На 22 јуни 1941 година во 3 часот и 15 минути наутро романската војска заедно со германската влезе на територијата на Советскиот Сојуз. Така за Романија започна Втората светска војна, која ќе ѝ донесе низа тешки порази, кардинална промена на државното уредување, но и значајно територијално проширување.
Bundesarchiv
Во триесеттите години на 20 век Романија играше огромна улога во стратешките планови на Третиот Рајх: таа имаше долга граница со Советскиот Сојуз (а, нацистите интензивно се подготвуваа за борба против него), поседуваше излез на Црно Море и наоѓалишта на нафта од витално значење за германската економија. Меѓутоа, обидите на Германците за Романците да ги вклучат во воено-политичката соработка беа неуспешни: Букурешт доследно ја спроведуваше антигерманската политика, одби да учествува во поделбата на Чехословачка, а во војната се држеше до неутралната профранцуска позиција.
Bundesarchiv
На Романците кои во втората деценија на 20 век значително ги прошири границите на својата земја за сметка на ослабените соседи, сосема им одговараше статус кво. Меѓутоа, СССР, Унгарија и Бугарија, кои во триесеттите години на минатиот век зајакнаа, имаа бројни територијални претензии кон Романија и не сакаа постојната состојба да се одржи. Овие спротивставени интереси ги искористија Германците, кои имаа намера да го скршат Букурешт и да го вовлечат во сферата на своите интереси.
Bundesarchiv
Речиси половина од романската територија претставуваше бомба со одложено дејство. И покрај поинтензивната романизација на Јужна Добруџа, добиена од Бугарија уште во 1913 година по Втората балканска војна, бугарските жители во оваа област беа доминантни во текот на следните години. Значителен број Унгарци (околу 30%) живееја во Трансилванија која по Првата светска војна ѝ беше одземена на Унгарија. Покрај тоа, Москва не се имаше помирено со загубата на Бесарабија, која се наоѓаше во составот на Руската Империја од 1812 година и која Романците, користејќи го хаосот на Граѓанската војна во Русија, ја припоија во 1918 година.
Bundesarchiv
Конечно, соседите кои ја обезбедија поддршката на Германија во 1940 година ѝ ги изнесоа на Романија своите територијални претензии, кои таа мораше да ги прифати. Според советско-германските договори, Германците не се мешаа кога во јуни 1940 година Советскиот Сојуз ја поврати Бесарабија. Во август во текот на Втората виенска арбитража Берлин и Рим извршија отворен притисок врз Букурешт и го принудија на Унгарија да ѝ ја врати Северна Трансилванија (јужен дел остана во Романија). Со поддршка на Германија и на СССР во септември Бугарија ја врати Јужна Доброџа.
Bundesarchiv
Губејќи 38% од територијата, „Голема Романија“ набргу престана да биде „голема“. Особено тешко ѝ падна загубата на Трансилванија, зашто унгарската територија сега продре во самото срце на Романија. Во регионот започнаа унгарско-романските судири и масовно заминување на десетина илјади Романци во својата историска татковина.
Bundesarchiv
Користејќи ја хаотичната и ослабната позиција во Романија, која се најде во обрачот на непријателот, Германците ѝ предложија да учествува во идната поделба на Советскиот Сојуз, при што не само што би ја повратила Бесарабија и Северна Буковина, ами би добила и голема територија од советска Украина сè до Днепар. Согласувајќи се со договорот со Германија, Романците се надевале дека ќе биде преиспитано и прашањето на Северна Трансилванија. Кога на 20 ноември 1940 година Унгарија, а три дена подоцна и Романија, му се приклучија на Тројниот пакт (воениот сојуз на Германија, Италија и Јапонија) настана парадоксална ситуација: двајцата непомирливи непријатели станаа сојузници и почнаа да дејствуваат во интерес на Третиот Рајх.
