Судир на титани: Кога американските и советските војници се бореа едни против други

Петар Бернштејн/Sputnik, Global Look Press
Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави никогаш немаат водено голема отворена војна. Но, тоа не претставувало пречка за нивни повремени судири на копно и во воздух.

1. Американска интервенција во Русија (1918-1920)

Американски единици во Владивосток

Како и другите сојузници, и Америка испратила свои единици во Граѓанската војна во Русија како поддршка на белогардиски антиболшевички сили. Неофицијалната цел на САД била да ја искористи слабоста на Русија и да го прошири американското влијание на нејзината територија.

Над 5.000 американски војници во септември 1918 година стасале во руското северно пристаниште Архангељск. Оваа операција, позната како „Експедиција 'Бела мечка'“ ги однела животите на над 200 американски војници кои загинале во судирите против болшевиците или замрзнале во суровите зимски услови во 1919 година.

Американските војници кои биле испратени на рускиот Далечен Исток и во Сибир имале сосема поинакви цели од своите колеги во Архангељск. Американските „сибирски“ експедициски сили биле испратени таму за да го спречат сè поголемото влијание на Јапонското царство во регионот. Држејќи дел од Транссибирската железница под своја контрола, Американците не брзале да им дадат помош на Белите во борбата против болшевиците.

Напротив, затворале очи пред единиците на комунистички ориентираните партизани на рускиот Далечен Исток кои се бореле против јапонската војска и против белогардискиот атаман Григориј Семјонов кој ја имал јапонската поддршка.

Со поразот на Белото движење во Русија, сојузничката интервенција била завршена. До март 1920 година во земјата повеќе немало американски војници.

2. Воздушната битка над Ниш

Lockheed P-38s

Оваа битка била исполнување на сонот на секој нацист. На 7 ноември 1944 година група американски ловци Р-38 Лајтнинг нападнале колона советска војска во близина на Ниш во Југославија. Во нападот загинале 27 лица, меѓу кои и еден генерал.

Советските војници почнале да трчаат, мавтајќи со рацете и со црвени знамиња, очајнички обидувајќи се да им покажат на пилотите дека згрешиле. Со оглед на тоа што Американците не сфатиле дека ги гаѓаат сојузниците, се вклучила советската противвоздушна одбрана и авијацијата.

Во таканаречената воздушна битка над Ниш советските сили изгубиле четири ловци Јак и Јак-9, а Американците три Р-38. Дури кога капетанот Колдунов, ризикувајќи да биде соборен, му пришол на американскиот водечки авион и му ги покажал идентификациските знаци на своето летало, Американците го запреле нападот.

По деталната истрага двете земји решиле овој инцидент да го заташкаат за да не стане оружје во пропагандната машинерија на Хитлер на прагот на победата на сојузниците.

3. Корејска војна (1950-1953)

Николај Сутјагин и Евгениј Пепељаев, советски асови во Кореја

На почетокот на педесеттите години од минатиот век Корејскиот полуостров станал пробен терен за првите воздушни бомби кај млазните ловечки авиони. Клучна улога во ова одиграле советските и американските пилоти.

Советскиот Сојуз во октомври 1950 година го испратил својот 64 ловечки воздухопловен корпус за неофицијално да се бори над Кореја, кога напредувањето на Јужна Кореја и на силите на ОН ја довеле Северна Кореја на работ на поразот. Тоа биле советски пилоти во авиони МиГ-15, покрај стотина илјади кинески „волонтери“ кои им помагале на Севернокорејците да извршат сериозен контранапад.

Советскиот пилот Николај Сутјагин со 22 воздушни победи и Евгениј Пепељаев со 19 победи биле најдобрите пилоти во Корејската војна. Најдобри американски пилоти во конфликтот биле Џозеф Меконел (16 победи) и Џејмс Џабара со 15 соборени непријателски авиони.

Корејската војна е исто така позната по случајот кога американските воздухопловни сили ја бомбардирале советската територија. На 8 октомври 1950 година два американски млазни ловци P-80 Shooting Star го бомбардирале аеродромот Сухаја Речка на Далечниот Исток на Русија, погрешно оценувајќи дека станува збор за севернокорејски аеродром.

Во американскиот напад оштетени се шест советски ловци на земја, а еден целосно изгорел. Иронично е што американски авион бомбардирал американски ловци Bell P-63 Kingcobra кои во Втората светска војна му беа предадени на Советскиот Сојуз како дел од договорот за заем и наем помеѓу двете земји.

Кога Советскиот Сојуз им се пожалил на Обединетите Нации за овој инцидент, американскиот претседател Хари Труман ја призна вината и изјави дека нападот на територијата на Советскиот Сојуз е „последица на грешка во навигацијата и на лоши пресметки.с

4. Проектот „Темен ген“ (1973)

Денес е тешко да се поверува, но порано САД и Иран биле блиски пријатели и сојузници. Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век имаат извршено заеднички извидувачки операции во јужните региони на СССР.

Во текот на операцијата под назив „Темен ген“ американските и иранските пилоти со ирански ловци редовно ја минувале советската граница за да најдат дупки во локалната противвоздушна одбрана и за да тестираат колку ефикасно советските пресретнувачи реагираат на појава на натрапник.

На 23 ноември 1973 година МиГ-21СМ со кој управувал Генадиј Елисеев е испратен да пресретне ирански F-4 Phantom II кој ја имаше минато советската граница во Муганската долина. Откако сите ракети ја промашиле целта, Елисеев го удрил по опашот Фантомот со крилото на својот авион.

Првото „таранирање“ на млазни авиони во историјата заврши со соборување на авион F-4. Пилотите Иранецот мајор Шокунија и полковникот на американските воздухопловни сили Џон Сандер се катапултираа, а потоа беа заробени. Кога станува збор за Елисеев, неговиот МиГ удри во планина и тој загина на лице место.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња