Зошто советскиот спецназ носеше патики Адидас?

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Целата советска олимписка репрезентација носеше патики „Адидас“. Потоа СССР ги продаваше под сосема друг бренд, за на крајот да им одобри на специјалните единици во Авганистан да ги носат.

Западниот начин на живот во Советскиот Сојуз официјално беше презиран и третиран како „аморален“. Тоа важеше и за сите западни производи. Сепак, советската власт прилично интензивно соработуваше со Западот. Ваквите врски не беа рекламирани во јавноста, но се прикажуваа во интерните извештаи и во странските медиуми.

Еден од таквите тајни сојузи бил оној со фирмата Адидас.

Тајни договори

По Втората светска војна Олимписките игри беа една од главните платформи за реклама на спортската опрема. Оваа реклама не беше воочлива и официјална, но се подразбираше. Секоја компанија сакаше најдобрите спортисти да носат токму нејзиното производство. СССР во оваа смисла беше привлечен зашто советските спортисти беа меѓу најјаките, а затвореноста на земјата исто така привлекуваше особено внимание.

Се смета дека сојузот помеѓу СССР и фирмата Адидас е склопен во 1980 година, кога Москва беше домаќин на олимписките игри, но сето тоа започна многу порано.

Во белешките на Комитетот за физичка култура и спорт при Советот на министри на СССР во Централниот комитет на партијата од 1979 година што го носи насловот „Во врска со соработката со фирмата 'Адидас' (Западна Германија)“ се истакнува дека со германската фирма „Спортскиот комитет на СССР остварува постојана соработка во текот на 20 години.

Советските спортисти носеа опрема и од други западни брендови. На пример, во 1965 година весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се агенцијата АП соопшти дека се нарачани 46 пара обувки за кошаркарите и дека таа нарачка од СССР ја има добиено компанијата „Конверс рабр компани“.

Објаснувањето за овие двојни стандарди на советската власт беше прилично банално: кај нас не се прават добри и квалитетни обувки зашто нема ниту технологија, ниту материјал. А, требаше некако да се надмине овој проблем. Во случајот со „Адидас“ решението беше најдено.

Како да се камуфлираат трите ленти

Во втората половина од седумдесеттите години од минатиот век советското раководство започнало да им дава форма на официјалните односи со формата Адидас. Компанијата стана добавувач на претстојната Олимпијада, и во најголем дел испорачуваше современи спортски обувки. Меѓутоа, во 1979 година советските единици влегоа во Авганистан, што беше повод за меѓународен бојкот и за големо заладување на односите со Западот. Поради тоа на олимпијадата не учествуваа 65 земји, меѓу кои и Западна Германија, а „официјалниот доставувач“ се најде во незгодна ситуација, зашто добро имаше платено за тој статус. Играта мораше да продолжи во сложени околности. Покрај тоа, од определени документи може да се заклучи дека Хорст Даслер, претседател на управниот одбор на „Адидас“, фактички ја извршуваше улогата на надворешнополитички консултант на советската страна во периодот на тензии околу олимпијадата и ги информираше советските функционери за расположението во другите земји.

Советите од своја страна бараа многу од капиталистичкиот бизнис. Пред сè мораа да бидат отстранети сите логоа и називот Адидас, со цел западниот производител да не фигурира ниту на фотографиите, ниту на видеоснимките на советските спортисти. Второ, сето производство од таа партија мораше да биде пренесено во СССР, со тоа што опремата ќе остане тука и по завршувањето на работата.

За таа цел СССР купи од „Адидас“ лиценца за производство на патики. Тоа беше вообичаена практика на германската компанија. Во тој момент СССР беше дваесетта земја која прави обувки по лиценца на Адидас. Покрај самата лиценца Советите од Германците купуваа и опрема, хемиска суровина и други потребни материјали. Експертизата покажа дека Советскиот Сојуз поседува само три вида вештачки материјали кои се употребувале за производство на овие обувки.

Во СССР се правеше модел на основа на култната силуета на Газела, во неколку бои. Овие обувки практично не стасуваа до продавниците. Сето тоа беше наменето за извоз, и само еден дел за советската „сборнаја“. Репрезентацијата добиваше само сини патики (поради што се мислеше дека не постојат други бои). Оставени беа трите препознатливи ленти од страната, но целосно беше променето логото и наместо натписот „Adidas“ беше поставен натпис „Москва“. И во земјата овие патики се нарекуваа „Москва“.

Токму тогаш советските граѓани во голем број посакаа да носат патики: „Претходно [пред Олимпијадата] не постоеше особен култ (кон патиките). Тие се носеа повеќе како спортски обувки, но не беше вообичаено патики, на пример, да се носат на работа“, вели една современичка од тој период. „Пред Олимпијадата се печатеа многу прилози за спортистите со фотографии, особено со странски, беа објавувани многу краткометражни филмови... Сите обрнаа внимание на тоа и дојдоа до заклучок дека патиките и фармерките се одлична варијанта за секој ден, па започна и побарувачката. Така одеднаш завладеа страшен дефицит за патики, па дури и за домашни“.

Беше направен и обид Советскиот Сојуз да создаде сопствени фармерки, но тој се изјалови. Овие фармерки воопшто не личеа на она што беше популарно во Америка. Адидас сфати дека истото може да се случи и со патиките, па затоа воведе строга селекција на вработените.

Миша Улихањан, директор на Егвардската фабрика за спортски обувки, од 1985 година произведуваше лиценцирани производи Адидас. Тој вели: „Германците дојдоа тука и примаа на работа млади девојки до 23 години, постари не примаа. Не дозволија да се примаат постари. И [тоа беше услов] тие претходно не требаше да бидат вработени и да немаат никаква струка. Зашто во таа возраст човек се нема извежбано да прави шкарт. Целта беше тие да научат да шијат само Адидас, да немаат искуство во производство на обувки со лош квалитет.

„Моќни“ обувки за спецназ

Обувките кои се правеа во СССР според квалитетот воопшто не заостануваа зад оние кои се правеа во Германија. И тоа делумно беше причината зошто патиките „Москва“, односно своевидниот ребрендинг на Адидас, дојдоа и во Авганистан (поради кој и беше бојкотирана Олимпијадата).

Станува збор за тоа дека стандардниот комплет на советската опрема не беше погоден за карпестиот Авганистан, а најголем проблем беа обувките. Советските чизми правеа многу бука за време на одењето и не беа погодни за качување по планини.

Тогаш на припадниците на елитните единици како падобранците и спецназ им беше дозволено да импровизираат, односно самите да изберат лесни универзални обувки кои им одговараат на теренот. Изборот падна на патиките „Москва“, што во извесна смисла беше проблематично: „Кога е можно, командантите им даваат на своите војници тениски патики“, се наведува во извештајот на Управата за воени истражувања на САД за 1995 година.

И советските команданти го сфатија тоа, па затоа беа против тоа во медиумите да се објавуваат фотографии на војниците во патики. Сепак, овие фотографии понекаде (иако ретко) се појавуваа во печатот. Така патиките „Москва“ станаа култни. Тие беа толку „кул“ што овој модел е овековечен насекаде гаде се појавуваа советски војници и Авганистан (а, потоа и Чеченија, каде војниците исто така носеа патики): во филмовите, во реконструкциите на битките, во фигурите за деца и во видеоигрите.

Производството на „Москва“ беше прекинато дури во 2011 година, кога армијата доби подобри обувки, направени специјално за војската во склоп на реформата.