советскиот Сојуз и кој направи од нив елита на Вооружените сили. Никој во советската (и во руската) „крилата пешадија“ не уживал толкава почит како „падобранскиот татко“ Маргелов.

Десантно-падобрански единици на СССР. Борбени вежби на падобранци на гардата.

2. „Падобранецот број 1“ не ја започна својата воената кариера во Десантно-падобранските единици. Тој во Втората светска војна во различно време има служено во морнаричката пешадија и во гардиските стрелечки единици, учествувал во форсирањето на Днепар, во ослободувањето на Херсонес (за тоа го има добиено звањето Херој на Советскиот Сојуз) и во борбите за Југоисточна Европа. „Тешко дека некој од нашиот полк ќе останеше жив да немавме командант каков што беше Маргелов“, се сеќаваше подоцна Григориј Бабочкин од 218 полк: „Во наизглед безизлезните ситуации... тој остануваше ладнокрвен и наоѓаше решенија... На овој човек му беше важен животот на секој војник. Му беа важни туѓите животи. Јас сега немаше да седам со вас доколку во тешките моменти не се штитевме еден со друг од куршумите и од шрапнелите, и јас Маргелов, и тој мене“.

Командантот на 49 гардиска стрелачка дивизија генерал-мајор В.Ф. Маргелов.

3. Во 1948 година Маргелов стана командант на 76 гардиска десантно-падобранска дивизија која, како што истакнуваше генерал Павел Павленко, во тоа време се наоѓаше во ужасно лоша состојба: „Материјално-техничката база на борбената подготвеност фактички беше на нула... Обуката во дивизијата се извршуваше прилично лошо, а дисциплината можеше да биде многу подобра. Откако детално ја проучи теоријата и практиката на десантно-падобранската служба Маргелов полека, но сигурно заведе ред во формацијата што му беше доверена. Веќе во 1954 година беше поставен за командант на сите Десантно-падобрански единици на Советскиот Сојуз и веднаш пристапи кон нивно квалитетно реформирање.

Василиј Филипович Маргелов и кадетите од 242 центар за обука на Десантно-падобранските единици, 2 август 1977 година.

4. „Со цел падобранците да ја извршат својата улога во современите операции потребно беше нашите единици да бидат мошне мобилни, со оклопна заштита и со доволна огнена ефикасност, со нив лесно да се управува, падобранците да бидат способни за десантирање во секој период од денот и ноќта и по атерирањето брзо да пристапат кон интензивни борбени дејствија. Тоа, во суштина, е идеалот кон кој треба да тежнееме“, велеше командантот.

Десантно-падобрански единици на СССР. Борбени вежби на падобранците од гардата. Десант на војници.

5. Василиј Маргелов воспостави добри врски со воената индустрија. Успеа да издејствува замена на застарените авиони Ли-2, Ил-14, Ту-2 и Ту-4 со помоќните и посовремени модели Ан-22 и Ил-76 кои можеа да примат многу повеќе падобранци и борбена техника.

76 дивизија на Десантно-падобранските единици. Псков. Подготовка за десант,

6. Откако виде колку на падобранците за време на десантирањето им е тешко да ракуваат со обично стрелачко оружје, Василиј Филипович издејствува создавање специјални модификации кои не го отежнуваат движењето на „крилата пешадија“, а тоа беа автомати (АКМС, АКС-74) и митралези (РПКС-76) со кундак што се склопува, компактни фрлачи на гранати СПГ-9 и олеснетиот РПГ-70.

Десанто-падобранските единици на СССР. Падобранци во строј. Подготовка за воената парада во чест на прославата на 53-годипнината од Големата октомвриска револуција на Црвениот плоштад во Москва.

7. Една од главните задачи Маргелов ја гледаше во опремувањето на своите единици со борбени возила кои падобранците би можеле да ги користат за превоз и за водење борба под заштита на оклопи против непријателската пешадија и оклопната техника. Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век овие единици почнаа да добиваат БМД-1 тежок нешто повеќе од 7 тони, опремен со полуавтоматски топ 2А28 „Гром“ со седумчлен екипаж. На базата на ова возило направени се самоодни артилериски системи, возила за управување со оган, а исто така и набљудувачки и командно-штапски возила.

Советски падобранци на борбено возило за пешадијата БМД-1, Авганистан, 25 март 1986 година.

8. Военото раководство го фалеше Маргелов, но тој самиот не беше премногу задоволен со примената на новите возила БМД. Техниката од авион беше десантирана одвоено од падобранците и скапоцено време се трошеше за војниците да ги најдат своите борбени возила и да ги заземат своите места. Затоа Маргелов изнесе предлог кој во тој момент беше револуционерен – екипажот да се десантира во оклопно возило. Така на 5 јануари 1973 година за првпат во светската практика со помош на падобранскиот систем „Кентаур“ од авион Ан-12 успешно беше десантирано возило БМД-1 со двајца членови на посадата во него. Еден од двајцата падобранци беше синот на командантот, Александар.

Командантот на Десантно-падобранските единици, генералот на армијата Василиј Маргелов им се заблагодарува на падобранците за одличната обука.

9. Сите единици на десантно-падобранските единици во времето на Маргелов добија сопствени опремени аеродроми. Благодарение на тоа од добивањето на борбената задача до полетувањето на падобранците во целосна воена опрема беа потребни само неколку часа. Настаните поврзани со операцијата „Дунав“, кога единиците на Источниот блок во 1968 година влегоа во Чехословачка, послужија како доказ за добро организирано, уиграно и молскавично дејствување на „крилатата пешадија“. „Кога падобранците влегоа во Академијата Запотоцки, офицерите на Чехословачката народна армија на топографските карти го забележуваа положбите на нашите единици кои ја преминаа границата. Се очекуваше дека овие единици ќе стасаат во Брно кон средината на денот. Исто така решително се блокирани и разоружени воените единици кои беа разместени во градот“, го извести Василиј Филипович своето раководство.

Псковска област. 24 август 1990 година. Товарење на БМД во транспортен авион ИЛ-76.

10. Токму за време на Маргелов десантно-падобранските единици добија сини беретки и „тељњашки“ (морнарски маици) кои подоцна станаа мошне познати. „Би сакал падобранците да ја наследат славната традиција на својот постар брат, односно на морнаричката пешадија и чесно да ја продолжат. Поради тоа и ги воведов тељњашките, само што пругите им се со боја на небо, односно сини“, рече Василиј Филипович, кој некогаш и самиот служел во воената пешадија.

Десантно-падобрански единици на СССР. На воена вежба.

11. Василиј Маргелов успеа од падобранците да направи добро обучена и подготвена елита на Вооружените сили на СССР кој секогаш освојува награди на сите армиски спортски натпреварувања. Авторитетот на овој род од војската непрекинато растеше и младината мечтаеше да служи во „Војската на Дедо Васја“, како што порано на шега беше дешифрирана руската кратенка за десантно-падобранските единици (ВДВ „воздушно-десантные войска“).

Командантот на десантно-падобранските единици (1954-1959 и од јули 1961 до јануари 1970), генерал на армијата Василиј Филипович Маргелов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња