Зошто во советско време толку добро се живеело на Балтикот

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Латвија, Естонија и Литванија беа меѓу најпривилегираните од вкупно 16 републики на Советскиот Сојуз. Ги нарекувале Советска Европа и наше странство, Балтикот бил своевиден излог на огромната земја.

„Излог“ на Советскиот Сојуз

Територијата на Балтикот со латвиски, литвански и естонскки жители секогаш имала посебен статус, како во составот на Руската империја, така и во Советскиот Сојуз. Властите се труделе да ги уважат историските и економските особености на овој „европски“ регион, кој толку многу се разликувал од остатокот на земјата.

За развојот на советските балтички републики биле издвојувани големи финансиски средства, додека на спроведувањето радикални економски реформи се приоѓало мошне внимателно.

На крајот животниот стандард на советските Латвија, Естонија и Литванија бил значително поголем од мнозинството републики во СССР, платите биле двократно или трократно повисоки, а кусокот од стока, како што е облека и други работи, многу помал.

Сесојузно лекувалиште

Милиони советски граѓани од целата земјата доаѓале секоја година на одмор на Балтичкото приморје во најдобрите одморалишта на латвиската Јурмала и на литванската Паланга. Во естонското летувалиште Пјарну било отворено специјално одморалиште за советските космонаути.

„Советско странство“

Со оглед на тоа дека само мал процент од жителите на Советскиот Сојуз можел да отпатува надвор од земјата, Балтикот станал замена за недостижната Европа, своевидно „странство“. Тука туристите ги откривале целосно непознатите германска, шведска или литванска архитектура, талкале по тесните улици на Рига, на Вилнус и на Талин, уживале во посетата на расфрлените замоци во западноевропски стил.

Кога на советските режисери им било потребно да го доловат животот во странство снимале токму во балтичките републики. Така куќата на улицата Бејкет во која живеел советскиот Шерлок Холмс (еден од најдобрите што се појавиле на филмското платно) е снимена во Рига.

Индустриски центар на земјата

Балтичкиот регион во советско време бил еден од главните индустриски центри во земјата, а определени фабрики биле далеку над регионалниот просек и станале претпријатија од сесојузен ранг. Ришката фабрика за електротехника и електроника ВЕФ, да кажеме, ја снабдувала целата земја, а фабриката за стакло во градот Ливани била една од најголемите во СССР.

Западна порта на СССР

Токму пристаништата во балтичките републики (а не во Ленинград или во Калининград) се сметале за главна западна поморска порта на земјата низ која на патот кон Европа одел главниот тек на советската стока. Токму оттаму определени среќници тргнувале на крстосување по Балтичкото, Северното и Средоземното море.

Поддршка на националната култура

Еповите на балтичките народи, класичните дела на латвиската, на летонската и на естонската книжевност и, секако, идеолошките исправни романи на советските писатели од Балтичкиот регион масовно се преведувале на руски јазик, се печателе во стотици илјади примероци и стасувале во сите библиотеки и книжарници на Советскиот Сојуз од Калининград до Владивосток.

Големи музички фестивали со илјадници учесници облечени во национални носии се одржувале на Балтикот уште од крајот на 19 век. Во советската епоха оваа традиција не била заборавена, ниту запоставена. Напротив, за нивното одржување биле градени големи концертни сали и бини. Властите, меѓутоа, се труделе нивното одржување да го поврзат со комунистичките празници, како што е на пример денот на раѓањето на Ленин или годишнината на Револуцијата.

Советска архитектура во Балтичкиот регион

Во балтичкиот регион, како всушност и во остатокот од земјата, во времето на постоењето на СССР пред сè биле градени типски блокови станбени згради. И покрај тоа во градовите никнувале и вистински ремек-дела на советската архитектура која не само што не го загрозувала изгледот на средновековните градови, ами и складно ги надополнувале. Така, еден од симболите на Рига станал една од сталиновите облакодери, зградата на Академијата на науките на Латвија која во 2003 година Советот на Европа ја препозна како оригинален споменик на архитектурата од средината на дваесеттиот век и дел од културното наследство кој е заслужен да биде маркиран со знаме.

А, како се живеело?