Сам меѓу ѕвездите: Во 86 година почина Алексеј Леонов, првиот човек кој се „прошета во вселената“

Советскиот космонаут Алексеј Леонов на прес-конференција на отворањето на Алејата на космонаутите во станбената населба Смарагдни брегови (Изумрудные холмы) во Красногорск во Московската област

Советскиот космонаут Алексеј Леонов на прес-конференција на отворањето на Алејата на космонаутите во станбената населба Смарагдни брегови (Изумрудные холмы) во Красногорск во Московската област

Артјом Коротаев/TASS
Во 1965 година космонаутот Алексеј Леонов стана првиот човек кој излезе од летало во вселенскиот простор.

Алексеј Леонов (1934-2019), советски космонаут кој во рамките на мисијата вселенскиот брод Восход-2 прв во историјата на човештвото прошета низ вселената, почина на 11 октомври 2019 година. Претседателот на Русија Владимир Путин му изрази сочувство на неговото семејство и на неговите пријател. „Добро се познаваа и Путин многу го почитуваше Леонов... секогаш се восхитуваше на неговата храброст“, рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

85-годишниот Леонов зад себе имаше долга и богата кариера. Од 1970 до 1991 година работеше како заменик-раководител на Центарот за обука на космонаути. Во тоа време во 1975 година учествуваше во експерименталниот лет „Аполо-Сојуз“, што претставуваше прв вселенски лет што двете суперсили го изведоа заедно. Во вселената тогаш се споија американскиот модул и советската капсула. Леонов беше на чело на советскиот екипаж.

По пензионирањето во 1991 година, Леонов соработуваше со комерцијалните структури, а слободното време го посветуваше на уметноста, сликајќи ја главно вселената. Но, засекогаш ќе остане запаметен како првиот човек кој излезе во вселенското пространство и се врати. А, ова патување (кое потоа стана база за рускиот игран филм „Време на првите“ од 2017 година) не беше воопшто едноставно.

Совршен кандидат

„Летот во вселената ја бара од вас сета ваша енергија, сето ваше знаење, сета ваша вештина“, вели Леонов години по својата голема авантура. „Минав само 12 минути во отворен вселенски простор. Но, сега можам да кажам дека за секоја минута беше потребно една година подготовка на Земјата“.

Неговиот пат до вселената беше типичен кога станува збор за Советскиот Сојуз. Роден е во сибирско беспаќе во близина на градот Кемерово (3.600 километри од Москва), со напорна работа успеал да стане пилот, доволно искусен и храбар за да се приклучи на првите советски космонаути од 1960 година. Меѓу нив беше и Јуриј Гагарин, кој подоцна стана првиот човек во вселената.

Кадетот на пилотската школа Алексеј Леонов.

Во тоа време Светскиот Сојуз внимателно, чекор по чекор, го освојуваше космосот. Во 1961 година полета првата мисија со човек во вселената (Јуриј Гагарин). Во 1963 година во вселената замина првата жена (Валентина Терешкова). Во 1964 година беше лансирана првата ракета која носеше повеќе од едно лице. Следниот чекор беше космонаут во слободен простор во вселената, сам во вакуумска празнина.

„Од состанокот со потенцијалните нови кандидати за лет, најмногу се сеќавам на Леонов“, има запишано во своите мемоари „Ракети и луѓе“ Борис Черток, конструктор на ракета во советската вселенска програма. „Имаше нешто мошне слично на срдечноста на Гагарин... а погледот му беше мошне буден“. Не е само Черток единствен кој бил импресиониран од него, па затоа токму Леонов бил избран за тој лет.

Ѕвезди и неволи

„Ѕвездите беа лево и десно од мене, над мене и насекаде околу мене“, ја опишуваше Леонов прекрасната глетка што ќе го следи до крајот на животот. Тој не беше сам на драматичниот лет во март 1965 година. Со вселенскиот брод Восход-2 управуваше неговиот колега Павел Бељаев, чија задача беше, меѓу другото, да му помогне на Леонов да се врати на бродот ако дојде до проблеми.

Пилотот-космонаут на СССР Алексеј Архипович Леонов во отворен космос.

А, проблемите не изостанаа! Со оглед на тоа дека беше невозможно условите во вселената во целост да се симулираат на Земјата, во текот на 12 минути од лебдењето на Леонов во близина на бродот со кој беше поврзан со спојница долга 5.3 метри, неговото вселенско одело почна да се надувува што го забавуваше неговото движење. Со надувано одело Леонов одвај успеа да се врати во Восход-2, зашто се движеше многу бавно и трпеше преоптоварување. Реално постоеше можност да остане во вселената.

Леонов првата прошетка низ космосот од вселенскиот брод Восход-2 ја изведе на 18 март 1965 година.

„[Кога се вратив во вселенскиот брод], ја тргнав кацигата и се обидов да ја избришам потта од очите, но не успеав – тоа беше како некој да ми имаше истурено кофа вода на главата“, рече подоцна Леонов. Авантурата на Леонов и Бељаев, сепак, не беше завршена. Системот за автоматско слетување се расипа, па мораа да слетаат рачно. За да не оштетат некој објект на Земјата, Бељаев го однесе вселенскиот брод до Северен Урал, каде со падобрани скокнаа од него.

Долго патување до дома

Поради дефект со комуникациските системи (што потоа беше препознаено како голем неуспех на мисијата), космонаутите два дена мораа да преживеат во шума, на стотина километри оддалечени од најблискиот град. „Седевме таму во нашите скафандери два дена, со себе немавме никаква друга облека“, раскажуваше Леонов. Кончено беа спасени и префрлени во Москва.

„Во текот на нашата мисија три или четири пати можевме да ги изгубиме нашите животи“, заклучи Леонов подоцна. Но, тој (за разлика од Павел Бељаев кој почина во 1970 година на само 40 години) водеше долг и исполнет живот, надживувајќи ја и државата која го испрати меѓу ѕвездите. За цел живот ги запамети тие 12 минути во отворениот вселенски простор и направи сѐ што можеше за на човештвото да му ја приближи вселената.

Сцена од филмот „Човекот излезе во вселената“ на Моснаучфилм. СССР. Посадата на вселенскиот брод Восход-2, космонаутите Павел Бељаев и Алексеј Леонов, оди кон хеликоптерот кој стасува по нив на местото на слетување на апаратот за спуштање на 21 март 1965 година. 1.9.1965.

Прочитајте исто така: Зошто СССР не испрати човек на Месечина?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња