Зошто СССР не им се придружи на сојузниците во 1939 година?

Советските лидери (Сталин, Молотов и Ворошилов) пред тешка одлука во 1939 година.

Советските лидери (Сталин, Молотов и Ворошилов) пред тешка одлука во 1939 година.

Павел Кузмичов; Фјодор Кислов/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Москва, Лондон и Париз пред 80 години се обидуваа да склопат сојуз против Хитлер, но тој процес се одвиваше толку тешко што Сталин се реши за договор со Германија.

Пролетта 1939 година ситуацијата во Европа беше многу тешка. Велика Британија и Франција се обидуваа да го одоброволат Адолф Хитлер, но неговиот апетит од тоа стануваше уште поголем, така што нивната политика доживеа целосен крах. 

Британскиот премиер Невил Чемберлен и францускиот премиер Едуард Даладје ја „пуштија“ Германија да ја анектира Австрија, а потоа ја принудија Чехословачка да му ја препушти на Хитлер својата Судетска област населена со Германци. Чемберлен во Минхен потпиша договор со Хитлер, а по враќањето се фалеше како си дошол носејќи „мир на нашето време“. Само шест месеци подоцна, во март 1939 година, Хитлер го прекрши овој договор и го окупираше остатокот од Чехословачка. Стана јасно дека Германија не може да се засити и Западот на крајот се сврте кон Москва. 

Сталиновите навестувања 

Неколку дена пред германските единици да ја окупираат Чехословачка Јосиф Сталин одржа говор на конгресот на Комунистичката партија во Москва. „Државите-агресори водат војна, кршејќи ги интересите на неагресивните држави, конкретно Англија, Франција и САД... Ние ги поддржуваме народите кои станаа жртви на агресијата и се бориме за независноста на нивните татковини“, рече тој.

Ова беше јасно навестување дека Москва е подготвена за преговори со западните демократии, иако Советскиот Сојуз сѐ уште ги третираше како непријателски капиталистички нации. Сталин сфати дека на СССР му е многу потребен сојуз со Англија и со Франција за самостојно да не се соочува со моќните сили на Оската. Формирањето коалиција која против Хитлер може да се бори на два фронта во 1939 година изгледаше како варијанта која може да го запре германскиот диктатор. 

Хитлер со окупацијата на Чехословачка ги погази сите свои претходни договори со Британија и со Франција, по што Западот конечно ја согледа сета опасност на својата игра. Сепак, беше тешко да се формира сојуз со Советите зашто Англија и Франција, а особено соседните земји (што е уште поважно), повеќе се плашеа од Сталин одошто од Хитлер.

Несогласувања 

Адолф Хитлер се ракува со британскиот премиер Невил Чемберлен, со кој се состана на 22 септември 1938 година за разгледување на прашањето на германската окупација на Судетската област. 

Невил Чемберлен кој одигра решавачка улога во обликувањето на политиките на западните демократии, го мразеше комунизмот од дното на душата. Му беше одвратна и самата помисла да соработува со Сталин. „Морам да признам дека немам воопшто доверба во Русија. Воопшто не верувам во нејзината способност да организира ефикасна офанзива, дури и ако го сака тоа. И не верувам во нејзините мотиви. Ми се чини дека немаат многу заедничко со нашите идеи за слобода“, му пишува тој на еден свој пријател во март 1939 година. 

Чемберлен беше тврдоглав и поради своите антикомунистички ставови, но и затоа што пролетта 1939 година помеѓу Германија и СССР не постоеше заедничка граница. Доколку Црвената армија би завојувала против нацистичка Германија, тогаш Полска или Романија би морале да ѝ дозволат да премине преку својата територија, што тие никако не сакаа.

„Советскиот Сојуз беше во територијален спор и со Полска и со Романија [поради Украина, западна Белорусија и Молдавија]“, вели историчарот Олег Будницки, директор на Меѓународниот центар за проучување на историјата и на социологијата на Втората светска војна. „Поради тоа обете земји стравуваа дека советските единици нема да заминат од нивните територии доколку еднаш влезат“. 

Британија и Франција им гарантираа помош на Полска и на Романија и затоа Чемберлен не беше подготвен да изврши притисок врз сојузниците. Но, поголем дел од британската јавност имаше поинакво мислење. Идниот премиер Винстон Черчил одржа ефектен говор во Сенатот, изјавувајќи дека „нема друг начин да се поддржи Источниот фронт против нацистичката агресија освен активна помош од страна на Русија“. Според испитувањето на јавното мислење во јуни 1939 година, 84% од Британците го поддржуваше воениот сојуз на Велика Британија, Франција и СССР. Така Чемберлен и Даладје неволно сепак започнаа да преговараат со Сталин. 

Преговарачи со слаби овластувања 

Од 15 јуни до 2 август британските, француските и советските претставници разговараа во Москва за политичките услови за евентуалниот договор. Каков договор постигнаа за два месеци разговори? Според нивниот проект, сите три сили требаше да си гарантираат една на друга, а исто така и на сите држави кои се граничат со Германија (Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Турција, Грција и Белгија), воена помош во случај на германска агресија. 

Беше постигнат прелиминарен договор, но сето тоа брзо падна во вода кога започнаа непосредните преговори за воените мисии. Советскиот Сојуз овие преговори му ги довери на маршалот Климент Ворошилов, советски министер за одбрана и близок соборец на Сталин, додека Англија и Франција во Москва испратија безначајни воени функционери – адмиралот Реџиналд Дракс и генералот Еде Думанк, кои дури и не беа овластени да носат какви било одлуки без одобрување на своите влади.

Ќор-сокак

На почетокот на август 1939 година во Москва допатуваа англиската и француската воена мисија за преговори со Советскиот Сојуз. На фотографијата се адмирал Реџиналд Дркас и генералот Жозеф Думан.

„Советите беа вџашени од ниските позиции на претставниците, па затоа и не ги доживуваа сериозно овие преговори“, вели Олег Будницки. Преговорите дојдоа во ќор-сокак штом Ворошилов праша дали Полска и Романија ќе ја пуштат Црвената армија да мине низ нивната територија за да ѝ се спротивстави на Германија. Дракс и Думанк не беа овластени да одговорат на ова важно прашање зашто беше јасно дека Полска и Романија не би се согласиле на тоа. „Сталин сметаше дека овие држави беа само марионети, односно дека Англија и Франција можеа да ги принудат да се согласат, но всушност сѐ беше многу покомплицирано – Лондон и Париз не ја убедија Варшава дека СССР е подобар од Германија“, истакнува Будницки.

Народниот комесар за одбрана на СССР Климент Ефремович Ворошилов на парада, Црвен плоштад, Москва. 

Ворошилов беше краток и јасен. „Советската мисија смета дека без позитивен одговор на ова прашање сите напори за создавање воен договор се осудени на неуспех“, рече тој, повикувајќи ги Дракс и Думанк наместо водење преговори убаво да си го поминат преостанатото време во Москва. Јаловите преговори официјално се прекинати на 21 август 1939 година. 

Само два дена подоцна министерот на надворешни работи на Германија Јоаким фон Рибентроп допатува во Москва за да го потпише договорот за ненапаѓање (и во рамките на него тајниот протокол за „поделбата на сферата на влијание“ во Полска). Сталин го избра конкретниот договор со Хитлер одошто да продолжи со некорисните преговори со Лондон и со Париз.

Прочитајте исто така: Зошто Сталин не изврши анексија на Финска во Втората светска војна?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња