Кој е мистериозниот советски шпион „Персеј“ од новото издание на компјутерската игра Call of Duty?

Getty Images; МАММ/МДФ; Public Domain
Познат како Персеј, Млад, Научникот Икс и Д-р Икс, се смета дека бил еден од најдобро прикриените тајни агенти кои биле користени во студената војна против САД. И покрај тоа што неговиот идентитет и понатаму останува непознат, можете да го сретнете и во некоја пригода да се судрите со него во новото издание на Call of Duty!

Љубителите на тематиката за студената војна и шпионските игри со возбуда го дочекуваат новото издание на серијата видеоигри Call of Duty. Новиот дел е достапен од 26 август. Играта по називот Black Ops: Cold Warго води играчот во глобалниот судир помеѓу двете светски сили. Заплетот на новото дело и понатаму останува тајна. Меѓутоа, производителот, компанијата „Активижн“, неодамна објави тизер во кој можеме да дознаеме некои детали за играта „инспирирана од реални настани“. Советскиот шпион под кодното име Персеј, се инфилтрирал во западната разузнавачка служба со цел поткопување на плановите на САД и обезбедување советска доминација во трката за вооружување. И изгледа како задача на играчот да ќе биде да се обиде да го пронајде и да го уништи овој опасен агент. Но, што всушност прави Персеј?

Лице од интерес

Како што со право се наведува во трејлерот, идентитетот и живеалиштето на Персеј остануваат непознати до денес. Никој не го знае неговото вистинско име, ниту неговото потекло. Оправдано е да се запрашате дали тој воопшто постоел.

Првата информација за Персеј се појави во постсоветска Русија. На почетокот од деведесеттите години од минатиот век земјата минуваше низ фаза на отвореност и пристапност до многу доверливи податоци за јавноста. Тајните архиви на КГБ беа отворени и поранешните оперативци на разузнавачката служба почнаа да даваат интервјуа и да објавуваат книги.

Полковникот Владимир Чиков беше оној што на светот првпат му кажа нешто за постоењето на Персеј. Според него, Персеј, кој исто така е познат под кодното име Млад, бил млад физичар од Универзитетот во Чикаго во четириесеттите години од минатиот век.

Во 1944 година овој „роден Американец кој носеше сламен шешир, бели сандали и бела спортска маица“, му се приклучи на проектот „Менхетн“ посветен на создавање нуклеарно оружје во лабораторијата „Лос Аламос“. Токму тогаш е регрутиран да работи за Советите и неколку години им даваше тајни податоци за нуклеарните истражувања. Во 1946 година ја прекина соработката со советската тајна служба, се врати на Универзитетот во Чикаго и се приклучи на движењето против тестирање на нуклеарно оружје.

Постоел или не?

Со оглед на тоа дека руската Федерална служба за безбедност оттогаш повторно го затвори пристапот кон овие „толку непромислено“ отворени тајни архиви, беше невозможно да се поверува на зборовите на Чиков. Светот го зафати манична потрага по Персеј. Некои веруваа дека постоел, а некои дека не постоел (како на пример, моќниот советски мајстор на шпионажата Павел Судоплатов). Се појави нова верзија за него, како и некои нови детали: Персеј, според новите теории, се приклучил на проектот „Менхетн“ на неговиот почеток во 1939 година и не ја напуштил работата за СССР, соработувајќи со познатиот советски агент Рудолф Абел дури и во педесеттите години од минатиот век. Сепак, без никакви докази, сите овие приказни, како и податоците на Чиков, останаа само нагодувања.

Во 1955 година делумното објавување на советските тајни пораки кои беа собрани во рамките на американската контраразузнавачка програма, позната како проектот „Венона“ започна нов бран дискусии. Со оглед на тоа дека во пораките се појавуваше неидентификувано име „ПЕРС“, многумина поверуваа дека тоа се однесува на советскиот таен агент кој ги украде американските нуклеарни тајни. Други го отфрлаа ова толкување, тврдејќи дека станува збор за советска разузнаввачка операција за дезинформирање за да се заштити агентот Теодор Хол, кој бил вистинскиот Млад. На лажниот Персеј/Млад му се припишуваат карактеристиките што ги имал Хол.

Во 1999 година изби голем скандал поврзан со Персеј. Застапникот на политиката за контрола на вооружувањето Џереми Стоун во својата книга „Секој човек треба да се обиде“ тврди дека Филип Морисон, почитуван професор по физика на Масачусетскиот технолошки институт, бил всушност мистериозниот шпион. Професорот, меѓутоа, ја докажа својата невиност, истакнувајќи бројни несогласувања помеѓу неговата биографија и онаа што му се припишува на Персеј. Стоун мораше да ги прифати неговите аргументи и да се извини „поради негативниот публицитет“.

Значи, се чини дека Персеј од видеоиграта мошне се разликува од „вистинскиот“. Авторите на играта решиле од тивок идеалист и истражувач од лабораторијата да направат вешт советски оперативец кој дејствува во самото срце на американската разузнавачка служба. Колку успеале во својот потфат ќе дознаеме наскоро, кога на пазарот ќе се појави новото издание на познатата игра.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња