Reuters
Студената војна помеѓу САД и Советскиот Сојуз биеше во златната доба на воената авијација. Во текот на бројните локални конфликти ширум светот ловците и бомбардерите кои на завојуваните страни ги испорачуваа двете суперсили не беа незначаен фактор.
Public domain
Од тоа чиј авион ќе биде побрз, маневарски поспособен и поиздржлив често зависел не само исходот во воздушните борби, ами и крајниот резултат дури и кај чисто локалните судири. Во вакви услови од витална важност било да се набави непријателска техника и истата да се запознае до најситни детали.
Лов на Сејбр
Public domain
Млазните ловци МиГ-15 и F-86 Сејбр беа речиси рамноправни во натпреварот на небото над Кореја за време на војната што избувна на почетокот од педесеттите години од минатиот век. И двете страни се обидоа да набават непријателски авиони, но во тоа успеа само СССР.
Во април 1951 година во Северна Кореја стаса специјална група пилоти на ловци на чело со потполковникот Ѕјубенко. Задачата на групата беше да го принудат F-86 да слета на севернокорејскиот аеродром.
Public domain
Иако групата не успеа во својата намера, Сејбр сепак набргу дојде во советски раце. Во текот на една борба на 6 октомври истата година советскиот потполковник Евгениј Пепељаев толку прецизно го погоди американскиот авион, што тој речиси неоштетен се спушти на севернокорејскиот брег. Пилотот успеа да го собере спасувачката служба на американското Воено воздухопловство, додека ловецот беше заробен и испратен во Москва.
Public domain
Во СССР решија да го копираат „убиецот на мигови“, како што западните медиуми го нарекоа F-86. За креирањето на „советскиот Сејбр“ конструкторот Владимир Кондратев од Сталин доби рок од една година. Тој не успеа во овој потфат, а по смртта на водачот, проектот беше напуштен. На крајот беше одлучено советската воздухопловна индустрија да преземе определени системи, компоненти и материјали од трофејниот ловец.
Sputnik
Кога станува збор за Американците, за да дојдат до руски МиГ-15 тие на 1 ноември 1950 година ја иницираа операцијата Moolah. На севернокорејските пилоти кои со исправни авиони ќе пребегаа во Јужна Кореја им беше ветувана богата награда. Сепак, операцијата не успеа. Дури на 21 септември 1953 година, кога војната веќе беше завршена, пилотот Но Гим Сок слета во авион МиГ-15 на јужнокорејската воздухопловна база Кимпо во близина на Сеул.
Public domain
Лов на „Африканскиот мравојад“
На 17 март 1968 година во Виетнам стасаа шест најнови американски ловци-бомбардери F-111 „Африкански мравојад“. Поради способноста да се појавува неочекувано и речиси нечујно, молскавично да извршува напади и да исчезнува без трага Виетнамците го нарекоа „шепот на смртта“.
Советските разузнавачки служби се запознаа со „Африканскиот мравојад“ уште пролетта 1967 година на Меѓународниот аерокосмички салон во Бурже. Иако американската воена полиција грижливо го чуваше авионот, советските агенти повеќе пати го фотографираа од различни агли. Остана најтешкото: да се запознае неговата внатрешност.
Во акцијата „шепотот на смртта“ не се покажа толку страшен како во приказните. Веќе неколку недели откако авионот стаса во Виетнам силите на ПВО на Виетнамската народна армија соборија два „Мравојади“, а уште еден беше заробен и испратен во СССР.
Постојат неколку верзии за тоа како Советите го набавиле „Мравојадот“. Според едната од нив F-111 кој ноќе летал на мала висина е „придушен“, односно со помош на радиопречки е прекината неговата врска со базата. Советски пилот во ловец притоа го потиснал авионот кон земјата и го принудил да слета на севернокорејскиот аеродром.
Меѓутоа, некои сметаа дека советските стручњаци во тоа време не поседувале технички можности да ја блокираат радиоврската на авионот со базата. Според оваа верзија, едноставно станува збор за подмитување на пилотот кој самиот ја исклучил врската.
Инаку, Виетнамската војна беше богат извор на трофеи за Советскиот Сојуз. Освен F-111 Москва зароби и авиони F-4, A-37 и F-5E, хеликоптер СН-47А Chinook, ракета AIM-7 Sparrow и уште неколку стотини модели американско вооружување и воена техника.