Адмиралот кој ја подигна советската воена морнарица на светско ниво

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Воената морнарица на СССР, некогаш прилично скромна, благодарение на Сергеј Горшков станала толку моќна што кај водечките светски сили влевала почитување, па дури и страв.

„Адмирал Сергеј Горшков ја модернизирал советската воена морнарица. Заостанатата структура на крајбрежната одбрана под негово раководство е трансформирана во океанска флота која може да ја доведе во прашање доминацијата на воената морнарица на САД на морето“, има напишано воениот експерт Џејмс Холмс. Американците пред Горшков биле уверени дека на море никој не може да се мери со нив.

Излез на Светскиот океан

Кога во 1956 година Сергеј Горшков застана на чело на Воената морнарица на СССР, таа фактички беше „заробена“ во сопствените територијални води. Над 80% од бродовите дејствуваа исклучиво по должината на советскиот брег.

Новиот командант веднаш си поставил задача да ја изведе флотата на Светскиот океан. Горшков не го делел традиционалното гледиште на своето опкружување дека Русија (СССР) е копнена сила во која флотата има второстепена улога.

Тој многу се потрудил да го убеди советското раководство посериозно да го согледа значењето на својата воена морнарица, и тоа му тргнало од рака.

„Земјата и власта коишто ќе го сфателе значењето на морнарицата имале повеќе корист и поголема предност. Воените морнарици стекнуваат уште поголемо значење во врска со тоа што светот влегува во нова епоха, во епоха на освојување на океанските богатства, околу кои веќе сега се води жестока борба“, велел адмиралот.

Нова флота 

Горшков започнал развој на сите аспекти на воената морнарица. Научните истражувања станале поинтензивни, беа проектирани нови бродови, нови палубни авиони и бродско вооружување. Подобрен е системот на морнарско образование и на системот за борбена обука на бродските екипажи.

Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век започна изградба на носачи на авиони, а тоа за советската морнарица беа сосема нов тип бродови. Меѓутоа, клучното средство за одвраќање на непријателските военоморски сили беа подморниците. Десантните подморници тајно им приоѓаа на бреговите на САД, ги следеа американските флоти и во сите мориња „демнееја“ подморници на потенцијалниот непријател.  

Особена заслуга на Сергеј Горшков е обновувањето на морнаричката пешадија во 1963 година (која била невнимателно укината седум години претходно). Сите флоти (Балтичката, Црноморската, Тихоокеанската и Северната) добиле доволен број десантни бродови и средства за излегување на копно. 

На рамна нога со Американците  

Во таканаречената „ера на Горшков“ советската нуклеарна ракетна флота стана „постојан гостин“ во сите делови на Светскиот океан. Таа во 1985 година имаше над 1.500 бродови и според бројноста и борбениот потенцијал беше на второ место во светот, веднаш зад американската воена морнарица. Како што истакнуваше вицеадмиралот Ашот Саркисов, „за првпат во историјата борбениот потенцијал на нашата воена морнарица достигна такво ниво што во Светскиот океан стана вистински ривал на воено-морските сили на Северноатлантскиот блок“.

Во времето на Сергеј Горшков направена е цела серија советски воено-морски бази ширум светот, од Сирија и Јемен до Куба и Виетнам. Целиот Светски океан беше покриен со советски бази како „пајажина“, така што во него не останаа „слепи зони“.

Американците не можеа да бидат рамнодушни кон личноста на адмиралот Горшков. Дури во февруари 1968 година го ставија на насловната страница на списанието „Тајмс“.

„Ерата на Горшков“ беше завршена во 1985 година, кога стариот адмирал замина во заслужена пензија. Почина три години подоцна, така што не ги доживеа сите оние искушенија кои ја снајдоа неговата морнарица за време на распадот на Советскиот Сојуз.