Кога Сибир бил посебна држава...

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Сибирскиот ханат порано бил држава на туранските народи на територијата на денешен Сибир. Постоел пред да се појави Русија, а исчезнал кога Русите го преминале Урал.

Сибир е регион на северот од Азија. Од западната страна се граничи со Уралските планини, на исток со Тихиот океан, а на север и на југ со државната граница на Руската Федерација. Се простира на над 13 милиони квадратни километри и сочинува 77% од територијата на современа Русија. Порано зборот „Сибир„ се користел како назив за посебна држава. Како оваа држава била создадена и како исчезнала?

Од каде потекнува називот „Сибир“?

Никој не го знае точниот одговор на ова прашање. Постојат само верзии. На туранските јазици „сибер/чибер“ значи „убав“, во татарскиот јазик „себер“ значи „снежна бура“, а на монголски „шибир“ е мочуриште. Називот може да потекнува од секој од споменатите зборови. Зборот „shibir“ во „Тајната историја на Монголците“, најстариот монголски текст од четириесеттите години на 13 век, се споменува во врска со приказната за тоа како војсководецот Џучи, синот на Џингис хан, ги освојувал земјите и народите јужно од подрачјето Shibir, помеѓу реките Об и Иртиш.

И на крајот, најинтересната верзија гласи дека називот Сибир потекнува од народот Сипир кој живеел во ненецката тундра над Поларниот круг (Јамало-Ненецки автономен округ). Овој народ уште се нарекувал и Сихиртја. Ненеците верувале дека Сихиртиите живееле под земјата и ги паселе „земјените северни елени“, односно мамутите. Претходно се сметало дека станува збор за митски народ, но во јануари 2020 година археолозите открија населба која веројатно му припаѓала на овој народ.

Кои народи живееле на Сибир?

Околу една и пол илјади години пред нашата ера територијата на Сибир започнале да ја населуваат ирански племиња. Илјада години подоцна, во 6 век на нашата ера, дошле туранските народи, а во 12 и во 13 век поради мешањето на иранските, туранските и автохтоните угарски племиња настанал етносот Сибирски Татари.

Како се појавил Сибирскиот ханат?

На почетокот на 13 век монголската империја на Џингис хан ги покорила племињата кои живееле во Сибир. Еден од локалните владетели, кнезот Тајбуга, ја жртвувал својата земја и се согласил да му се потчини на Џингис хан. За него собирал данок на својата територија и ја основал Чинги Тура, престолнината на Тјумењскиот (подоцна Сибирски) ханат, првата позната држава во Сибир.

Пред својата смрт во 1224 година Џингис хан ја поделил земјата на своите синови. Територијата на идната Златна орда, а со неа и идниот Тјумењски ханат, му припаднала на синот на Џингис хан Џучим а набргу по неговата смрт на внукот Шибан. Тој ја основал династијата Шибанид, која владеела со Шибановата област. Кога кон крајот на 13 век во Златната орда на власт дошол можниот Узбек хан, оваа област веќе се викала Тјумењска, и тој признал нејзина извесна независност и самоуправа. Сите останати области на Ордата биле реформирани, а нивните кнезови биле потчинети. На почетокот на 15 век поради политичка криза во Златната орда, династијата Шибанид прогласила целосна независност на својата област, па така во 1420 година се појавил Тјумењскиот ханат. Нејзин основач бил шибанидот Хаџи-Мухамед. Ханот Тајбуга во 1495 година го нападнал Тјумењскиот ханат, го убил шибанидскиот хан Ибак и ја пренел престолнината на ханатот од Чинга Тура во Кашлик, кој исто така се нарекувал и Сибир. Потоа со новиот Сибирски ханат владееле Тајбуга.

Каков бил поредокот во оваа држава?

Сибирскиот ханат бил мултинационална и мултиконфесионална држава , но туранското население доминирало над автохтоните племиња Ханти, Манси и други. На чело на државата бил ханот што го избирала туранската аристократија. Ханот живеел во својот дворец кој воедно бил и тврдина, направена од непечени глинени тули. За изградба на ваквите зданија обично биле повикувани архитекти од средна Азија кои биле вешти во правењето украсни елементи. Ваквите дворци, меѓутоа, биле прилично трошни поради материјалот од кој се правеле, така што не е зачуван ниту еден од нив, дури ни во траги.

Жителите се занимавале со сточарство, лов и риболов. Земјоделието било реткост, но затоа цутеле занаетите – грнчарството, ткаењето и обработката на метали. Во градот обичните жители живееле во јурти чии низи формирале цели улици. Сибирскиот ханат бил поддржуван од мошне интензивната трговија зашто се наоѓал на трговските патишта од Азија во Европа.

Зошто исчезнал Сибирскиот ханат?

Во 16 век Московското царство ги покорило Казањскиот и Астрахањскиот ханат, па големите „одломки“ од некогашната Орда кои се противеле на власта на руското царство. Особено бескомпромисно било заземањето на Казањ. Сибирскиот ханат бил одвоен од Московското царство со тешкопроодните Уралски планини, но тајбугинскиот хан Едигеј во 1555 година сепак ја признал власта на Москва, па дури и почнал да ѝ плаќа данок.

Но, во 1563 година власта во ханатот ја презел шибанид, ханот Кучум. Тој во 1571 година во Москва испратил голем данок од 1.000 самури, но по овој дарежлив гест решил повеќе да не се покорува, за една година подоцна да го испрати својот роднина Мухамед Кул (Магметкул) да ја „извиди“ ситуацијата во руската земја. Магметкул ги вознемирил жителите на селата кои му припаѓале на семејството Строганов и кои се занимавале со вадење сол од пермските рудници. Строганови се исплашиле дека татарските орди ќе им го упропастат бизнисот, па побарале заштита и го најмиле атаманот Ермак со дружината.

Во 1582 година Ермак со неколку стотини добро вооружени пешадинци тргнал кон утврдувањето Орел-Городок, резиденција на семејството Строганов, ги преминал планините и ја зазел Чинги Тура, старата престолнина на Тјумењскиот ханат. Набргу потоа дошло до одлучувачката битка кај Чувашкиот гребен, каде Тобол се влева во Иртиш. Магметкул собрал војска од 15.000 татарски номади и доживеал целосен крах од дружината на Ермак која била малобројна, но вооружена со пушки. Три недели подоцна Ермак го зазел Кашлик, од каде ханот Кучум успеал да избега во степата.

Како Сибирскиот ханат бил присоединет кон Русија?

Ермак не се вратил од Сибирскиот поход – убиен е во една битка. Ханот Кучум не му се предал на московскиот цар – исчезнал во степата, а потоа долго, сè до крајот на 16 век ги напаѓал руските гарнизони. По Ермак тргнале и други руски дружини. Тие веќе помалку се плашеле од победените Татари и продреле во Сибир далеку од Урал.

Набргу се појавиле тврдините Тјумењ, Берјозов и Тобољск. Последнава е подигната на 17 километри од Кашлик кој уште долго го носел називот „град Сибир“. Тобољск станал центар на руската колонизација на Сибир. Постепено се развивал и во 1708 година станал главен град на Сибирската губернија, која била најголема во Русија.