Во завршната церемонија на крунисувањето на рускиот цар, монархот седел на тронот и во десната рака држел жезол, а во левата держава. Првиот цар кој ги користел овие симболи бил рускиот император Фјодор Први (1557-1598), син на Иван Грозни, а последен бил Николај Втори, иако тој тогаш, на 27 април 1906 година не ги ни допрел инсигниите. Тие на церемонијата стоеле на масата, а Николај Втори од десната страна.
Царскиот жезол е веројатно најстариот симбол на власта. Тој своите корени ги има од стапот кој го носеле пастирите и светителите. Тоа бил симбол на власта на пастирот над своето стадо, и власта на свештеникот над своите верници. Во многу региони великодостојниците често носеле жезол. Во царската рака тој е симбол на дрвото на животот кој го поврзува небото и земјата.
Ваков жезол може да се види на старите руски пари од времето на Владимир Велики и на кнезот Свјатополк каде кнезот е прикажан како држи жезол украсен со крст. Слични прикази се среќаваат и на византиските пари од истиот период.
Скиптарот е малку поинаков. Тој е малку покус од жезолот. Често го имаат користено војсководците во Руската империја како одлика, а подоцна, во средниот век го носеле европските монарси како атрибут на воинот и на световната власт.
Првиот жезол во Русија е веројатно прикажан на илустрациите во Раѕивиловскиот летопис (13 век) каде киевскиот кнез Свјатослав Втори држи жезол и ги пречекува германските пратеници. Официјално жезолот се користел до 16 век. Кнезовите на Московското царство го користеле жезолот како инсигнии (заедно со круната).
Англиските пратеници Роберт Канцелар и Клемент Адамс во 1553 година запишале дека Иван Грозни ги пречекал, седејќи на „позлатен трон, со круна на главата и жезол од кристал и злато во десната рака“. Оттогаш царевите на церемониите секогаш во раката држеле жезол.
За волја на вистината, Иван Грозни го носел секогаш, како симбол на својата власт. Џером Хорси, друг англиски дипломат во Русија, бележи дека Иван Грозни верувал дека жезолот, направен од „рог од еднорог“ има лековита моќ! Во разговор со Хорси Иван рекол: „Затруен сум со болест“. Пота му наредил на својот личен лекар да го земе царскиот жезол направен со скапоцени камења и врвот украсен со „рок од еднорог“ (најверојатно со рог од нарвал, „морски еднорог“) и со него да направи круг на масата и во него да стави два пајака. Едниот пајак ќе загине, а другиот ќе побегне. Тогаш Иван вели: „Премногу е доцна. Тој (жезолот) нема да ме спаси“.
Рускиот цар Фјодор Први на своето крунисување во 1584 година во раката држел жезол, а скиптарот и державата ги носеле на перница пред него. За жал, скиптарот на Фјодор на е зачуван.
Најстариот познат скиптар на руските цареви е оној што го има користено Михаил Први, првиот цар од династијата Романови. Го носел и на крунисувањето и по него. Овој скиптар е најверојатно добиен како подарок од Рудолф Втори, царот на Светото римско царство. Следниот скиптар што ко користел рускиот цар Алексеј, стасал од Истанбул во 1662 година заедно со државата.
Петар Велики на своето користење користел старински жезол направен во Москва. Тој многу личел на жезолот од времето на Рјурикович. Австрискиот јувелир Леополд Пфистерер, кој живеел во Русија, во 1762 година направил императорски скиптар за Екатерина Втора и тој оттогаш се користи во церемонијата на крунисувањето на руските цареви.
На овој скиптар во 1774 година е додаден брилијантот „Орлов“. Скиптарот е долг 59.6 сантиметри и тежок е 604 грама. Содржи 395 грама злато, 60 грама сребро и 193 дијаманти. Од 1967 година е изложен во Дијамантскиот фонд на Вооружената палата во Кремљ.
Крст над светот
Державата или globus cruciger (латински назив, „крстоносна топка“) е исто така царска инсигнија која ја симболизира духовната и религиската власт на монархот над светот. Како и жезолот (скиптарот), державата потекнува од Римската империја. Топката што ја држи богот Јупитер го симболизирала светот или универзумот, додека топката (держава) што ја носел императорот ја симболизира неговата власт.
Со развојот на христијанството на топката е додаден крст. Императорот ја држел топката (светот) во својата рака за да покаже дека тој владее во името на Бога. Руските цареви и державата и жезолот ги имаат преземено од Константинопол.
Постојат четири руски держави. Првата ја користел Михаил Први Романов и таа стасала заедно со жезолот како подарок од Рудолф Втори. На неа се прикажани сцени од животот на библискиот цар Давид. Грчката держава која стасала од Истанбул во 1662 година заедно со жезолот, ја користел рускиот цар Алексеј. Една е направена во Русија за Петар Втори и била прилично мала зашто во 1727 година монархот имал само 12 години.
И на крајот, дворскиот јувелир Георг Фридрих Екарт за Екатерина Втора направил императорска держава висока 24 сантиметри, со пречник од 48 сантиметри. Станува збор за убаво изработен глобус украсен со прстени од брилијанти. За време на Павел Први оваа држава ја красел цејлонски сафир тежок 195 карати. Оваа держава содржи 465 грама злато, 305 грама сребро и 1.370 брилијанти.