Неверојатно убави и раскошни дијадеми од брилијанти, смарагди и сафири ѝ припаѓале на династијата Романови и им биле добро познато на европските монархии. Имаат необичен облик. Поголемиот дел од нив личеле на „кокошник“, старински руски украс што жените сакале да го носат на глава.
Овие украси можеле да се носат и како дијадеми и како ѓердани. Поголемиот дел од нив се изнесени од земјата пред Револуцијата. А, она што не успеале да го изнесат припадниците на царскиот дом, го раскрчмиле болшевиците на аукции.
Владимирската тијара
Овој украс за својата невеста Марија Павловна во текот на седумдесеттите години од 19 век го нарачал великиот кнез Владимир Александрович, помладиот брат на императорот Александар Трети. Тијарата има 15 брилијантски прстени со висечки бисери во центарот на секој од нив.
Public domain
Великата кнегиња е една од малубројните членки на императорскиот дом Романови која успеала да избега во странство по револуцијата од 1917 година, па дури и да го изнесе својот накит. Еден дел од ризницата е пренесен преку шведската дипломатска мисија во две навлаки за перница, а во пренесувањето на вториот дел помогнал британскиот дипломатски курир. Меѓу тие драгоцености била и Владимирската тијара, од која Марија Павловна не се одвојувала до своја смрт во 1920 година, и која ја оставила во наследство на ќерката Елена, сопруга на принцот Никола од Грција и Данска. Но, таа една година потоа ја продала на британската кралица Марија од Тека за да ја поправи својата финансиска ситуација. Оваа тијара сега ја носи кралицата Елизабета Втора.
Тијарата од сафири
Public domain
Тијарата-кокошник со брилијанти и со огромни сафири ѝ припаѓала на сопругата на царот Николај Први, царицата Александра Фјодоровна. Направена е во 1825 година. Во комплет со неа имало и брош со висечки украси. Тијарата ја наследила Марија Павловна и ја дала да се преработи во современ облик. Тоа го направила фирмата Картие во 1909 година. Великата кнегиња и неа успеала да ја изнесе од Русија по Револуцијата, но нејзините деца ја продале и оваа тијара, сега на романската кралица Марија, далечна роднина на Романови, со тоа што брошот повеќе не бил во комплетот.
Archive photo
Романската кралица ѝ ја подарила тијарата на својата ќерка Илеана, а таа по револуцијата пребегнала во САД, каде во 1950 година го продала накитот на приватно лице, по што на тијарата ѝ се губи трагата.
Дијадемата со виолетов брилијант.
Public domain
Дијадемата на царицата Марија Фјодоровна, сопруга на императорот Павел Први, направена е на почетокот на 19 век во облик на кокошник со огромен брилијант. На дијадемата има вкупно 175 крупни индиски брилијанти и над 1.200 ситни со тркалезен облик. Централната низа е украсена со крупни висечки брилијанти во облик на капка. Овој украс покрај свадбената круна бил традиционален дел од костимот на царската невеста на обредот на венчавката.
Ова е единствената оригинална дијадема на Романови која останала во Русија како музејски експонат. Може да се види во Дијамантскиот фонд на Кремљ. Не е продадена благодарение на виолетовиот брилијант за кој стручњаците рекле дека е непроценлив.
Дијадемата „Класје“
Јуриј Сомов / Sputnik
Оваа оригинална дијадема исто така ѝ припаѓала на Марија Фјодоровна. Составена е од златно „класје од лен“, украсено со брилијанти, во чиј центар се наоѓаат бели безбојни сафири кои го симболизираат сонцето. Една од реките фотографии на дијадемата е направена во 1927 година специјално за аукциската куќа Кристи, каде болшевиците го распродавале накитот на Романови. По оваа аукција на овој украс му се губи трагата.
Советските јувелири во 1980 година направиле копија на оваа дијадема и ѝ го дале називот „Руско поле“. Таа се чува во Дијамантскиот фонд.
Дијадемата од бисери
Public domain; Сергеј Пјатаков/Sputnik
Украсот со висечки бисери во 1841 година го нарачал императорот Николај Први за својата сопруга Александар Фјодоровна. По аукцијата во 1927 година дијадемата сменила неколку сопственици. Ја поседувала компанијата „Хоумс енд Ко“, британскиот деветти војвода од Марлборо и првата леди на Филипините Имелда Маркос. Веројатно овој накит е сега во државно сопствеништво на Филипините.
Во дијамантскиот фонд постои копија на овој украс од 1987 година. Се нарекува „Руска убавица“.
Големата брилијантска дијадема
Public domain
Оваа голема дијадема со елементи на орнаментот „љубовен јазол“ кој бил популарен во текот на триесеттите години на 19 век кога таа била изработена, исто така за Александра Фјодоровна.
Украсена е со 113 бисери и со десетина брилијанти со различна големина. Неа во следното столетие ја носела последната императорка, исто така Александра Фјодоровна, на отворањето на Државната дума, и тој момент е овековечен на фотографија на Карл Буле.
Public domain; Ермитаж
Болшевиците и овој украс го продале на аукција, по што на дијадемата ѝ се губи трагата.