Како една касиерка од фризерница украла милијарди од најбогатите Руси

Валентина Соловјова

Валентина Соловјова

Алексеј Дружинин/TASS
Една од руските пирамиди во деведесетите години од минатиот век ги остави своите вложувачи без 200 милиони американски долари. А, сопственичката на „Властилина“ немаше завршено ниту средно училиште.

Новинарите тогаш тврдеа дека Валентина Соловјова е најбогатата жена во Русија. Неколку години ја влечеше за нос целата земја, парите ги чуваше дома во црни актовки – милиони и милиони американски долари. Руски ѕвезди, сопственици на банки, на фабрики, познати државни функционери, сите вложуваа во нејзината пирамида, а таа им ветуваше дека парите ќе им се вратат со голема камата, дека ќе заработат двојно повеќе за само еден месец!

А, кога се урна пирамидата излезе дека еден куп луѓе беа насамарени од поранешна касиерка на еден фризерски салон од предградието на Москва, жена која немаше завршено ниту средно училиште. И денес е несфатливо како беше можно тоа.

Сѐ за половина цена!

Штом започнала да се занимава со бизнис, Соловјова си измислила романтична биографија: демек, родена е во цигански табор, мајка ѝ била Ромка, а татко ѝ Русин, офицер. Не е јасна целта на оваа приказна, но таа сакала да ја повторува. Всушност, Валентина се родила во Сахалин во 1951 година, и го напуштила училиштето во деветто одделение. Во Ивантеевка, недалеку од Москва, се преселила со својот прв сопруг кон крајот на осумдесеттите години и извесно време работела како касиерка во фризерски салон.

Валентин Соловјова како млада

Валентина се премажила, ја отворила со својот втор маж фирмата „Дозатор" и тргувала со секаква дефицитарна стока. А, една година подоцна, во 1992 година, го основала своето приватно претпријатие „Властилина“. Банката ѝ одобрила кредит во износ од тогашни една и пол милијарди рубли (денес околу 1.5 милиони рубли или 23 илјади американски долари) за изградба на куќа. Истовремено тргувала со мебел, со лустери, со фрижидери и со автомобили.

Главни особености на работата на Валентина Соловјова биле мошне ниските, непазарни цени. На пример, автомобил кој чинел 8 милиони рубли, го продавала за 3.5 милиони. Условот бил еден: купувачот морал да ги исплати парите еден месец пред испораката на автомобилот. И навистина, првата година „Властилина“ продаде 16 илјади „москвичи“ и „жигули“ (цело време полицискиот оддел за економски злосторства купуваше автомобили од Валентина). Така и народот ѝ поверува.

Валентина Соловјова со својот сопруг

Империја

Друг начин на заработка беа вложувањата. Соловјова им ветуваше на вложувачите дека за две недели ќе ги повратат инвестираните средства со 50% заработка, и дури со 100% за еден месец. За вложувачите долго да не размислуваат, им велеше дека нејзината фирма е всушност банка, иако никогаш не добила лиценца за извршување банкарски работи. Навистина, нејзиното име не беше на црните списоци, а нејзини клиенти беа даночни инспектори и полицајци.

„Властилина“ немаше ни реклама. А, зошто ќе ѝ е? И банките што ми ги одобруваа првите кредити ми носеа потоа свои пари и земаа двапати повеќе“, вели Соловјова.

Валентина Соловјова на врвот од пирамидата

Кога почна да има премногу заинтересирани инвеститори, најнискиот можен влог порасна до денешни 100 илјади рубли или една и пол илјада американски долари. Пари на „Властелина“ ѝ даваше и „руската Мадона“ Ала Пугачова и кралот на поп-музиката Филип Киркоров, па и многу други ѕвезди.

Како функционираше пирамидата?

„Властилина“ секако не создаваше некакви чуда и работеше како и секоја финансиска пирамида: дел од парите на вложувачите привремено ги задоволуваше постарите инвеститори а другиот дел од парите беше инвестиран во претпријатија, акции и завршуваа во црните актовки на Валентина. Времето исто така беше на нејзина страна: „Инфлацијата беше огромна. Ако денес не стасаш да купиш долари, утре ништо нема да ти остане од рублите“, вели Алексеј Мускатин, во тоа време продуцент на една позната музичка ѕвезда и човек кој ја запознал Соловјова со првите луѓе на рускиот шоу-бизнис.

Еден од 16.600 прелажани вложувачи

Проблемите започнаа во 1994 година кога „Властилина“ почна да ги задржува исплатите. Тогаш против Соловјова беше покрената кривична пријава за махинации. Но, вербата во пирамидата сѐ уште постоеше. Последниот ден од работата на „Властилина“ пејачката Ала Пугачова „вложила“ 1 милион и 750 илјади американски долари.

Крах

Судскиот процес против основачот на „Властилина“ траеше пет години. Имаше околу 16,600 жртви на оваа финансиска измама. Според официјалната верзија на истрагата, Соловјова собрала околу 10.6 милиони американски долари, а вратила помалку од три.

Валентина Соловјова на суд

На судењата доаѓаше со дијаманти и со крзно, настапуваше како да е на театарска сцена и не ја призна вината. Осудена беше на 7 години затвор, односно на уште три, зашто четири години помина во притвор. Беше ослободена по две години.

За тоа време починаа нејзиниот татко и нејзиниот сопруг. Татко ѝ од инфаркт кога ја видел ќерка си зад решетки, а нејзиниот маж се обеси. Соловјова тврди дека го убиле луѓето кои мислеле дека знае каде се скриени парите. Милионите долари, според неа, сѐ уште никој ги нема најдено...

Валентина Соловјова како гостинка во телевизиска емисија во 2017 година

Некогашната најбогата жена во Русија сега често оди на телевизија како гостинка на различни емисии и со гордост зборува за својата пирамида. Таа ни денес не ја признава вината и вели дека ја прелажале: „Зарем сите луѓе што ми носеа милиони ја имаа изгубено главата? А штом 'Властилина' се искачи на толку високо ниво, беше наредено да се ослободат од мене. За тоа ме предупредија мошне важни луѓе“, вели Валентина Соловјова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња