Како Русија ослободила поголем дел од Балканот

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Со победата над Османлиското царство во војната 1877-1878 година на Руската империја ѝ се укажала можност да стане хегемон на Балканот и воедно да добие директен пристап до Средоземјето. Оваа можност, како и обично, ја спречиле Англичаните.

1. „Десетици, стотици илјади христијани се убиваат како штетна шуга, се искоренуваат и се бришат од лицето на земјата. Нашите браќа умираат, гледајќи како пред нивните очи ги обесчестуваат нивните сестри, мајките се принудени да гледаат како ги фрлаат нивните деца во вис и ги дочекуваа на бајонети, населбите се истребуваат, црквите се уриваат во парампарче“, вака Фјодор Достоевски во „Дневникот на писателот“ бурно реагира на бруталното насилство со кое Турците го задушиле Априлеското востание во Бугарија во 1876 година.

2. Кон крајот на 19 век Османлиското царство во голема мера ја изгубило некогашната моќ и слава. Романија, Србија и Црна Гора фактички се ослободиле од власта на султанот. Сè уште не биле признаени во светот, и понатаму биле во вазалски однос и им плаќале данок на Турците, но фактички веќе биле самостојни држави. Најмалку среќа имале Бугарите. Тие биле во непосредна близина на центарот на Високите Порти и не можеле да воспостават своја држава. Сите нивни обиди за започнување на ослободителна борба биле немилосрдно задушени во крв.

3. Суровоста кон Бугарите предизвикала бран негодувања во целиот свет, па и во Руската империја. Кога во октомври 1876 година Србија и Црна Гора му објавиле војна на Османлиското царство, над 5.000 руски доброволци заминале на Балканот за да се борат против Турците. „Спахијата, селанецот, пензионираниот војник, офицерот – сите тргнаа во борба каде заедно со крвта на браќата Срби се пролеваше и руска крв“, пишува непознат современик на овие настани (С. Кочуков, „Рускиот војник во балканската криза кон средината на седумдесеттите години од 19 век“, Саратов, 2011). Сепак, сојузниците ја изгубиле оваа војна.

4. Следната година Русија им објавила војна на Турците. Клучната улога во тоа не ја одиграла власта, ами јавноста која буквално го принудила императорот Александар Втори да го исполни својот морален долг кон братскиот народ и да ги казни суровите Турци. „Во војна! Ние сме посилни од сите!“, повикувал Достоевски.

5. Двесте илјади руски војници заедно со шест дружини бугарски доброволци на 24 април 1877 година влегле на територијата на сојузничка Романија. Овие единици во јуни го форсирале Дунав и преминале во османлиска Бугарија. „Бугарија, земјата во која имаат извршено најмногу злосторства, оттргната од Турците“, вака е формулирана целта на војната во официјалните документи на рускиот Генералштаб. (Руско-турската војна: поглед од руски и од бугарски агол. 1877-1878. Зборник сеќавања. Москва, 2017).

6. Во првиот период од војната руската армија била повеќе од успешна. Русите молскавично ја зазеле стратешки важната тврдина Никопол, се искачиле на мошне важниот превој Шипка преку Стара планина, со што фактички бил отворен директен пат кон Константинопол (Истанбул).

7. Но, немало доволно резерви за решителен марш на турската престолнина. Освен тоа, Турците на Русите им подготвиле непријатно изненадување. Дваесет илјади турски војници на Осман паша неочекувано ја зазеле Плевна, оневозможувајќи им на Русите понатаму да продираат и го загрозиле нивниот премин преку Дунав. „Доколку Турците беа помобилни, нашата армија можеше во најдобар случај да биде протерана преку реката, а во најлош случај да биде потопена во неа“, пишува познатиот сликар на воени сцени Василиј Верeшчагин кој учествувал во оваа војна.

8. Борбени дејствија не се воделе само на Балканот, ами и на Кавказ, но главно поприште била Бугарија, така што Руската и Османлиската империја го третирале кавкаското боиште како помалку важно. Херојска епизода на ова боиште била одбраната на тврдината Бејазит, во која се наоѓал помал руски гарнизон (1.500 луѓе). Русите 23 дена ги одбивале нападите на побројниот непријател (20.000), сè дури не бил пробиен обрачот.

9. На руската војска ѝ било најтешко во август 1877 година кога Турците се обиделе да ја преземат иницијативата во војната. Четириесет илјади турски војници тргнале во напад на превојот Шипка, кој го бранеле само 7.000 Руси и Бугари. Бранителите го одбиле нападот со големи свои (2.500 луѓе) и непријателски (6.000 луѓе) загуби,

10. Клучен град во руско-турскиот судир и понатаму била Плевна. Турците во неа издржале неколку напади во кои била пролиена многу крв. Останале во градот до почетокот на зимата, сè дури Русите не им го пресекле патот за Софија преку кој се снабдувал гарнизонот. Осман паша на 10 декември тргнал во пробив на обрачот, но доживеал неуспех и капитулирал.

11. Кога на крајот Плевна била заземена, руската команда решила да не ја одмора војската преку зима, ами да тргне во голема офанзива на своите фронтови. На ваквата одлука во прилог ѝ одел фактот што Русија имала апсолутна надмоќ во жива сила на балканското боиште – 554.000 руски и 47.000 романски војници против 183.000 Турци. Покрај тоа, по падот на Плевна повторно им се приклучила Србија.

12. Во офанзивата Турците биле разбиени кај Филипол (денешен Пловдив) и без битка го напуштиле Адрианопол (Едрене), така што руските единици стасале до Константинопол. Тогаш во конфликтот се вмешала Велика Британија, изјавувајќи дека заземањето на Османлиската престолнина (па макар и привремено) не може да се дозволи. Ескадрата на адмиралот Хорнби со шест оклопници и фрегати на 13 февруари влегле во Дарданелите и се вкотвиле во Мраморното море.

13. Русија не била подготвена да влезе во војна со Англичаните, па затоа на 3 март 1878 година склопила мир со Турците во Сан Стефан. Според овој мировен договор Османлиската империја ѝ отстапила на Русија дел од територијата на Кавказ и на Балканот и ја признала независноста на Романија, на Србија и на Црна Гора, како и автономија на Босна и Херцеговина. Најважен услов за мировниот договор бил воспоставување на бугарска држава која опфаќа огромна територија од Црното до Егејското море. Исто така било предвидено Бугарија во првите неколку години да биде под непосредна руска управа.

14. Европските земји биле шокирани од олку наглото зајакнување на руските позиции на Балканот. Русите фактички добиле излез на Средоземното море преку Бугарија која сега станала нејзин сателит. На иницијатива на Британците со голема брзина се формирала антируска коалиција, која рускиот амбасадор во Константинопол Николај Игнатјев ја коментирал на следниов начин: „Нам Европа ни даде право само да ги убиваме Турците, да пролеваме руска крв и да трошиме руски пари, а никако од тоа самите да имаме некаква корист, ниту од тоа да имаат корист нашите истоверни браќа по сопствена желба“ (Руско-турска војна: поглед од руски и од бугарски агол. 1877-1878. Зборник сеќавање. Москва, 2017).

15. Русија фактички се соочила со опасноста од избувнување војна против обединетата Европа и била принудена да се согласи на преиспитување на условите од Санстфенаскиот мировен договор на меѓународниот конгрес во Берлин истата 1878 година. Тогаш била потврдена независноста на Романија, на Србија и на Црна Гора, иако нивните првобитни територијални претензии биле значително редуцирани. Босна и Херцеговина наместо автономија добила „привремена“ окупација на австроунгарската војска. Неполни 20 години потоа овој регион официјално бил предаден под власт на Виена.

Голема Бугарија сепак не се појавила на картата на светот. Наместо неа, на значително помала територија е формирано вазално кнежевство со центар во Софија и автономна провинција на Османлиското царство под назив Источна Румелија. Така Русија останала без потенцијален излез на Средоземјето. За помош во преиспитувањето на условите од Санстефанскиот мировен договор Портата на Велика Британија ѝ го подарила Кипар.