Како изгледал секојдневниот живот во советска Молдавија (ФОТОГРАФИИ)

Историја
RUSSIA BEYOND
Овој јужен крај е познат по доброто вино. Молдавија последна се приклучи на СССР, што ѝ помогна да го зачува својот идентитет и колорит.

Историската област во југоисточна Европа под назив Бесарабија од 19 век била дел од Руската империја. По револуцијата од 1917 година прогласи независност по називот Молдавска Демократска Република, а потоа се приклучи на соседната Романија. Советите се налутија, тврдејќи дека Романија незаконски ја има окупирано оваа територија. Се наѕираше воен конфликт, но Романија доброволно се откажа од оваа област, така што во 1940 година целата Бесарабија се приклучи на СССР и се формираше Молдавската Советска Социјалистичка република.

Несоветска Молдавија

Со оглед на тоа што релативно подоцна се приклучи кон СССР, Молдавија според начинот на живеењето на граѓаните на почетокот се разликуваше од останатите делови на земјата. Имаше ресторани, улични свирачи и специфична архитектура. Сето тоа не личеше многу на типичниот советски амбиент.

Окупирана територија

Молдавија во 1940 година ја напушти Романија и му се приклучи на СССР, а веќе во јуни 1941 година започна Големата татковинска војна. Романија беше на страната на Хитлеровата Германија, па ја окупираше Молдавија. Романските власти ги цедеа од Молдавија сите животни сокови, користејќи го сиот нејзин индустриски потенцијал за потребите на фронтот, додека селаните беа принудени да предадат речиси сè што имаа – житото, стоката и намирниците. Десетици илјади жители на Молдавија беа одведени од страна на Романците во Германија како бесплатна работна сила. И на окупираната територија ги принудуваа да работат бесплатно – да ги поправаат патиштата и инфраструктурните објекти кои беа оштетени во текот на војната. Освен тоа во Бесарабија историски имаше многу Евреи и Роми. Романците масовно ги убиваа во концентрационите логори и во гетата. Советските единици ја ослободија Молдавија во 1944 година.

Земја на добро вино

Повоената ситуација во Молдавија беше многу тешка. Републиката беше разорена поради отсуството од лекови и лекари, започнаа епидемии, невработеноста беше мошне висока, настапи глад. Советската власт издвои импресивна сума за обновување на индустријата и на земјоделството и испрати неопходна опрема и суровини.

Водечка гранка на молдавската индустрија беше производството на вино. Молдавското вино беше познато и ценето во целиот Советски Сојуз. Благодарение на топлата клима, тука во големи количества се одгледуваше овошје и зеленчук, а исто така и сончоглед, шеќерна репа, тутун и други индустриски билки.

На реката Днестар во текот на педесеттите години од минатиот век беше изградена моќната Дубосарска хидроелектрана, беше започнато производство на конфекција и на фрижидери.

Советски глетки и секојдневието

Мирнодопскиот период им го донесе на жителите на Молдавија вообичаеното советско секојдневие – првомајските демонстрации посветени нa Денот на трудот, пионерските свечености и, секако, семејните празници.

Лицата на Молдавија

Поголемиот дел од жителите биле Молдавци, Украинци и Руси. Постоела и голема заедница на Гагаузи, турански народ кои тука се населил од дамнина , имаше и многу Евреи, Бугари и Роми. Луѓето од целиот СССР тежнееја да се преселат во топлата Молдавија или да заминат таму на сезонска работа. Доаѓаа и многу туристи.