„Тука е вистински пекол“: Што пишуваа германските војници за Сталинградската битка

Историја
RUSSIA BEYOND
1943-та година американскиот претседател Рузвелт ја нарече победата на Црвената армија „епска борба лиј пресуден резултат го слават сите Американци“, додека британскиот премиер Черчил ја окарактеризира како „фасцинантна“.

За пресвртната битка во Втората светска војна се напишани стотици историски истражувања, но атмосферата на војната најдобро ја пренесуваат сведоштвата на советските и германските војници кои се нашле на границата меѓу животот и смртта. Во архивата на весникот „Росијскаја газетаˮ се чуваат писма од 1943 година. Додека писмата на борците на Црвената армија се преполни со детали од животот и описи на секојдневието, што зборува за нивната увереност во победата, расположението на војниците на Вермахтот може да се опише како малодушно.  

„Фасцинантна е целосната ирационалност на претставата што германските војници ја имале за својата улога во оваа војна. Така, на пример, се чести погрдните изрази на сметка на „оваа проклета Русија“ и „дивите Руси“, но практично не се наидува на мисла за тоа дека нив, Германците, тука, во Русија, никој не ги повикал, дека дошле како окупатори и ја добиле заслужената казна. Чувство на вина, исто така, не се сретнува, туку само сожалување кон себе, кон луѓето кои (од нивна гледна точка, незаслужено и неправедно) се нашле во толку тешка положба“, смета докторот на историски науки Елена Сењавска.

Од дневникот на подофицерот Јозеф Шафштајн:

„23 октомври: Лозинка: Сталинград. 28 октомври. Тука е вистински пекол. Бомбардери кои пикираат и артилерија. 29 октомври. За мене жесток ден... Страшна активност на руската авијација. 2 ноември. Ноќе колосална активност на авијацијата. Главата не ми ја напушта мислата дека крајот ми е близу. Нашите напади се безуспешни. Командантот на четата Лар е убиен. 3 ноември. Подофицерот Фридрих е убиен. 8 ноември. Повторно и повторно воздушни напади. Никој не знае дали следниот час уште ќе биде жив...“

Од дневникот на офицерот Ф.П. од 8 лесен пушкомитралески парк на 212 полк.

„15 јануари. Уште колку ќе ја трпиме оваа бедна состојба и дали воопшти некогаш ќе биде подобро? Цело време нé демне непријателот. Еден на друг си посакуваме смрт. Со оглед дека сме опколени и немаме доволно муниција, принудени сме да седиме и чекаме. Излез од обрачот нема и нема ни да има“.

Од писмото на вишиот вахмајстер Паул Милер, п/п 22468, до сопругата, од 31.XII1942.

„Секој ден се прашуваме: каде се нашите спасители, кога ќе настапи часот на избавување, кога најпосле? Дали дотогаш Русите веќе ќе нé убијат...“

Од писмото на гефрајтерот Рихард Круг, п/п 21632, до братот. 29.XII1942.

„...Кај нас нештата се лоши, храна има многу малку: векна леб на тројца за два дена и многу сиромашен ручек. Колку сега со задоволство би ги изел помиите со кои дома ги хранат свињите...“

А за споредба го наведуваме и писмото од 8 септември 1942 година на морнаричкиот пешадинец Виктор Барсов.

„Здраво-живо, мили мои! Извинете што долго не ви пишував. Не беше по моја волја. Како прво, бев опколен, како второ, се водат жестоки борби. Немам кога да пишувам писма, а и хартија со коверт не е лесно да се набави. Ви пишувам сега, користејќи го краткиот прекин на огнот. Жив сум, здрав, одлично се хранам затоа што Татковината за нас, заштитниците на градот Сталинград, не жали ништо, но и ние за Татковината сме подготвени да жртвуваме сé, па дури и животот. Сталинград мора да биде наш и ќе биде!... Со мене инаку е сé во ред, ве молам да не се грижите. Одамна немам ништо добиено од вас... А како е дома? Како е со намирници? Како е Нина на училиште? Како е тато со здравјето? Испратете ми свои фотографии.. Пишувајте ми почесто и за сé... Засега до гледање. Ве бакнувам сите“.

На 2 февруари во Русија се одбележува Денот на воената слава, денот кога советската војска ги порази германско-фашистичките сили во Сталинградската битка (1943). Сталинградската битка беше една од најголемите во Втората светска војна. Траеше од 17 јули 1942 до 2 февруари 1943 година. Најпрвин советската војска го одбрани Сталинград (денешен Волгоград), а од 19 ноември 1942 прејде во офанзива. Битката заврши со катастрофален пораз на силите на нацистичка Германија и нејзините сојузници. Црвената армија извојува победа, но притоа загуби огромен број војници. Во крвавите борби беа убиени 478741 советски војници, а ранети 650878. Вермахтот имаше околу 1,5 милиони убиени и ранети војници.