Со сабји на тенковите: Како козачката коњица ги нападнала Германците

Историја
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На 2 август 1942 година во близина на населбата Кушчевска станица со масовна навала на козачката коњица извршен е напад врз Германците. До денес траат споровите за оваа невообичаена епизода од Втората светска војна поради противречностите во сведоштвата и во процените. На пример, не е утврдено нити точното време на нападот. Исто така до крај не е јасно дали на јуришот му претходела артилериска подготовка. Но, според сè навистина дошло до борба гради в гради.

„Кода коњаниците тргнаа во јуриш – козачките кафтани се виорат, сабјите се пружени во напад, коњите фрчат (а, кога јури коњот носи таква сила), и целата таа лавина се исфрла на тенковите, на артилеријата, на фашистите – беше како во кошмар. А, имаше многу фашисти, ги имаше повеќе, чекореа со автоматски пушки подготвени, покрај тенковите – и не издржаа, сфатете, не ја издржаа таа лавина. Ги фрлија пушките и почнаа да бегаат...“, се наведува во книгата на Светлана Алексиевич „Војната има женско лице“ сеќавањето на санитарната инструкторка Зинаида Корж која присуствувала на нападот.

Според една верзија од настаните, козаците од 13 Кубањска дивизија ги нападнале непријателските положби на кои се наоѓала артилеријата, тенковите и минофрлачи. Нападот на коњицата бил широк еден и пол до два километри. Притоа Германците премногу доцна отвориле оган и не успеале да ги запрат коњаниците. На непријателот не му помогнала ниту авијацијата. До нејзиното доаѓање козаците веќе влегле во борба гради в гради и се помешале со Германците. Пилотите се обиделе да ги испратат козачките коњи, летајќи ниско над земјата, но тоа не им тргнало од рака.

Според оваа верзија, коњаниците не само што ја пробиле германската одбрана, ами исто така со рачни бомби и со шишиња со запалива течност уништиле и неколку тенкови.

Еден од учесниците во нападите Ефим Мостовој подоцна раскажувал дека глетката на масовниот јуриш на козачката коњица привремено ги парализирал Германците и тоа им овозможило да им се приближат.

Тој зборувал за најдобриот јунак Соколов кој „како вретено се провлекувал низ мешаницата од Германци“. Соколов, според неговите соборци, тогаш убил дваесетина непријатели, но бил соборен од германски куршум. Ефим Мостовој се сеќава и на 17-годишната козачка Ксенија Кулибаба, која исто така учествувала во битката и, спуштајќи ги уздите, додека трчала пукала од автомат Шпагин.

„А, тогаш го видов својот Германец. Тие дури не ни влегуваа во рововите, ами едноставно легнуваа во високата трева. Мојот ми ја попречи глетката, јасно го видов неговиот шлем, сивите очи, мижеше, очигледно му пречеше светлината, додека ние доаѓавме од правец на сонцето. И без звук автоматот во рацете му припука, како во напад на епилепсија. Не погоди. Тогаш го фатив, право под шлемот, како што нè учеа... А, потоа ни проработи инстинктот. Светот се појавуваше на моменти... На нас имаше многу крв. И на коњите. Долго се миевме“, се сеќава козакот.

Некои очевидци тврдат дека за успехот на нападот придонел поволниот релјеф на теренот и густата вегетација која ја криела подготовката на нападот. А, обидот Германците да тргнат во контранапад бил спречен од топовите на противтенковскиот дивизион. Некои сведоци велат дека нападот на козаците го поддржувале и тенкови.

Според друга верзија на настаните, козачката коњица ја нападната германската пешадија која во колона ја напуштала населбата. Исто така постои мислење дека нападите ги извеле 12, 13, 15 и 116 дивизија на 17 коњички корпус за да го запрат напредувањето на Германците и на Романците.

Точни податоци за загубите од двете страни нема. Загубите на Германците во различни извори се движат од 400 до 5.000 луѓе. Исто така се споменува дека непријателот изгубил минофрлачи и оружје, а исто така и дека биле заробени 300 Германци.

А, според податоците на полковникот Барададин станува збор за убиени најмногу 100-150 фашисти. Додека, пак, напаѓачот има изгубени 400 лица (убиени и ранети) и околу 200 коњи. Во други извори се наведуваат загуби на козаците од 1.000 луѓе, три оштетени тенка Т-34 и четири БТ-7.

Во секој случај, козаците на коњи на Германците им оставиле впечаток што не може да се избрише. За тоа, меѓу другото, сведочи дневникот пронајден кај еден убиен германски војник. „Пред него се појавија некои козаци. Тоа се ѓаволи, а не луѓе. И имаат челични коњи. Живи нема да се извлечеме...“, ги запишал тој пророчките зборови.