„Крајно нездрав начин на живеење, без многу движење. Никогаш не се занимавал со спорт, ниту каква било физичка активност. Пуши (луле), пие (вино, најмногу Кахетинско [грузиска сорта]). Во втората половина од своето владеење секоја вечер ја минувал на маса, јадел и пиел во друштво на членовите на Политбирото. Со таков начин на живот вистинско чудо е што живеел 73 години“, напишал подоцна секретарот на Сталин Борис Бажанов. „Таткото на народот“, навистина имал неколку дијагнози кои го следеле низ животот.
1. Миастенија
Според официјалната верзија, Сталин во детството го удрила кочија со коњи. Тогаш имал само шест години. Последица од оваа незгода била атрофија на зглобот на рамото и на лакотот на левата рака, а потоа гнојно воспалени во лакотниот зглоб“, пишува во неговиот здравствен картон. Сепак, постојат фотографии на кои Сталин добро ја држи левата рака, на пример кога ја крева ќерка си.
Но, во поголемиот број случаи не ја користел левата рака. Додека одел често му била неподвижна, полусвиткана и припиена до телото. Дури и се чинело дека му е покуса од десната.
Постои претпоставка дека Сталин имал миастенија, болест која предизвикува слабост на скелетните мускули. Миастенијата може да биде вродена и стекната. Обично се јавува од 20 до 40 година од животот.
2. Ревматиден артритис
Сталин со години страдал од болки во нозете. Во подоцнежните години често го гледале како куца. Поединци тоа го припишувале на фактот дека Сталин има сраснати прсти (вториот и третиот) на левата нога. Синдактилија не е болест, ами вродена мана. Таа не била причина за куцањето на Сталин.
Причината била ревматидниот артритис. Јосиф Висарионович прележал воспаление на зглобовите на нозете, по што зглобовите, веројатно, му се деформирале. Морал да носи специјални воени чизми од мошне мека кожа.
Во текот на 1925 и на 1926 година одел на бања да ги лекува нозете. Ревматидниот артритис е незгодна болест, таа може да ги зафати другите делови на телото и да предизвика, на пример, воспаление на белите дробови и ниско ниво на еритроцити.
„Во Наљчик за малку ќе добиев воспаление на белите дробови. И двете белодробни крила ми 'чкрипеа' и сѐ уште кашлам“, ѝ напишал тој на својата сопруга од бањата во 1929 година. А, во 1935 година лекарите му забраниле да се капе во море поради ревматидниот артритис.
3. Сипаници
Идниот водач веројатно добил сипаници кога имал пет години, уште во Горија, во Грузија. Од оваа болест му останале мали траги на лицето. Додека како млад бил во илегала, во полициското досие овие траги биле наведени како важна црта. Подоцна на фотографиите објавувани во советскиот печат биле ретуширани.
4. Слепо црево
Во 1921 година Сталин добил воспаление на слепото црево. Тогаш веќе бил висок функционер во новата држава, така што го оперирал Владимир Розанов, еден од најискусните хирурзи во Русија. Истиот хирург во 1933 година му го извадил куршумот на Владимир Ленин, четири години по атентатот.
„Операцијата беше мошне тешка“, напишал подоцна Розанов. „Морав да направам широка ресекција на слепото црево. Тешко беше да се гарантира успех“. Поголемиот дел од зафатот е извршен под локална анестезија, но како што операцијата се движела во погрешна насока, Розанов морал на пациентот да му даде анестезија со хлороформ, што е опасен облик на општа анестезија кој може да предизвика запирање на срцето. Но, Јосиф Висарионович закрепнал.
5. Атеросклероза на крвните садови на мозокот
Сталин секогаш работел многу, особено за време на Втората светска војна. Учествувал во бескрајни советувања со функционерите и со командантите. Дневно имал 5-7 состаноци кои во просек траеле 10-12 часа, во секој дел од денот и ноќта, главно во Кремљ или во Сталиновата вила Кунцево (во близина на Москва). Членовите на Генералштабот секојдневно се состанувале со Сталин, понекогаш и неколку пати во текот на денот.
Помеѓу 10 и 15 октомври 1945 година Сталин имал мозочен удар, но крвта не се излила во мозочното ткиво, ами само се затнал помал крвен сад во мозокот. Следните два месеци водачот не сакал да разговара со никого, ниту по телефон, и цело време престојувал во вилата.
Од 1946 година многу ги редуцирал секојдневните состаноци. Тие траеле најмногу по 2-3 часа, и тоа главно во вилата, а не во Кремљ. Во последните години од животот Сталин го лекувал Александар Мјасников. Тој присуствува и на обдукцијата, по што соопштил дека Сталин имал „тешка форма на склероза на артериите во мозокот“.
Вториот мозочен удар следувал во октомври 1949 година. Како последица на него се појавил отежнатиот говор. Сталин сè почесто се одморал, најпрво од август до декември 1950, а потоа од август 1951 до февруари 1952 година. Тогаш веќе имал проблеми со памтењето. Никита Хрушчов подоцна раскажувал како Сталин можел да го заборави името на човек со кого со децении бил во контакт. „Се сеќавам како еднаш му се обрати на Булганин (член на Политбирото) и не можеше да се сети на неговото презиме“, напишал подоцна Никита Хрушчов.
Кон крајот на 1952 година Јосиф Висарионович често ја губел свеста и повеќе не можел да се качува по скали без помош на некој друг. Павел Судоплатов, генерал на советската разузнавачка служба, ја опишал својата последна средба со врховниот командант во февруари 1953 година: „Изгледаше како изморен старец. Косата забележливо му беше побелена. Тој секогаш зборуваше полека, но сега веќе со напор ги изговараше зборовите, и правеше поголеми паузи во говорот“. Сталин почина во својата вила на 5 март 1953 година. Според официјалниот извештај, причина за смртта била излив на крвта во мозокот.