Како една СС-бригада премина на страната на советските партизани

Војници на Руската ослободителна народна армија (РОНА) добиваат задача од штапскиот наредник на Вермахтот.

Војници на Руската ослободителна народна армија (РОНА) добиваат задача од штапскиот наредник на Вермахтот.

Archive photo
Советската власт не знаела како по војната да постапи со казнената СС-бригада „Дружина“ која преминала на нејзина страна. Тој проблем неочекувано сам по себе се решил.

Стотици илјади советски граѓани во Втората светска војна се бореле на страната на нацистите. Колаборационаистите се сметале за најлути непријатели на СССР. Нив војниците на Црвената армија често не ги заробувале, ами ги стрелале на лице место.

Од друга страна, на оние што ја предале татковината, а потоа пребегале на нејзина страна понекогаш им била давана шанса со „крв да ја оправдаат својата вина“. Се практикувало дури и примамување на колаборационисти на страната на советската власт. Преминувале поединци, а понекогаш и цели одреди, но најголем одек и кога цела СС бригада „Дружина“ преминала на страна на партизаните.

Казнени експедиции

СССР, Минск. Парада на Орднунгполицај (униформирани германски цивилни полиции) на Плоштадот Ленин (претходно Плоштад на независноста).

Првата руска национална СС бригада „Дружина“, како и други слични колаборационистички единици, главно се бореле против партизаните и изведувале казнени експедиции против непокорното население на окупираните територии.

Костурот на бригадата бил составен од советски војници кои паднале во германско заробеништво и потоа се согласиле да соработуваат со нацистите. Таков бил и нивниот командант Владимир Гиљ (кој го зел псевдонимот „Родионов“), некогашен потполковник на Црвената армија. Покрај тоа, во единицата служел и определен број бели емигранти кои сакале да им се реваншираат на болшевиците за поразот во Граѓанската војна.

Владимир Владимирович Гиљ

„Дружина“ изведувала казнени експедиции на територијата на Белорусија. Палела села кои им помагаат на партизаните, стрелала цивили и со сила ги водела да работат за Рајхот. Германците сметале дека по такви крвави акции есесовците засекогаш ја изгубиле можноста да пребегнат на другата страна.

Раководител на СС единиците на Гестапо и полицијата во овој регион бил Курт фон Готберг. Тој високо го оценил ефикасното дејствување на „Дружина“ за време на антипартизанската операција „Котбус“ во мај и јуни 1943 година. Во неговиот извештај испратен во Берлин на 13 јули се вели дека „единицата мошне брзо ќе стане ударна сила која изгледа сигурно во борбата против бандите“.

Во стварност ситуацијата во Првата руска национална бригада не била толку розова. Нејзините луѓе биле длабоко потресени од неуспехот на германската армија на Курскиот фронт. Покрај тоа, ниту операцијата „Котбус“ не одела мазно. Имено, војниците биле мошне деморализирани поради тешките загуби што ги имале во борбите против партизаните.

Во определен момент Гиљ фактички го занемарил командувањето и почнал да пие, да се карта и да оди по жени. Додека определен број офицери тајно разгледувал дали има смисла да се вратат на страната на СССР, други отворено изразувале незадоволство со таквото командување и ги повикале Германците да го сменат. Партизаните решиле да го искористат овој раскол.

Придобивање

Во почетниот период од војната фатените колаборационисти најчесто биле стрелани на лице место како предавници, а од 1942 година односот кон нив се сменил. Целта била со помош на пропагандата да се деморализираат единиците што Германците на окупираните територии ги формирале од граѓаните на СССР, а доколку е можно и да ги примамат да преминат на советска страна. Централниот штаб на партизанското движење особено внимание посветил на „Дружина“ кога се дознало дека колаборационистот Андреј Власов Планира формирање Руска ослободителна армија врз база на оваа единица.

За пропагандна работа со СС бригадата на Гиља-Радионов бил задолжен партизанскиот одред „Железњак“ кој се наоѓал во непосредна близина. На локацијата каде се наоѓала „Дружина“ биле упатувани илегалци и агитатори. Партизаните им уфрлале на колаборационистите пропагандна литература и летоци. Дури и лично на секој офицер му предлагале „со крв да ја оправда својата вина“.

За припадниците на „Дружина“ евентуалниот премин на страната на партизаните не било нешто незамисливо. Уште во ноември 1942 година една чета од оваа бригада, која броела 75 лица и го чувала мостот преку реката Друт, ликвидирала 30 германски војници, а потоа заминала во шумата и им се придружила на „народните одмаздници“. Летото 1943 година на ваков чекор се решил и самиот Гиљ-Родионов со поголемиот број свои војници.

Премин

Офицери на „Дружина“, во центарот е полковникот Константин Кромијади, од десна страна Гиљ.

На 16 август Гиљ тајно се состанал со раководството на партизанскиот одред „Железњак“ на неутрална територија. Во таа пригода биле договорени условите за приклучување на есесовците на партизаните. На сите припадници на „Дружина“ (освен на белогардејците) им била ветена неприкосновеност, шанса да се рехабилитираат пред татковината, да им се вратат чиновите и да им се даде можност да се допишуваат со членовите на семејството. Гиљ инсистирал да остане на чело на бригадата.

Истиот ден започнал преминот на бригадата на советската страна. Гиљ со офицерите и со војниците што го поддржувале ги обиколувал селата каде биле разместени полковите на „Дружина“ и пред строј држел говор во кој тврдел дека Германците ги измамиле, дека нацистите „не планираат никаква 'нова Русија' и дека нивната цел е да го поробат рускиот народ“. „Ветувајќи и уверувајќи нè, фашистичките гадови воедно крваво се пресметаа со невиното, невооружено цивилно население“, велел командантот на „Дружина“. Во таа пригода Гиљ, секако, не ја спомнувал својата улога во таа пресметка, како ни улогата на оние кои му биле подредени.

Потоа Гиљ-Родионов издал наредба „безмилосно да се уништуваат Германците сè дури не бидат целосно протерани од руската земја“, што борците го дочекале со големо воодушевување. Веднаш се согласиле да ги убиваат изненадените Германци, а исто така и на апсење на белите емигранти и офицерите кои не биле лојални на командата.

Така, на 16 август 1943 година 1.175 припадници на „Дружина“ со оружје преминале на страната на партизаните. Подоцна им се придружиле уште околу 700. Меѓутоа, не сите есесовци биле среќни со овие промени, над 500 луѓе пребегнале на страната на германскиот гарнизон. Кога поранешните припадници на „Дружина“ ќе сретнеле некој од нив, го стрелале на лице место.

„Народни одмаздници“

Група белоруски партизани-комсомолци.

Првата руска национална бригада „Дружина“ престанала да постои, а наместо неа била прогласена Прва антифашистичка партизанска бригада. Како што било ветено за командант бил именуван Владимир Гиљ-Родионов.

На новоформираната бригада како зајакнување им се придружиле околу 400 партизани и политички работници. Покрај тоа, оперативната група „Август“ како орган на државната безбедност, извршувала проверка на членовите на бригадата и открила 23 скриени агенти на германската разузнавачка служба.

Односите помеѓу поранешните есесовци и партизаните не секогаш биле идеални. Вториве добро го паметеле учеството на „Дружина“ во операцијата „Котбус“ во која изгубиле многу воени другари и членови на семејството.

Сепак, новопечените „антифашисти“ храбро се впуштале во најжестоките борби и се бореле како лавови, навистина „со намера со крв да ја оправдаат својата вина“. И покрај тоа Гиљ чувствувал извесна нервоза зашто не занел што го чека кога ќе заврши војната.

Советската власт во својата пропаганда интензивно го користела преминот на „Дружина“. Владимир Гиљ-Родионов на 16 септември 1943 година, најмногу во пропагандни цели, е унапреден во чин на полковник и награден со орден „Црвена ѕвезда“. Многумина борци добиле медали „Партизан на татковинската војна“.

Крах

Во април 1944 година Германците тргнале во сеопфатната операција „Пролетен празник“ со цел да ја уништат Полоцко-Лепељската партизанска зона. Во обрач се нашле 16 единици „народни одмаздници“, вклучувајќи ја и Првата антифашистичка бригада.

Спомен-плоча со името на В.В. Гиљ-Родионов. Меморијален комплекс „Прорив“ („Продор“), Ушачи, Белорусија.

Партизаните имале огромни загуби. Биле стиснати на мало парче земја од кое успеале да се извлечат дури на почетокот на мај. Единицата на Гиљ изгубила околу 90% од луѓето и фактички престанала да постои. Командантот загинал во борба на 14 мај.

„Можеби и подобро што тоа заврши така и што никој не беше револтиран, како што би било доколку Гиљ по војната влезеше во Москва“, изјави Владимир Лобанок, еден од организаторите на партизанското движење во Белорусија. Не следувале никакви посмртни репресии против Владимир Гиљ. Неговото семејство добило пари во висина од заработката на офицер на Црвената армија за периодот од 1941 до 1944 година. Покрај тоа, имињата на полковникот и на неговите борци се овековечени на плочите на меморијалниот центар „Продор“, посветен на херојските и трагичните настани поврзани со казнената операција „Пролетен празник“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња