Најлошите советски тенкови во Втората светска војна

Т-35 на парада, Црвен плоштад, Москва.

Т-35 на парада, Црвен плоштад, Москва.

МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Некои од овие тенкови добро послужиле во текот на триесеттите години од минатиот век, но веќе биле застарени во времето на нацистичката инвазија, а некои биле лоши уште кога биле направени.

1. Т-26

Над 10.000 лесни тенкови Т-26 се соочија со германската армија во јуни 1941 година. Тие биле главната ударна сила на Советскиот Сојуз во текот на триесеттите години од минатиот век, но веќе биле застарени кога Германците ја започнале операцијата „Барбароса“.

Лесни пешадиски тенкови Т-26. Воена парада во Кујбишево на 7 ноември 1941 година.

Вооружен со топ со калибар од 45 милиметри, Т-26 бил ефикасен против Pz. I, Pz. II и Pz. 38(t), но бил сосема немоќен против напредните непријателски тенкови и против речиси сите видови германска противтенковска артилерија.

Во првите месеци од војната илјадници тенкови Т-26 биле изгубени во борбите поради технички дефекти. На поголемиот дел им бил потребен капитален ремонт за кој немало време.

На советите повеќе им одговарало да не ги поправаат расипаните Т-26 и да ги заменат со новите тенкови Т-60 и Т-70, а исправните Т-26 да ги префрлат на „помирните“ делови од боиштето, како што бил, на пример, советско-финскиот фронт. Освен тоа, над 1.000 тенкови Т-26 учествувале во заедничката советско-британска интервенција во Иран во август 1941 година.

Т-26 се користел во борбите до последните денови на Втората светска воја, меѓу другото и во советските операции против Јапонија. Кога станува збор за битките, последен пат овие тенкови се примениле во операцијата „Прстен“ на почетокот на 1943 година, кога во Сталинград е уништена германската Шеста армија.

2. Т-60

Т-60, за разлика од застарениот Т-26, бил еден од поновите советски тенкови во времето на нацистичкиот напад на СССР. Конструиран е во август 1941 година и веќе следниот месец бил во сериско производство.

Падобранци на Црвената армија на лесен тенк Т-60 во офанзива на Брјанскиот фронт за време на Втората татковинска војна.

Меѓутоа, „нов“ не секогаш значи и „добар“ . Т-60 не можел да го измени односот на силите во воениот конфликт. Автоматскиот топ ШВАК со калибар од 20 милиметри на овој тенк не претставувал голема опасност за непријателските оклопи, а неговиот сопствен оклоп лесно го пробивале дури и најслабите германски тенкови и артилериски проектили.

Освен тоа, имал мотор на бензин, така што овие тенкови биле лесно запаливи. Тенкистите дури и му смислиле назив: „заедничка гробница за двајца“.

Автоматскиот топ ШВАК во Сталинградската битка по неколку испукани проектили често откажувал поради правта. Во ваквите ситуации Т-60 продолжил да се бори само со помош на митралези, и тогаш по постигнатото не бил подобар од тенковите од Првата светска војна.

Од крајот на 1942 година Т-60 главно се користел како носач на муниција за тенковите Т-34 и КВ.

3. Т-35

Ова е единствениот тенк на светот со пет куполи кој е пуштен во сериско производство. Т-35 во текот на триесеттите години од минатиот век бил најсилниот советски тенк. Често го нарекувале „копнен разорувач“.

Тежок тенк Т-35.

Имал еден топ со калибар од 76.2 милиметри, два топа со калибар од 45 милиметри и митралези. Со ова вооружување би можел да направи пекол во своето опкружување, но токму тоа моќно оружје било неговата Ахилова пета зашто командирот на посадата не можел ефикасно да го контролира огнот од сите пет куполи.

Некогаш семоќен, а на почетокот на четириесеттите години од минатиот век веќе застарен, тенкот Т-35 бил незграпна грдотија тешка 58 тони која на нерамен терен се движела со брзина од 14 километри на час. Неговиот оклоп, дебел само 20 милиметри, бил лесен плен за тогашната непријателска артилерија.

Кога започнала војната против Третиот рајх, советската армија имала 49 вакви гломазни ѕверови. Овие тенкови во најголем дел се изгубени во борбите во западна Украина, а само неколку од нив учествувале во битката за Москва. Интересно е што Т-35 последен пат е применет во борбен судир токму на страната на Вермахтот, кога Германците во битката за Берлин во 1945 година го искористиле трофејниот примерок на овој тенк. И тој во оваа борба е уништен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња