Зошто жената која била нацистички џелат слободно живеела во СССР?

Архива на ФСБ во Брјанската област, Legion Media, Евгениј Халдеј
Оваа Русинка си нашла приходна работа со убивање деца и цивили што нацистите ѝ ги носеле на погубување. А, потоа над 30 години проживеала во СССР како почитуван воен ветеран.

„Тоа ми беше работа“, мирно му одговарала Антонина Макарова на иследникот на КГБ, зборувајќи за тоа како за време на Втората светска војна со митралез редовно стрелала советски граѓани. На душата на една од најсуровите жени-убијци во историјата, според различни податоци, лежеле од 168 до една и пол илјади убиства.

Макарова, позната митралеската Тонка, не се занимавала отсекогаш со лишување човечки животи. Пред да стане џелат за нацистите работела нешто сосема спротивно: била медицинска сестра во Црвената армија. А, на фронтот заминала како доброволец.

Но, нејзината служба во војската не траела долго. Есента 1941 година околу 600 илјади советски војници се нашле опколени во Вјаземскиот обрач. Заедно со нив била заробена и 21-годишната Антонина.

Откако по некакво чудо избегала од обрачот, со месеци талкала по шумите и по селата, привремено престојувајќи кај селани, но никаде не се задржувала подолго. Летото 1942 година Макарова доаѓа во Брајнската област, на територијата под германска окупација, во реонот на населеното место Локот.

„Место под окупациското сонце“

Бронислав Камински и војници на РОНА

Територијата на која се нашла Антонина Макарова суштински се разликувала од другите области што ги окупирале нацистите. Тука како експеримент била основана полуавтономна Локетска самоуправа под власт на „бургмистер“ (градоначалник) од редовите на населението Константин Воскобојник (по неговата смрт од рацете на партизаните во јануари 1942 година го заменил Бронислав Камински), Контролата сепак ја вршеле Германците, а во населените региони „за одржување на редот“ биле распоредени единиците на 102 унгарска пешадиска дивизија.

Самоуправата имала право да формира одреди за самоодбрана кои подоцна ја формирале таканаречената Руска ослободителна народна армија. Токму таа летото и есента 1944 година се „прославила“ со крајна суровост за време на варшавското востание, буквално задушувајќи го градот во крв.

Криејќи се во куќата на една жена, Антонина Макарова размислувала каде да тргне понатаму. Знаела дека во блиските шуми се наоѓал голем партизански одред. Но, кога видела колку убаво живеат руските колаборационисти, Макарова решила, според историчарот на специјалните служби Олег Хлобустов, „да побара топло местенце под новото окупациско сонце“.

Макарова се зближила со Германците и со локалните руски „самоуправители“. Отворено се занимава со проституција, учествува во постојани пијанки и забави. Наскоро Антонина ја вклучуваат во сериозни работи, конкретно стрелање Евреи, заробени партизани и локални противници на новата власт.

Како што многу години подоцна Макарова им изјавила на иследниците на КГБ, никој на ништо не ја принудувал: „Тие ме напоија со вотка и првиот пат пијана отидов да извршам стрелање“. Вака зборувала митралеската Тонка.

Виртуозен џелат

Погубувањата се одигрувале во ендекот покрај поранешната заграда на одгледувачницата за коњи во која нацистите направиле затвор. Во истата зграда живеела и Макарова. Од време на време локалните жители можеле да видат како од портата на затворот зад групата осуденици од запрега со митралез излегува девојка која чекори уверено, држејќи сламка во забите.

„Не ги познавав оние што ги стрелав. Ни тие мене не ме познаваа. Затоа не ми беше срам од нив... Сите осуденици на смрт за мене беа еднакви. Се менуваше само нивниот број... Заробениците ги поставуваа во редица со лицето кон јамата. На местото на стрелањето некој од машките го изнесуваше мојот митралез. На командата ќе клекнев и ќе пукав во луѓето сè дури сите не паднеа мртви“, изјавила Макарова на иследниците на КГБ.

„Погубувањата што ги вршела таа станувале застрашувачка претстава слична на театар. Доаѓале да ги гледаат раководителите на Локотската самоуправа, биле канети германски и унгарски генерали и офицери“, вели историчарот Дмитриј Жуков.

Тонка ретко промашувала, а ако некого не погодела, го докрајчувала со пиштол. Еднаш преживеале неколку деца зашто куршумите им прелетале над главите. Децата биле затрупанипод труповите и ги спасиле локалните жители кои дошле да ги погребат погубените. Децата биле испратени во шумата кај партизаните кои објавиле лов на жената-џелат.

Работите и облеката на погубените луѓе Макарова ги земала за себе, нервирајќи се што се извалкани со крв и оштетени со куршуми.

Потрага по злосторниците

Заштита на германските заробеници

Летото 1943 година Тонка почувствувала дека среќата ѝ го врти грбот. Црвената армија незапирливо ги ослободувала од Германците териториите на Советскиот Сојуз.

Макарова заминува во Брјанск за да се лекува од сифилис, но повеќе не се враќа во Локот. Секоја трага ѝ се губи.

Воената контраразузнавачка служба СМЕРШ отворила потрага по Тонка веднаш по ослободувањето на Брјанската област. Во ендекот покрај затворот во Локотка пронајдени се останки на 1.500 лица.

Но, оперативната активност меѓу локалното население, сослушувањето на заробените колаборационисти и пребарувањето по документите дава слаби резултати. Не е пронајдена никаква информација за раѓањето и за семејството на Макарова.

Среќен случај

По војната КГБ со години го пренесувал случајот за митралеската Тонка „од колено на колено“. Сè се сменило во 1976 година кога на редовна проверка стасал случајот на извесен офицер Панфилов кој се подготвувал на подолг рок на служба во странство. Во него стоело дека од целото негово семејство Панфилови, само неговата сестра Антонина го носи презимето Макарова.

Излегло дека уште во текот на школските денови срамежливата Антонина не сакала да го изговори своето презиме, а другарите од одделението по грешка на учителката ѝ кажале дека таа е Макарова (по името на нејзиниот татко Макариј). На тоа име добила и документи, иако во книгата на родени се води како Панфилова.

Така станало јасно зошто меѓу сите 250 пронајдени и проверени Антонини Макарови ја немало митралеската Тонка. Зашто потрагата се водела по матичните книги на раѓање.

Почитуван воен ветеран

Сведок на крвавите настани во селото Локот ја препознава Антонина Макарова

Сестрата на офицерот Панфилов, Антонина Макарова работела во текстилна фабрика во градот Лепељ во Белорусија. Сопруга на воен херој, поручникот Виктор Гинзбург, таа и самата била почитуван ветеран, имала одликувања и ѝ држела предавања на младината.

Почитуван член на општеството не смеел да биде обвинет, затоа КГБ започнало да ја следи Макарова, а тоа траело цела година. Офицерите во Лепељ доведувале луѓе кои би можеле да ја препознаат митралеската Тонка. Меѓу нив биле и нејзините поранешни љубовници, колаборационисти кои по одлежување на казна во логорите се вратиле дома.

На крајот токму тие потврдиле дека уважениот ветеран Антонина Гинзбург е всушност мистериозната митралеска Тонка, за чии злосторства ништо не знаеле нити нејзиниот сопруг, ниту роднините, ниту двете ќерки. Макарова била веднаш уапсена.

Излегло дека за време на масовното бегство на германската војска таа дошла во Кенингзберг. Кога градот го зазела Црвената армија, Антонина се претставила како медицинска сестра и се вработила во болница. Тука го запознала својот иден сопруг, чие презиме и го зела.

Антонина Гинзбург по апсењето

На сослушувањето Антонина Панфилова-Макарова-Гинзбург била сосема смирена. Била сигурна дека не постои причина да биде казнета и за сè ја обвинила војната. Освен тоа, Тонка искрено сметала дека поради тоа што минало многу време од тие настани таа ќе добие само неколку години затвор и дека наскоро повторно ќе биде слободна.

Но, судот донел поинаква одлука. Учеството на жената-џелат во убиствата на 1.500 луѓе не е докажано, но со сигурност е утврдено дека на нејзината совест лежат 168 стрелани од ендекот кај локотскиот затвор.

На 11 август 1979 година во 6 часот наутро Антонина Макарова е стрелана, а КГБ конечно ја затворило една од најдолгите истраги во својата историја.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња