Свастиката на големо се користела во целиот свет пред нацистите да го осквернават древниот графички симбол. Можела да се види, меѓу другото, на авионите на военото воздухопловство на Латвија и на Финска (секако дека немале никаква врска со Луфтвафе), на грбот на 45 пешадиска дивизија на Соединетите Американски Држави, на Кока-кола или на пивските шишиња со ознаката Карлсберг.
Во Русија пред Октомвриската револуција свастиката се наоѓала на иконите, на облеката и на садовите, како и на автомобилите на владејачката династија Романови. Од дамнина имала свое место во културата на кавкаските народи. Советска Русија овој симбол во 1917 година го добила како „наследство“.
Public domain
Кога во таканаречената Февруарска револуција во март 1917 година беше симната самодржавноста во Русија, една од првите одлуки на владата (позната како привремена) беше наредбата за печатење нови пари што го красеше свастиката.
За советски пари
Public domain
Меѓутоа, новиот режим траеше кратко, и во ноември истата година, во уште една револуција, на власт дојдоа болшевиците. Со оглед дека изби граѓанска војна тие немаа воопшто време, ниту технички можности да осмислат нов дизајн на парите, па се потпреа на оној од времето на привремената влада. Така во текот на речиси пет години, сè до 1922 година парите со свастика беа во оптек на просторот на целата земја.
Во Црвената армија
Public domain
За време на Граѓанската војна во Русија командантот на југоисточниот фронт на Црвената армија Василиј Шорин во ноември 1919 година го потпиша указот под број 213 според кој на униформата на калмичките единици (по вероисповед будисти) беше предвидена ознака на ракавот во вид на свастика.
Свастиката во овој документ е наречена (за волја на вистината погрешно напишана) со будистичкиот термин „лингта“ кој ја означува човековата животна енергија.
Забрана
Public domain
Во дваесеттите години од минатиот век свастиката можеше да се сретне на официјалните документи на советската власт. Имаше и советски уметници кои се воодушевуваа од неа во своето творештво. Меѓутоа, кога на Запад под ова обележје почнаа да се обединуваат ултрадесничарските политички движења, во СССР нејзиното користење стана непожелно.
Кога во Германија во 1933 година на власт дојде Национал-социјалистичката партија на Адолф Хитлер, свастиката во Советскиот Сојуз дефинитивно доби негативна конотација. Документите, книгите и уметничките каталози во кои таа беше застапена беа уништувани или беа предавани на специјално чување. А, самиот симбол почна да се користи исклучиво во антифашистичката пропаганда.