Зошто во советските градинки децата спиеја надвор зиме?

Сергеј Соколов/Sputnik
Не, овие фотографии не се наместени. Советските деца навистина попладневното спиење го минуваа на свеж воздух, дури и назима!

Кога ги гледате овие фотографии може да се стресете од студ. Овие дечиња очигледно спијат надвор во текот на зимата. Но, во советските градинки тоа беше нешто вообичаено. Постојат бројни фотографии на кои може да се види оваа практика која се применуваше како налето, така и назима.

 

Дали ваквото спиење беше опасно по здравјето на децата? Го проучивме документот под назив „Санитарни правила и прописи за детските градинки“ од 1985 година кои се одобрени од страна на највисоките медицински инстанции во СССР. Излегува дека советските детски институции знаеле дека за децата е важен редовниот престој на свеж воздух. Со правила било пропишано собите во детските градинки да се проветруваат најмалку двапати дневно и децата редовно да шетаат и да играат надвор. Персоналот во детските градинки требал да се погрижи децата да бидат топло облечени, но не претерано: зимските капути биле задолжителни само кога температурата ќе паднела 4 степени под Целзиус. Но, не најдовме ништо за тоа дека децата би требало да спијат надвор. 

Како во логор или во лекувалиште? 

Зачувани се голем број вакви фотографии, па пребаравме некои онлајн-форуми и најдовме интересни коментари на оваа тема од луѓето кои го паметат своето детство во СССР.

 

Една од најважните цели на првата советска власт била да се запрат масовните епидемии, вклучувајќи ја и туберкулозата. До почетокот на триесеттите години од минатиот век 25 илјади лекари работеле во клиниките за лекување туберкулоза. До 1958 година над 130 милиони советски граѓани се вакцинирани против оваа болест. Но, најважниот дел во борбата против епидемијата бил секојдневната хигиена која се промовирала во детските градинки ширум СССР. 

Свежиот воздух е од суштинска важност за доброто здравје, им објаснувале на децата, додавајќи: Здравјето на првите Романови, царевите, било толку слабо зашто поголемиот дел од времето го минувале во своите одаи, ретко излегувајќи на свеж воздух, особено додека биле деца.

 

За разлика од нив, советските деца многу време поминуваа надвор. Интернет-корисникот matros_kruzhkin кој една година минал во детско лекувалиште за туберкулоза во периодот од 1959 до 1960 година има напишано: „Добро се сеќавам на времето кога спиевме на верандите, дури и назима. Само носот ни беше откриен за да дишеме. Налето децата спиеја на верандите и на терасите. Оние кои не можеа да одат, дури и назима, ги изнесуваа надвор убаво завиткани во ќебе. Собите се грееја со печки на дрва“.

 

Други извори потврдуваат дека во седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век биле применувани терапии со воздух и со вода, и тоа не само во лекувалиштата за туберкулоза. Корисникот DuraLena се сеќава дека во осумдесеттите години од минатиот век „целата група од детската градинка излегуваше надвор само по гаќи каде нè прскаа со вода од црево“.

Судејќи според сведочењата на некои, постоеле и деца на кои тоа не им се допаѓало: „Никогаш нема да го заборавам тоа, беше како во работен логор“, пишува корисникот barbosiara. „Во тие вреќи за спиење не можеше ни да се мрдне, а јас не можев на себе да поднесам ништо тесно и веднаш добивав напад на бес, а проклетата воспитувачка уште посилно ќе ме затегнеше“.

 

За воспитувачите изнесувањето на децата надвор не било лесна задача. Корисникот eliabe_l, роден во Москва во педесеттите години од минатиот век се сеќава: „Колку работа значеше тоа за воспитувачките! Мораа да ги стават децата во вреќи за спиење, потоа да ги изнесат на терасата каде прозорците беа ширум отворени. По еден час спиење, мораа повторно сите да ги внесат внатре. А, тоа беше обична детска градинка, а не некоја елитна установа. Секое утро сите деца ги прегледуваше лекар и доколку некое од нив беше настинато го испраќаа дома. „Санитарните правила пропишуваа спиење надвор кога температурата беше над -10 степени според Целзиус.

Романтично искуство

Кога ќе се земе сето ова предвид тоа било прилично „романтично“ искуство кое многумина го паметат со носталгија. Некои од нив дури и ја имаат задржано навиката да спијат надвор или да спијат со отворени прозорци, дури и кога е најстуденото време во годината.

 

„Се сеќавам како во детската градинка по ручекот нè ставаа во јоргански вреќи и нè изнесуваа надвор да спиеме“, пишува корисникот Olk. „Спиевме на некои мошне широки маси. Сакав да лежам и да гледам како паѓаат јаворовите лисја наесен или како скокаат сипките по голите гранки назима. А, покрај нас секогаш седеше воспитувачката, замотана во капут, стегајќи ги измрзнатите прсти и гледајќи нè повремено под око. Тогаш брзо ќе ги затворев очите и ќе се правев дека спијам“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња