Црвеноармејци ги покажуваат првите германски знамиња заробени во борбата за ослободување на градот Калинин
Александар Гличев/SputnikСвастиката на големо се користела во целиот свет пред нацистите да го осквернават древниот графички симбол. Можела да се види, меѓу другото, на авионите на военото воздухопловство на Латвија и на Финска (секако дека немале никаква врска со Луфтвафе), на грбот на 45 пешадиска дивизија на Соединетите Американски Држави, на Кока-кола или на пивските шишиња со ознаката Карлсберг.
Во Русија пред Октомвриската револуција свастиката се наоѓала на иконите, на облеката и на садовите, како и на автомобилите на владејачката династија Романови. Од дамнина имала свое место во културата на кавкаските народи. Советска Русија овој симбол во 1917 година го добила како „наследство“.
Кога во таканаречената Февруарска револуција во март 1917 година беше симната самодржавноста во Русија, една од првите одлуки на владата (позната како привремена) беше наредбата за печатење нови пари што го красеше свастиката.
Меѓутоа, новиот режим траеше кратко, и во ноември истата година, во уште една револуција, на власт дојдоа болшевиците. Со оглед дека изби граѓанска војна тие немаа воопшто време, ниту технички можности да осмислат нов дизајн на парите, па се потпреа на оној од времето на привремената влада. Така во текот на речиси пет години, сè до 1922 година парите со свастика беа во оптек на просторот на целата земја.
За време на Граѓанската војна во Русија командантот на југоисточниот фронт на Црвената армија Василиј Шорин во ноември 1919 година го потпиша указот под број 213 според кој на униформата на калмичките единици (по вероисповед будисти) беше предвидена ознака на ракавот во вид на свастика.
Свастиката во овој документ е наречена (за волја на вистината погрешно напишана) со будистичкиот термин „лингта“ кој ја означува човековата животна енергија.
Во дваесеттите години од минатиот век свастиката можеше да се сретне на официјалните документи на советската власт. Имаше и советски уметници кои се воодушевуваа од неа во своето творештво. Меѓутоа, кога на Запад под ова обележје почнаа да се обединуваат ултрадесничарските политички движења, во СССР нејзиното користење стана непожелно.
Кога во Германија во 1933 година на власт дојде Национал-социјалистичката партија на Адолф Хитлер, свастиката во Советскиот Сојуз дефинитивно доби негативна конотација. Документите, книгите и уметничките каталози во кои таа беше застапена беа уништувани или беа предавани на специјално чување. А, самиот симбол почна да се користи исклучиво во антифашистичката пропаганда.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче