Ги мразел „комуњарите“ и им помогнал на Американците да направат нуклеарно оружје, а бил Русин

Национална администрација по физичка нуклеарна безбедност/канцеларија на сајтот Невада; Hoover Institution Archives
Полковникот Борис Пеш (1900-1995) бил типично американско „жестоко момче“ од 20 век. Ги мразел комунистите од дното на душата, во Втората светска војна речиси самостојно ги зазел германските градови и ги запленил сите германски ресурси во врска со нуклеарната енергија. А, бил син на руски свештеник.

Филмската воена хроника од 1945 година прикажува група американски и британски војници кои се насмевнуваат и мавтаат во знак на поздрав додека од ослободената Франција заминуваат на исток кон германските градови. Тие припаѓале на сосема посебна единица, на здружениот американско-британски тим на мисијата „Алсос“. Целта им била да дојдат до германските нуклеарни тајни пред Советите, за да ја унапредат американската и британската нуклеарна програма. И тоа бил огромен успех.

Борис Пеш

„Запленетиот ураниум, документите и заробените научници за идниот Проект Менхетн и претстојната студена војна имале вредност на суво злато“, објаснува британскиот историчар, стручњак за Втората светска војна Марк Фелтон во документарниот филм „Да се фати Хајзенберг: Како се добиени германските нуклеарни тајни“.

Во овој документарен филм може да се види и личност која ја предводела мисијата „Алсос“. Тоа бил низок, но силен маж со очила, полковникот Борис Пеш. „Да не беше Борис Пеш, не би биле ниту Хирошима, нити Нагасаки“, смета рускиот историчар Иван Курила од Европскиот универзитет во Санкт Петербург. Пеш сигурно направил сè што е во нејзина моќ за да ја престаса Црвената армија во трката за германскиот нуклеарен проект. На крајот на краиштата, бил роден како Борис Пашковски, а ги мразел комунистите кои му ја краделе земјата.

Пеш против болшевиците

Иако по раѓање бил Русин, Борис Пашковски на светот дошол на американско тло во 1900 година. Неговиот татко Фјодор Пашковски, свештеник, служел во Руската православна црква во Америка. Одгледан во православна традиција и во двојазично руско-англиско опкружување, тринаесетгодишниот Борис во 1913 година со своето семејство се вратил во Руската Империја, задржувајќи го сепак американското државјанство, што се покажало како мошне важно за неговиот понатамошен живот.

Во 1916-1917 таткото и синот се приклучиле на руската армија која се борела против Германија и Австро-унгарија во Првата светска војна. Фјодор бил свештеник, а 16-годишниот Борис бил редов во артилерија. Семејството Пашковски, цврсти христијани и монархисти, не ја прифатило комунистичката револуција од 1917 година и Борис се приклучил на белогардејците, сакајќи да ги спречи болшевиците да преземат контрола над Русија. Меѓутоа сè било залудно.

„Напуштајќи ја Русија на брод на Црвен крст, Пашковски ги запаметил лицата на илјадници луѓе кои се стискале на пристаништето, надевајќи се дека ќе избегаат од земјата. Во текот на годините кои следувале, оние што тогаш ја напуштале земјата сонувале за тоа да се вратат и да им се одмаздат на болшевиците“, пишува Олег Бејда, воен историчар, стручњак за руска емиграција. По неколку години поминати во Европа, Борис се вратил во САД, каде го скратил презимето и стана Борис Теодор Пеш. Како и многумина други бели емигранти, бил тврдокорен антикомунист.

Пеш во контраразузнавачката служба

Извесно време Пеш живеел како обичен граѓанин: жена, деца, црква в недела (секако, православна). Се преселил од Спрингфилд во Чикаго, а потоа во Лос Анџелес, работејќи во училишта како наставник по физичко воспитување. Во 1930 година повторно ѝ се приклучил на војската, овој пат на американската резерва. Командата обрнала внимание на неговото познавање на рускиот јазик и на вештината за комуникација што ја поседувал, па се очекувале дека во случај на мобилизација ќе биде ангажиран во контраразузнавачката служба. Освен тоа, како што подоцна признал и самиот Пеш, од 1925 година соработувал со Еф-Би-Ај како резервист.

„Никогаш не бил официјално вработен во Еф-Би-Ај, но можно е да извршувал некакви специфични задачи и да го информирал Бирото за некои работи“, претпоставува Иван Курила. Во секој случај, Пеш во 1940 година, веќе како капетан, стапил во активна воена служба. За време на Втората светска војна неговата кариера напредувала брзо: во 1942 година мајорот Пеш бил поставен за шеф на контраразузнавачката служба во седиштето на 9 корпус на војската во Сан Франциско. Во текот на 1941-1943 година патувал ширум Америка, борејќи се против 'внатрешните непријатели', а пред сè против „проклетите комуњари“.

Подоцна, додека ја координирал безбедноста на американската нуклеарна програма, Пеш не бил љубезен кон научниците со кои работел. Особено поради своите левичарски ставови не го поднесувал Роберт Опенхајмер, идниот „татко на бомбата“. Се сомневал дека е шпион на Москва и дури барал да биде отстранет од проектот, но генералот Лесли Гровс, шефот на Пешов, инсистирал Опенхајмер да остане во тимот.

Пеш во Европа

Иако можеби за колегите не бил некој фин човек, Пеш се покажал како извонреден офицер во текот на мисијата „Алсос“ (1943-1945), која ја предводел како заповедник, Научниците и војниците на мисијата дејствувале храбро. Тие не само што биле меѓу првите сојузници кои влегле во ослободените градови во 1945 година, ами цело време зад линијата на фронтот работеле на тоа да ги спречат Советите да дојдат до германските нуклеарни откритија.

Борис Пеш бил пример за сите. На пример, во април 1945 година неговата група го открила тајниот магацин на радиоактивен радиум во градот Вајда, само неколку часа пред Советите да го заземат градот. За жал, радиумот бил без заштитни капсули и затоа бил мошне опасен. Пеш не сакал да ги ризикува животите на своите војници, го ставил радиумот во својата торба и го однел со својата кола до зоната која била под контрола на сојузниците. Радиоактивната торба цело време се наоѓала покрај него. Поради тоа, како што сведочел еден посетител на 92-годишниот Пеш, тој во деведесеттите години од минатиот век, дури 50 години по војната, „страдаше од изгореници од радијацијата на десната нога што му останале од војната“.

Друг пример за храброста на Пеш опишува Олег Бејда: зад непријателската линија, наместо да ја чека американската војска да стаса и да го заземе германскиот град Танхајм, Пеш од блискиот хотел по телефон му се јавил на градоначалникот и му рекол: „Јас сум полковник на американската војска, имате 15 минути да се предадете“. Танхајм веднаш капитулирал, иако Пеш немал доволно војници ни да изведе напад. Германците наседнале на неговиот блеф. Не е никакво чудо што, според сведоштвата на неговите колеги, војниците му биле многу лојални.

Тајните на Пеш

Повоените активности на полковникот не се толку добро документирани (односно, документите за нив сè уште носат ознака за тајна). Од 1948 до 1952 година работел како воен претставник во ЦИА, задолжен за контроверзната програма РВ-7, која наводно била поврзана со антикомунистичката активност на Америка во Европа и, меѓу другото.

„Документите од кои неодамна е тргната ознаката за доверливост укажуваат на тоа дека Пеш набавувал големи количества информации кои РВ-7 ги користел за поткопување на просоветските режими“, пишува Олег Бејда. На пример, еден краток допис испратен до Пеш од страна на неговиот заменик, докажува дека во 1949 година Американците правеле завера за државен преврат во Албанија, но без успех. Размерите на активностите на програмата РВ-7 во Европа и понатаму се непознати за поголем дел од јавноста. Целиот живот Борис Пеш тврдел дека не знае ништо за програмата РВ-7, како и неговите колеги.

Се пензионирал во 1963 година и останатите 42 години од животот ги минал пишувајќи мемоари, патувајќи по светот и понекогаш само кратко коментирал некои специфичности на својата работа. Пеш почина во 1995 година и иако Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година, Борис Пашковски никогаш не се врати во Русија, земјата на своите предци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња