Кога Американците го бомбардирале Советскиот Сојуз?

Russia Beyond/Getty Images
Трета светска војна можеше да започне на 8 октомври 1950 година кога американската авијација го нападна и го бомбардираше Советскиот Сојуз.

Ништо особено не се случуваше на 8 октомври 1950 година на советскиот воен аеродром Сухаја Речка на рускиот Далечен исток. Војна тогаш беснееше во Кореја, неколку стотини километри појужно, но тука ништо не се чувствуваше.

СССР и САД беа вовлечени во конфликтот, со тоа што Советите на Северна Кореја само и обезбедуваа оружје и воени советници. На корејското небо сè уште не беа започнати борбите во воздух помеѓу советските пилоти на авионите МиГ-15 и американските Ф-86.

Се чинеше дека работниците на аеродромот Сухаја Речка и екипажот на 821 ловечки полк кој тука беше поставен немаат причина да се грижат. А, тогаш одненадеж се случи нешто сосема неочекуванo.

Американски ловец Lockheed F-80 „Shooting Star“.

Два американски ловци Lockheed F-80 „Shooting Star“ влегоа длабоко во советската територија, 100 километри од границата. Американците стасаа до аеродромот Сухаја Речка и отворија оган.

Шест советски ловци на аеродромот беа оштетени, а еден беше целосно уништен. За среќа немаше човечки жртви.

Иронијата е во тоа што американските авиони ги нападнаа своите сопствени ловци Bell P-63 Kingcobra кои му беа дадени на Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна во рамките на Законот за заем и наем.

Советскиот полк на аеродромот беше затечен целосно неподготвен и не реагираше. Резервоарите во неговите ловечки авиони беа празни, а и да беа полни, „Кралските кобри“ со клипен мотор немаше да имаат многу шанси да ги стасаат „Ѕвездите-паѓачки“.

Веднаш беше подигната општа тревога, а раководството во Москва беше итно известено за овој напад.

Советскиот одговор

Советското раководство беше збунето. Не беше јасно дали станува збор за грешка на пилотите или за почеток на Трета светска војна.

Русите ја подигнаа борбената подготвеност на своето воено воздухопловство. Тоа беше непосредно пред најновиот советски авион МиГ-15 да биде префрлен на далечниот исток и набргу потоа беа применети во борбите на територијата на Кореја.

Авиони МиГ-15

Николај Забелин, пилот на 821 ловечки полк, напишал: „По нападот беше воведено борбено дежурство. Тоа се немаше случено откако заврши Втората светска војна. Деноноќно седевме во авионите или во нивна близина. Се чувствуваше близина на војна...“

Следниот ден Советскиот Сојуз веднаш поднесе жалба до Обединетите Нации во врска со нападот на САД на аеродромот.

Американска грешка

Военото воздухопловство на САД не планирало напад на советската територија. Негова цел бил севернокорејскиот аеродром во близина Чонгџин.

Но, поради грешката во навигацијата двата авиони се изгубиле и влегле во советскиот воздушен простор. Кога наишле на неидентификуван аеродром, американските пилоти помислиле дека тоа е нивна цел. Големите црвени петокраки на авионите не ги запреле зашто Американците мислеле дека тоа е знак на севернокорејската авијација.

Се посомневале дури кога во погодените непријателски авиони не избувнал пламен. Тоа значело дека авионите на аеродромот немаат гориво во резервоарот и дека не се подготвени за борба. Беше незамисливо дека на севернокорејскиот воен аеродром ловечките авиони стојат со празни резервоари.

На враќање американските пилоти забележале остров што не очекувале да го видат. Еден од нив, Елтон Квенбек, подоцна напиша статија за The Washington Post под наслов „Мојата кратка војна против Русија“ во која вели: „Ух-ух!, си помислив. Во близина на Чонгџин не постои никаков остров“.

Сомнежите станале стварност веднаш штом податоците беа анализирани во воздухопловната база – американските авиони нападнале советски аеродром.

На двајца американски пилоти нивниот командант, генерал-мајор Ерл Е. Патриџ, рекол: „Или ќе добиете крст за извонредна служба, или ќе одите на воен трибунал поради оваа мисија“.

Американско оправдување

Претседателот на САД Хари Труман на 20 октомври во ОН ја призна вината и изјави дека нападот на територијата на Советскиот Сојуз бил „резултат на грешка во навигација и лоша пресметка“ на пилотите.

Американскиот претседател Хари Труман, 1950.

Пилотите Елтон Квенбек и Ален Дифендорф завршиле на воен суд, но поминале добро – само се префрлени во друга воздухопловна база, едниот во Јапонија, а другиот на Филипини.

Советската страна го прифати оправдувањето, но не му веруваше во целост, сметајќи дека нападот бил провокација.

„Американците добро знаеле во која насока летаат. Прелетаа 100 километри по нашата граница со Кореја. Тие многу добро го знаеле тоа. Потоа беше измислено дека пилотите се млади, дека се изгубиле и така натаму“, пишува Николај Забелин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња