Беше топол сончев ден кога автомобилот на 35 американски претседател во колона со свита се движеше на улицата Елм во Далас (Тексас). Покривот на автомобилот беше претходно тргнат за народот да го види својот избраник. Во еден момент Кенеди си кажа неколку зборови со својата сопруга Жаклин, а потоа се сврте кон народот и неколку пати мавна со раката на едно дете кое стоеше во близина. Во следната секунда, точно во 12 часот и 30 минути, два од три куршуми кои беа испукани од шестиот кат на училишниот магацин за книги го погодија претседателот. По половина час Кенеди во болница им подлегна на раните.
Reuters
Веста за убиството на американскиот претседател го потресе целиот свет, вклучувајќи го и Советскиот Сојуз. Првиот секретар на Централниот комитет на КПСС Никита Хрушчов беше разбуден од својот помошник со зборовите: „Кенеди е убиен„, а тој, пак, според некои сведоштва, најпрво запрашал: „Имаме ли ние некаква врска со тоа?“.
Советските стравувања
Ова чудно прашање на шефот на советската држава во такви околности имаат извесна основа. Како што излезе веднаш, за убиството беше обвинет Освалд, а тој имаше врски во СССР (за кои подетално имаме пишувано тука).
Reuters
Освалд во Советскиот Сојуз имаше поминато две години, и безуспешно бараше советско државјанство. Се ожени со Русинка, разочаран во социјалистичкиот поредок се врати во својата татковина во 1962 година, една година пред убиството на американскиот претседател КГБ по веста за убиството организираше итни советувања. Во извештаите од специјалните служби обелоденето во 2017 година, се наведува дека полковникот Борис Иванов, шеф на резидентурата на КГБ во Њујорк ги собрал своите соработници и им соопштил дека убиството на Кенеди е „проблем“.
Прочитајте повеќе за ова! „Беше лош стрелец“: Животот на Ли Харви Освалд во СССР
Згора на тоа, се очекуваше дека ќе излезат уште повеќе проблеми. За време на Кенеди двете страни конечно почнаа да излегуваат од подолгиот „студен“ конфликт. Пет месеци пред убиството, во мај 1963 година, Кенеди, зборувајќи за СССР и САД рече: „На крајот на краиштата, заедничко ни е тоа што сите ние живееме на оваа мала планета. Сите го дишеме истиот воздух. Сите ние се грижиме за иднината на нашите деца. И сите ние сме смртни“.
Дури и првиот човечки лет на Месечината можеше да биде заеднички. Имено, поранешниот член на Советодавниот одбор на НАСА Џон Логсдон има раскажано за тоа како Кенеди предложил Америка и Русија да го направат тоа заедно, но Хрушчов одбил.
Сега, кога претседателот беше мртов, раководството на СССР сметаше дека оваа ситуација можат да ја искористат радикално настроените антисоветски сили. Во архивските документи се вели дека Кремљ бил „збунет и шокиран“: „Советското раководство беше вознемирено со тоа што во отсуство на лидер (во САД) некои неодговорни генерали можат да извршат ракетен напад на СССР“.
Ѕвонеа камбаните
Getty Images
Веста брзо се прошири, така што веќе следниот ден сите во СССР знаеја дека Џон Кенеди е убиен. Советските граѓани го сакаа младиот, симпатичен и богат Кенеди и неговата сопруга. Многумина дури и заплакаа поради неговата смрт. „Камбаните на црквите ѕвонеа во знак на сеќавање на претседателот Кенеди“, вели извор од американската агентура кој тогаш се наоѓал во Русија.
Списанието „Недела“ на 23 ноември 1963 година излезе со портрет на Кенеди на целата насловна страница. Фотографиите од ваков формат беа резервирани само за членовите на претседателството на ЦК на КПСС, но претседателството одобри за Кенеди да биде направен исклучок зашто сите беа ожалостени.
AP
Сергеј Хрушчов, синот на советскиот лидер, во мемоарите „Никита Хрушчов: реформатор“ пишува дека за убиениот претседател плачел и неговиот татко: паднал на колена и почнал да липа. Сè на сè, додека бил жив, Џон Кенеди му влевал надеж на Советскиот Сојуз, а по смртта станал проблем.
Оградување од Освалд
Ли Харви Освалд во друштво на колегите од фабриката во Минск кадешто работел. Фотографијата е приложена на Вореновата комисија како материјален доказ, 1959-1963.
Документите од кои е симнат печатот на државна тајна, засновани на извештаите на американската агентура во СССР, укажуваат на тоа дека Кремљ сметал оти се работи за завера на ултрадесничарските сили кои биле незадоволни од политичкиот курс на администрацијата на Кенеди, и дека на чело на заверата бил тогашниот потпретседател на САД Линдон Џонсон, кој по убиството на Кенеди стана американски претседател. Овој став се поклопува со резултатите од истражувањата што во 1966 година ги направил Елинг Харисон, областен тужител на Њу Орлеанс. Сепак, верзијата дека убиството е поврзано со СССР (а, исто така и со Куба) беше мошне веројатна во САД и беше подгревана од страна на американските медиуми. Советскиот Сојуз сметаше дека треба да се брани од ваквите обвинувања.
„Само манијаци можат да помислат дека претседателот Кенеди можат да го убијат 'левичарските сили' во САД, кои ги претставува Комунистичката партија на САД“, се наведува ставот на тогашното советско раководство во еден документ на Министерството за правда на САД.
AP
Кога станува збор за Ли Харви Освалд него советската власт го карактеризираше како „Манија-невростеник кој не е лојален на својата земја, ниту на кој било друг“. КГБ ги заплени фотографиите на Освалд од сите негови познаници во Минск, како и неговите писма, се сеќава професорот Ернст Титовец кој во текот на шеесеттите години од минатиот век бил студент на медицинскиот факултет и го познавал Освалд.
Беше подготвено и заедничко соопштение за јавноста од страна на Министерството за надворешни работи и КГБ во кое се вели дека Освалд никогаш не бил поврзан со властите и дека убијците треба да се бараат во САД. Во тајната белешка за Политбирото се разгледувала подготвеноста да се стават на располагање сите податоци за Ли Харви Освалд во СССР, доколку САД го побараат тоа. Но, по разговорот со амбасадорот на САД во СССР Лавелин Томпсон оваа изјава беше отфрлена. „Може да се заклучи дека властите на САД не сакаа да нè вплеткуваат во оваа работа, но не сакаа ни да влезат во судир со крајните десничари. Очигледно се заинтересирани колку што е можно побрзо да се заборави на овој случај... Сметам дека во понатамошните настапи нашиот печат треба да го земе овој момент предвид“, пишува во своето тајно писмо Анастас Микојан, претседател на претседателството на Врховниот совет.
Global Look Press
На крајот започна ширење дезинформации. Советските специјални служби ги проширија гласините за врската на ЦИА со убиството на Кенеди, а исто така го финансираа и американскиот адвокат Марк Лејн, автор на неколку контроверзни блокбастери за атентатот на Кенеди (на пример „Забрзано одлучување“, 1966). Книгите поврзани за вмешаноста на ЦИА станаа еден од главните извори на оние што се придржуваат кон теориите на завера. За тоа подетално се зборува во документите од Архивскиот центар „Винстон Черчил“.
Сето тоа ги ублажи нападите врз Советите. СССР стравуваше од заострување на Карипската криза, но до тоа не дојде. Во текот на подоцнежната истрага не беа најдени докази за учество на Советите во убиството. Претседателот на Русија Борис Елцин во 1999 година во Келн на американскиот претседател Бил Клинтон му предаде 80 страници од тајната советска архива посветени на Освалд и на реакцијата на СССР за убиството. „Сакам да се заблагодарам за овој неочекуван и важен подарок“, рече тогаш Клинтон.