Само еднаш во историјата над Кремљ било развиорено знамето на Соединетите Американски Држави. Ова се нема случено за потребите на некој филм, ниту е нечија несолена шега. Знамето било истакнато по налог на советскиот генерален секретар на партијата и девет дена се виорело на ветрот пред очите на сите,
Во мај 1972 година се одигра најважниот настан на политичко „попуштање“ на привременото, но долгоочекувано намалување на степенот на агресивноста помеѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз. Станува збор за првата официјална посета на претседателот на Америка Ричард Никсон на советската земја.
На посетата ѝ претходеа низа настани во траење од пет години. Во јануари 1967 година САД и СССР се договорија за работа на експедицијата Сојуз-Аполон, таканареченото „ракување во космосот“ помеѓу двете земји на заеднички пилотиран лет во космосот. Во јуни истата година во САД пристигна премиерот Алексеј Косигин, а во декември во советската Академија на науките се појави Институтот за САД и Канада, кој подоцна беше прогласен за „расадник на либерализмот“.
Во Хелсинки во 1969 година започнаа советско-американските преговори за ограничување на стратешкото оружје, а во септември 1971 година помеѓу Кремљ и Белата куќа е воспоставен „црвениот телефон“. Двете суперсили беа уверени дека трката во нуклеарното вооружување треба да биде завршена што побргу и започнаа да воспоставуваат мостови.
На крајот дојде до првата официјална посета на претседателот на Соединетите Американски Држави. Беа договорени и датумите и агендата на преговорите. Но, во последен момент посетата беше доведена во прашање. Еден ден претходно Соединетите Американски Држави гранатираа два големи града во Виетнам – Ханој и Хајфон. Реакцијата на Советите беше вознемирувачка.
Анатолиј Черњаев, високопоставен функционер на меѓународното одделение на ЦК – КПСС подоцна раскажа дека во кабинетот кај Брежњев во моментот кога му заѕвонил телефонот, се јавил Косигин. „Погледни како Никсон се избезобрази! Види, Лења, може да ја одложиме посетата? Ќе биде вистинска бомба“. Брежњев се спротивставил. „Бомба е бомба, прашање е кој повеќе ќе закачи?“ Никсон го чекаа во Москва на 22 мај 1972 година.
Високиот гостин на аеродромот Внуково го дочекаа десната рака на Брежњев Николај Подгорни, премиерот Косигин и Брежњев.
Советската страна имаше осмислено сè до најситен детаљ, посветувајќи внимание и на таквите ситници, како што е, да кажеме, изгледот на аеродромот. Генералниот секретар барал да не биде „празно“. На крајот освен функционерите и почесната стража која била составена од три рода војска како што наложува протоколот, се собрале и многу младинци. Се откажале од плакатите со слоганите „Пријателство“ и „Нема да војуваме, ами ќе тргуваме“, па младите во рацете имаа само американски и советски знаменца.
Колоната автомобили на Никсон од аеродромот се упатила директно во Кремљ по строго проверена маршрута. Според познатиот преведувач Виктор Суходрев, кој беше гласот на СССР на официјалните преговори со Вашингтон, Ленинската авенија и другите улици кои воделе во правец на Кремљ исто така биле накитени со советски и со американски знамиња.
Но, сепак немаше толку „воодушевени“ толпи московјани што за време на средбите со претставниците од пријателските земји обично се собираа по налог. На случајните минувачи не им беше дозволено да пријдат до работ на тротоарот. Сè беше претходно договорено, пишува Суходрев. Никсон беше сместен во Кремљ, во апартманите во близина на Оружејната палата каде за првпат во историјата беше истакнато знамето на Соединетите Американски Држави.
Меѓутоа, Никсон сериозно обрнал внимание на празните улици дури за време на еднодневната посета на Ленинград, денешен Санкт Петербург. Каде и да минувала колоната автомобили на американскиот претседател, никаде немало ниту еден случаен минувал, а сите соседни улици беа блокирани со камиони, А, кога се врати во Москва отиде во Баптистичката црква, што исто така беше претходно договорено, каде на службата забележа само млади мажи.
Како што подоцна стана јасно, на парохијците тој ден им било забрането да се приближуваат на црквата, а внатре биле пуштени само припадници на КГБ во цивилно. И тоа беше „најблагата“ од преземените мерки. Во Москва така, да кажеме, поради погледот од апартманот во кој престојувал Никсон, бил тргнат цел историски станбен блок за да не го попречува панорамскиот поглед и класицистичкиот замок од 18 век.
Тогаш Ричард Никсон во Москва мина девет дена. Престојот во Кремљ ќе го запамети и по разговорите со помошниците кои за да избегне прислушување ги извршуваше во претседателската лимузина донесена од Соединетите Американски Држави. Но, посетата сепак се исплатеше.
Брежњев и Никсон, последниот ден, на 29 мај потпишаа осум сериозни документи, вклучувајќи го и Договорот за ПРО и Договорот за ограничување на стратешкото вооружување САЛТ 1, договорот за немешање во внатрешните работи на двете страни, билатерални договори за науката, космосот, медицината и за заштитата на животната средина.
Еден од резултатите на посетата беше договорот помеѓу советската влада и компанијата Пепси за изградба на фабрика за производство на Пепси-кола во близината на Сочи во замена за ексклузивно право на продажба на вотката „Столичнаја“ во Соединетите Американски Држави. Патем речено, во конкуренција за поволен договор беше и Кока-кола, меѓутоа во СССР овој бренд од крајот на четириесеттите години од минатиот век беше симбол на „гнилиот Запад“, а за Пепси-кола знаеја малкумина.
Советските ученици се надеваа дека ќе биде изградена и фабрика за гуми за џвакање, но тоа не се случи. Детантот беше завршен во 1979 година со влегувањето на советските единици во Авганистан.
Прочитајте исто така: Зошто СССР ја продал воената морнарица на „Пепси“?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче