Главна задача на ограничениот контингент советска војска беше вооружување и пред сѐ обука на египетската војска. Со оглед на тоа дека Арапите претрпеа тежок пораз, тоа беше голема шлаканица за советскиот углед. СССР реши да си ја врати репутацијата. Во 1968 година стасаа новите пратки оружје за египетската војска со што таа во целост беше обновена. Гамал Насер одлучи да тргне во „војна на исцрпување“ која главно се сведуваше на артилериски дуели преку Суецкиот канал, налети на авијацијата и напади на диверзантите.
Израел не можеше да ги трпи нападите на египетската артилерија која беше бројно и квалитативно посилна, односно реши да возврати со своето најсилно оружје – авијацијата. Нападите на авијацијата станаа речиси секојдневни и притоа мошне ефикасни. Од април до јули Египќаните во голема мера го намалија интензитетот на дејствијата врз територијата на Израел. Од 20 до 24 јули 1969 година беа развиени 7 дивизиони СА-75М. Израелците ја најдоа слабата точка на системот „Двина“, пред сѐ слабоста при дејствие на цели под 400 метри. По неколку дејствија Израелците во голем напад успеаја да уништат 6 од 7 дивизиони. Израелската авијација почна да дејствува и врз египетските градови. Египќаните стануваа сѐ подеморализирани.
Сфаќајќи дека состојбата се влошува Гамал Насер повторно побара помош од Советскиот Сојуз, овој пат многу поголема. Во декември 1969 година тајно отпатува во Москва. Целта на посетата беше на територијата на Египет да се размести советски контингент војска која ќе создаде ракетен штит и ќе ги спречи нападите на израелската авијација. Така започна операцијата „Кавказ“ која е назначена во наредбата на министерот за одбрана на СССР маршал Андреј Гречко. Основната цел на операцијата беше да се создадат сили за ПВО на територијата на СССР со советски екипаж и да се транспортираат во Египет. Планот се разработуваше под надзор на маршал Павел Батицки.
Советски воени стручњаци во Египет
Public domainОсновата на идната ПВО на Египет требаше да биде составена од 18 посебни артилериски ракетни дивизии за ПВО. Во јануари 1970 година беше издадена наредба за нејзино формирање. Новите командири на дивизионот добија личен состав и техника и префрлени беа на полигоните Ашулук и Јангалже за увежбување на дејствијата по нисколетачки цели зашто израелските авиони токму на овој начин ја пробиваа египетската ПВО.
Во март 1970 година целата дивизија е префрлена во Александрија со 16 бродови. Додека ракетните единици беа разместени во трупот на бродот, на палубата можеа да се видат само автомобили, тегначи, генератори и „Шилки“. Без оглед на сите мерки за маскирање, олку голем транспорт не можеше да се скрие. За да покажат дека знаат за транспортот на ракетните сили, американскиот палубен ловец ги надлетуваше советските бродови, додека израелските радиостаници јавно зборуваа за транспортот на ракетно оружје за египетските сили.
Веќе кон средината на март Советите развија речиси комплетна дивизија за ПВО во Египет. Првиот поголем судир со израелската авијација се случи на 5 јули 1970 година кога десет дивизиони „Двина“ и три дивизиони „Нева“ се судрија со 24 израелски авиони. Во 15 часот група од 14 авиони ги нападна позициите на ракетарите. Израелските „Фантоми“ од 69 ескадрила се разделија на две групи. Ударната група тргна во напад на мала височина на советските позиции. Дивизионот на потполковникот С.С. Завесницки дејствуваше со две ракети по што беше соборен еден израелски авион. Останатите авиони се повлекоа. Врз втората група дејствуваше дивизиони на египетските „Двини“. Тие успеаја да соборат уште еден авион. Првиот судир заврши со пораз за Израел. Во четири часот попладне нова група од десет авиони реши да го нападне дивизионот „Двина“ кој беше во заседно дејствие. Овој пат Израел изгуби уште еден „Фантом“.
Советски ракетари во Египет
Public domainНајтешката борба се случи на 18 јули 1970 година. Овој пат Израелците во операцијата ги вклучија своите најискусни пилоти, практично легенди на израелската авијација: мајорот Шмулц Хец и потполковникот Авиха Бен Нун. Во акцијата беше вклучен и авион за електронско војување. И покрај попречувањата дивизионот на Толокников го собори авионот на Хец со две ракети. Операторот се катапултираше, додека Хец загина за време на обидите да се врати на територијата на Израел. Бен Нун реши да ги нападне ракетарите кои го соборија Хец, но исто така беше погоден и мораше да го напушти воздушниот простор на Египет.
Без оглед на сѐ Израелците продолжија со нападот. Капетанот Авиам Села успеа да спушти бомби точно на позициите на Толокников. Загинаа 8 членови на советскиот екипаж. Дивизијата до крајот на август собори уште 8 израелски авиони, 166 припадници на дивизијата добија ордени и медали, а двајца припадници добија ѕвезда за херој на СССР.
Операцијата „Кавказ“ не беше поврзана само за борбата на ракетарите против израелските авиони, ами и на советските пилоти и оператори на средствата за електронско војување. Исто така во текот на операцијата се случија и два непријатни случаи на пријателски оган. Како што е познато во 1972 година раководството на Египет ја „замоли“ советската војска да го напушти Египет. Тоа беше маска за нова офанзива на арапските армии во 1973 година кои сега беа многу подобро подготвени за воени операции.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче