Како Ми-26 во 1981 година прелета над тајни бази на НАТО

Историја
RUSSIA BEYOND
На 14 декември 1977 година пробниот пилот, херој на Советскиот Сојуз Гурген Карапетјан првпат полета со супертешкиот десантно-транспортен хеликоптер Ми-26. Четири години подоцна овој хеликоптер, кој во НАТО го нарекоа Halo, прелета над воените бази во Западна Германија.

Се смета дека хеликоптерот Ми-26 е уникатно летало со оглед на тоа што со него се поставени 14 светски рекорди, меѓу кои има и рекорди во кревање товар: 25 тони на висина од 4100 метри, 20 тони на висина од 4600 метри, 15 тони на висина од 5600 метри и 10 тони на висина од 6400 метри. Изградбата на пробниот модел на хеликоптерот Ми-26 почна 1972 година. Проектирањето го следеа лабораториски испитувања, бидејќи конструкторите мораа од нула да ги проектираат лопатките на носечката елиса и елисата за управување, главниот редуктор на Ми-26 и новиот гаснотурбински мотор.

Во 1980 година Ми-26 успешно ги помина државните испитувања, а во јуни 1981 година беше одржан првиот јавен показен лет на супертешкиот хеликоптер на саемот за воздухопловство во Ле Бурже. Летот до Париз траеше околу 17 часа со слетувања во Вилнус, Варшава, Берлин и Франкфурт на Мајна.  

Појавата на „руски хеликоптер“ на небото над Западна Германија предизвика паника во воените и дипломатските кругови, затоа што Ми-26 прелета над ракетните нуклеарни бази на НАТО. Во Париз хеликоптерот го дочека првиот заменик-генерален директор на „Аерофлот“. Тој му пријде и рече: „Слушајте, се обиде ли некој да ве собори?“ „Белки не“, - реков јас. – Во што е работата?“ – „А бе тука пресретнаа телефонски разговор, еден полковник ја повика базата на НАТО и бара да се кренат авиони да ве соборат“, раскажуваше Гугрен Карапетјан.

При враќањето германски диспечер го испрати Ми-26 на еден од аеродромите на НАТО.

„На англиски го прашав диспечерот: А зошто нé доведовте тука?“ „Ма морав да го видам рускиот хеликоптер кој предизвика сензација во Париз“, одговори тој. Морав да го испцујам во кабината“, вели пробниот пилот.

43 години подоцна Ми-26 го замени новата серија супертежок хеликоптер Ми-26Т2В. Моделот што се произведува во Ростов на Дон има најнов систем на радиоелектронска опрема, што овозможува летање и дење и ноќе. Лет по зададена траекторија, доаѓање на зададена точка и слетување можат да се изведат со помош на автопилот. Новиот систем за одбрана е во состојба да одбие напад на наведувани ракети со радарски или инфрацрвени глави за самонаведување. Во октомври Ми-26Т2В успешно ги помина државните тестирања.