Павел Трошкин/Лист Известиja/russiainphoto.ru
Во текот на кампањата во 1941 година романската армија беше премногу слаба за самата да се бори против СССР: ѝ недостасуваа оклопни единици и артилерија, а основата на вооружените единици беше составена од коњица. Освен тоа, борбената обука и моралот на романските војници не беа на завидно ниво. Романската офанзива ја поддржаа 11 германски армии и единиците на 14 армија, што вкупната офанзивна моќ на оваа формација подигна на 600 илјади луѓе.
Public domain
На 16 јули падна престолнината на Молдавската ССР Кишинев, а на 23 јули со освојувањето на Бендера цела Бесарабија и Северна Буковина се најдоа во рацете на Романците и повторно беа вклучени во состав на нивното кралство. Со напредувањето на германската и на романската армија на истокот, дел од териториите на советска Украина Берлин му ги даде на управување на Букурешт. Престолнината на таканареченото Губернаторство Транснистрија беше Одеса.
Public domain
На иницијатива на романскиот лидер („кондукетор“) Јон Антонеску, кој уживал големо почитување кај Хитлер, Романија активно учествуваше во холокаустот, што доведе до смрт на 300 до 400 илјади Евреи. „Со децата ја пасевме стоката покрај шумата што кај нас ја викаа Брижати“, се сеќава Михаил Цуркин од Одеската област. „Забележавме таму некаков куп луѓе, се приближивме и видовме група Евреи. Ги имаше над сто и копаа ров... Романците кои нè здогледаа ги повикаа постарите деца и им понудија: 'Кој сака да пука од митралез?' Притоа се смееја... Но, ние избегавме и кога видовме дека ги стрелаа, се расплакавме...“ Во февруари 1942 година Романците ги прекинаа масовните стрелања на Евреите, но сè до излезот на земјата од нивната „оска“ продолжија да ги фаќаат и да ги испраќаат во гета и во концентрациони логори.
Public domain
Романските сили заедно со Вермахтот стасале до брегот на Волга и до Кавказ. Германските војсководци имале крајно лошо мислење за нивните борбени квалитети. „Командата на силите кои од 1918 година беа под француско влијание остана на нивото на Првата светска војна“, рекол фелдмаршалот Ерих фон Манштајн за романските вооружени сили.
Bundesarchiv
Токму на Романците како најслаба алка во непријателската одбрана удрил главниот напад на советската војска во текот на операцијата „Уран“ (операција за опколување на 6 германска армија во Сталинград). Во текот на решавачките битки од Втората светска војна целосно се уништени 3 и 4 романска армија, а загина над 158 илјади романски војници.
Public domain
Додека во општото повлекување на Вермахтот романските сили се приближуваа до границите на својата татковина, во земјата јакнеше антигерманското и пацифистичкото расположение. На 23 август 1944 година, кога борбите со Црвената армија веќе се водеа во Молдавија и на североистокот од Романија, во заверата што ја организираше кралот Михај Први, свргнат е Јон Антонеску. Кралот објави дека веднаш ја прекинува војната против СССР и западните сојузници, а веќе на 31 август во Букурешт без отпор влезе советската војска. Романија се приклучи на антинацистичката коалиција и нејзините армии учествуваа, меѓу другото, и во ослободувањето на Будимпешта и на Прага.
Public domain
Војната против Советскиот Сојуз однесе животи на 475 илјади романски војници. Со поддршка на Москва одредбите на Втората виенска арбитража се поништени и Трансилванија е вратена во состав на Романија. Јон Антонеску е стрелан на 17 мај 1946 година како воен злосторник. Дури и по влегувањето во советската сфера на влијание Романија во текот на две години го задржа монархистичкото уредување. Михај Први, „кралот-комсомолец“, како што го викаа во Москва, дури е и одликуван со највисокиот орден на СССР „Победа“. Дури на 30 декември 1947 година локалната комунистичка влада го принуди кралот да се откаже од престолот, ја укина монархијата и прогласи основање на Народна Република Романија.