Легендите на руската дипломатија: Алексеј Бестужев-Рјумин (1693-1766)

Дипломатијата е вештина на спроведување влијание и вршење притисок кога тоа е во интерес на вашата земја. Издвоивме некои од најефикасните руски дипломати кои покажаа дека дијалогот и дипломатијата можат да направат чуда и да придонесат за избегнување конфликт со ривалските земји.

Еден од највлијателните дипломати во 18 век грофот Алексеј Бестужев-Рјумин бил роден преговарач. Бил задолжен за надворешните работи на Русија за време на владеењето на царицата Елисавета, во епохата на дворските преврати.

Во 1708 година Алексеј бил испратен во Берлин и во Копенхаген за да стекне европско образование. Во 1721 година, кога со Ништадскиот мировен договор е завршена 20-годишната војна помеѓу Шведска и Русија, Алексеј Бестужев-Рјумин станал руски претставник во Копенхаген. По овој важен политички успех источниот брег од Балтичкото море конечно е припоен кон Русија. Главната цел на Алексеј Бестужев-Рјумин била да ги спречи Швеѓаните да се приклучат на новиот антируски сојуз. Најдобриот руски дипломат морал да најде сојузници меѓу претставниците на шведската елита.

Плод на напорите на Алексеј Бестужев-Рјумин бил руско-шведскиот одбранбен сојуз склучен во 1724 година на период од 12 години. Во 1735 година успеал дури и да го продолжи руско-шведското сојузништво на уште 12 години. Алексеј Бестужев-Рјумин подоцна работел во Хамбург и бил извонреден амбасадор во Долна Саксонија. Царицата Елисавета го именувала за велики кнез на Руската Империја и за претседател на колегиумот за надворешна политика во 1744 година.

Алексеј Бестужев-Рјумин има дадено значаен придонес во формирањето на руската надворешна политика. Прв предложил сеопфатна програма со цел зајакнување на безбедноста на државните граници и ослабување на потенцијалниот непријател. Во негово време Русија навистина станала дел од Европа и активно учествувала во сите европски случувања. Неговата надворешнополитичка активност на големо ги предодредила успесите на дипломатијата во времето на Екатерина Велика.

Сепак, канцеларот не успеал да постигне европските сили кон Русија да се однесуваат како кон рамноправен партнер. Ја преценил силата на англиско-руските врски. Подоцна станало очигледно дека Русија во Европа може да се потпре само на сопствените сили. 

Прочитајте исто така: Легендите на руската дипломатија: Иван Висковатиј (~1500-1570)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња