„Би бил рамнодушен кон најубавата девојка или жена на светот, но високите војници се моја слабост“, рекол прускиот крал Фридрих Вилхелм Први (1688-1740). Тој бил висок само 165 сантиметри и бил опседнат со сето она што е големо и високо. Еден од неговите познати каприци бил создавање свој личен полк со исклучително високи луѓе кој бил познат во историјата како „Потсадмски џинови“.

Антуан Пен/Германски историски музеј
Петар Велики знаел за оваа страст на Фридрих. По преговорите од 1716 година за сојуз со Русија и Прусија против Шведска во Големата северна војна, Петар испратил дома писмо во Правителствениот сенат (совет на државници кој управувал со земјата во отсуство на царот) со наредба да се најдат 200 руски „долгачи“ и тие да се испратат во Прусија да му служат на кралот.
Војници како живи играчки
Со писмо Петар испратил и хартиена листа чија должност одговарала на потребната висина, а тоа е 193,5 сантиметри. Сенатот издал наредба во различни делови на Русија да се пронајдат 211 мажи со тој или со поголем раст кои не се постари од 50 години.

Johann Christof Merck
Пронајдени биле само шеесетина луѓе кои одговараат на описот, од кои 54 или 55 навистина биле испратени во Прусија во 1718 година. Фридрих ги примил подароците со помпезна церемонија. Александар Головкин, руски амбасадор во Прусија, напишал дека „Неговото височество ги примил подароците со голема благодарност, радост и љубопитство. Ги пофалил оружјето, униформата и држењето на војниците. Без одложување ги испратил во Потсдам“.
Public domain
Официјалниот назив на полкот на Фридрих Вилхелм бил „Големите гренадири на Потсдам“, но тие се познати под називот „Потсдамски џинови“ или едноставно „Долгачи“. Секако, во него немало само Руси, долгачи биле купувани или крадени во различни земји од Европа. „Џиновите“ добивале најдобра храна и најдобри услови за живот, носеле специјално сошиена црвено-сина униформа, чизми со високи потпетици и капи високи 45 сантиметри за да изгледаат уште повисоки,
Тие всушност никогаш немале учествувано во вистински борбени дејствија зашто му биле премногу драги на Фридрих Вилхелм, само марширале на воени паради при кралскиот двор и биле нешто како живи играчки. На пример, кога кралот се чувствувал лошо тие добивале наредба да маршираат низ неговата соба.
Сомнителна судбина на руските џинови
Русија продолжила да му испраќа долгачи на прускиот крал и да му угодува во неговата опседнатост за да го одржи воениот сојуз со Прусија. Во времето на Петар Први во Прусија биле испратени 400 вакви регрути. Меѓутоа, сите тие не биле доволно високи за полкот на „Потсдамските џинови“, па поголемиот дел од нив биле испраќани во редовната пруска армија.
Legion Media
Многумина од овие војници во Русија имале семејства и пишувале дома, молејќи да се вратат. Петар во 1723 година го замолил Фридрих Вилхелм да испрати назад барем 152 „долгачи“ и му ветил дека наместо нив ќе му даде „обични регрути“. Но, Фридрих не брзал да го исполни тоа. На овие регрути веќе им се изгубила трагата. Русите не воделе евиденција за нив, а на Прусите евиденцијата им се изгубила во воени услови. Само 95 од овие војници се вратиле дома во 1724 година.
Johann Christof Merck
Русија и по смртта на Петар продолжила да бара високи војници и да ги испраќа во Прусија. Таква наредба издала Екатерина Прва во 1723 година, а потоа Ана Ивановна, која дури и им дозволила на пруските офицери да доаѓаат во Русија и самите да бараат високи луѓе, а потоа да ги одведат во Прусија.
Legion Media
Кога починал Фридрих во 1740 година полкот „Потсдамски џинови“ броел околу 3.200 лица. Неговиот син, Фридрих Втори Пруски попознат како Фридрих Велики, сметал дека овој полк е непотребен издаток. Го намалил на ниво на баталјон и поголемиот дел од војниците ги интегрирал во други воени единици.