Обичните советски граѓани не можеле лесно да одат во странство. За такво нешто им била потребна причина и специјална дозвола од партијата. Но, имале тешкотии и со патувањата во самата земја.
Валериј Христофоров / TASS
Во СССР постоел долгогодишен систем за контрола на движењето, и тоа без камери, Кју-Ар кодови и електронски пропусници.
37% од жителите немале лични документи
Аркадиј Шајхет/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Личната карта во СССР станала задолжителна во 1932 година. Без неа никој не смеел да престојува во град. Жителите од селата и работниците во колхоз не добивале лични карти за да се избегне отсејувањето на евтината работна сила.
Доколку милицијата фатела работник кој го напуштил колхозот и се преселил во град, тој морал да плати казна и да си замине од градот. Ако го повторел истиот прекршок, можел да биде осуден на две години затвор.
Герберт Багдасарјан
Во 1967 година во Советскиот Сојуз лична карта имале 37% од државјаните, односно околу 58 милиони луѓе.
Оваа дискриминација е укината дури во 1974 година, кога сите државјани на СССР почнале да добиваат документи.
Обичен човек не можел да избира каде ќе живее
Движењето не било слободно дури ни со лична карта. Ако некој сакал да стаса од точка А до точка Б, морал за тоа да има некаква валидна причина.
Јуриј Иљенко / TASS
„Луѓето често одеа едни кај други на гости, но беше речиси невозможно да се отседне во хотел. На рецепција задолжително го прашуваа гостинот дали има потврда за службено патување. Ако нема, не можеше да се смести во хотел, иако имаше слободни соби“, се сеќава Елена од Москва.
Преселувањето од еден град во друг само затоа што човекот „така сака“ е третирано како незаконско дејство. Најпрво морало да се добие официјално одобрение за престој, а тоа било тешко да се извади.
И. Егоров, Л. Макаров / TASS
Институцијата „одобрен престој“ е укината веднаш по распадот на Советскиот Сојуз. Наместо неа е воведена регистрација на адреса на постојан или привремен престој.
Затворени градови
И на крајот, постоел прилично голем список градови и населби каде можело да се влезе исклучиво со пропусница. Тоа биле таканаречени затворени градови со воено или со стратешки важни објекти. Во оваа категорија спаѓал и целиот пограничен појас.
Всеволод Тарасевич/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Некои од овие места можел да ги посети само оној што е роден таму, а имало и такви затворени градови каде можело да се оди на посета кај роднините.
Во советско време Нориљск бил затворен град. Жителот на овој град Едуард раскажува: „Штом авионот ќе се спуштеше во Нориљск, во него веднаш влегуваа граничарите за да ги проверат личните карти и одобренијата за престој. И тоа беше во текот на осумдесеттите години од минатиот век! Мораше да имате партиски налог за службено патување (доколку партијата ве испраќа на привремена или на постојана работа), или покана од роднина, или покана од некој индустриски погон на кој му е потребен стручњак“.
Владимир Веленгурин / TASS
Особено снаодливите луѓе ги земале личните документи од своите познати од Нориљск кои заминале на одмор и од нив го ваделе листот со дозвола за престој. „Личната карта тогаш изгледаше како книшка захефтана во средината. Тие ги исправаа жичките, го вадеа соодветниот лист и го ставаа во своите документи. А, кога ќе ја поминеа проверката и ќе влезеа во Нориљск, оттаму по пошта ги испраќаа листовите на нивниот сопственик“.