Најголемиот ладилник на светот кој, секако, се наоѓа во Русија, го копале робијаши 6 години!

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Направен во текот на педесеттите години за чување огромни количества риба, фрижидерот „Нови Порт“ сè уште е најголем на светот.

Овој џиновски фрижидер е составен од 200 пештери во пермафростот (вечно замрзнатото тло). Ископан е рачно за шест години (1950-1956). Не се топи ни налето и ужива статус на споменик на материјалната култура.

Како и во многу други случаи во добата на Сталин, најголемото складиште на замрзната риба на светот рачно го направиле луѓето кои биле принудно преселени на рускиот Север. Но, зошто на советската држава ѝ бил потребен толку голем фрижидер во вечно замрзнатото тло на Јамала, каде назима температурата се спушта на минус педесет степени според Целзиус?

Прогонети ловат риба на Север

На почетокот на дваесеттите години од минатиот век на болшевичката држава ѝ требале пари. Во тешките времиња на револуцијата и на граѓанската војна долго не се правеле географски истражувања, но набргу потоа биле обновени, па советските истражувачи во 1920 година откриле нова тивка лагуна на брегот на Северниот леден океан, во заливот каде Об се влева во Карското море.

Заливот се користел од 17 век, но морнарите минувале низ него за да стасаат до устието на реката, а сега е пронајдено безбедно место каде може да се изгради пристаниште. Излегло, имено, дека Опскиот залив е место на миграција на есетрата, што значело дека тука ќе има многу вкусна риба и кавијар. На ова место во 1930 година подигната е фабрика за преработка на риба. Количествата риба биле енормни, така што во 1940 година тука биле вработени 60 рибарски бродови и била основана населбата Нови Порт.

Во Нови Порт се населувале главно принудно раселени жители од европскиот дел на Русија – Германци од Поволжје, жители на западна Украина, Молдавија и многу други државјани на СССР кои поради Сталиновите репресии биле преселени во оваа смрзната забит. „Првата постава“ на жители на Нови Порт броела околу 1.000 жители, од кои 400 биле работоспособни.

Риба имало сè повеќе, но недостасувал простор за нејзино складирање. Есетрата се ловела назима, за време на миграцијата, а се транспортирала во текот на летото, за време на пловната сезона. Во меѓувреме требало некаде да се чува огромното количество уловена риба, а во таа „недојдија“ немало доволно струја за напојување на доволен број ладилници. Поради тоа била донесена одлука да се направи џиновски фрижидер во пермафростот, односно во вечно замрзнатото тло. Советското раководство дошло до монструозен заклучок дека е многу поевтино тоа да се направи рачно, одошто да се транспортира тешка техника во таква забит.

Германец прави „вечно замрзнат“ фрижидер

Густав Бекман бил Германец кој принудно бил преселен во Нови Порт во 1942 година, кога имал 30 години. Веројатно бил протеран само затоа што е Германец, зашто една година претходно Германија го нападнала СССР и тогаш војната била сè уште во тек.

Бекман започнал да работи во Нови Порт, најпрво како риболовец, а потоа како техничар. Негова работа била да ја пропишува нормата за улов на другите риболовци, така што добро знаел со колкаво количество риба располага. Токму Бекман предложил да се направи подземен ладилник и бил именуван за главен инженер.

Влезот во складиштето бил свртен кон заливот, два метри над највисокото забележано ниво вода. Влезниот ходник имал косина од 15 степени, а пештерите биле ископани на длабочина од 12-13 метри.

Сите работи се вршеле рачно. Вечно замрзнатото тло се копало со копач. Се работело во три смени, во секоја смена по 15-20 мажи, но и жени, кои надвор ги извлекувале количките натоварени со исечени парчиња пермафрост. Целата работа била завршена за шест години.

Ладилникот „Нови Порт“ во денешно време.

Од 2020 година ладилникот „Нови Порт“ го одржува инженерот Александар Нељапин, кој управува со него од 1978 година. Константната температура во пештерите изнесува -12 степени Целзиусови.

Пештерскиот фрижидер од 2008 година има статус на објект од културно значење. За над пет децении од своето постоење ниту еднаш не е реновиран, ниту, пак, е реконструиран, а сега се работи на негова реставрација.

Сепак, тој е сè уште во функција. Може да прими 1.750 тони или 3.200 кубици замрзната риба. Подземните ходници се долги 1.300 метри. Има шест шахти за вентилација. Од јануари до април складиштето се полни со риба со помош на фабричка лента. Од април до јуни рибата се товари на бродови и се транспортира во Салехард каде се сортира и се пакува. Овој уникатен објект е историски споменик и воено важно складиште во синџирот за производство на црн кавијар кој многу се цени во Русија.