Страшната советска хаубица Б-4

Хаубица Б-4

Хаубица Б-4

commons.wikimedia.org / УГМК Холдинг
По губењето иницијатива во производството на артилериско оружје во Првата светска војна, СССР повторно почна да ја враќа смислата за старата максима „најсилни се руската артилерија и книжевност“. Иако советската воена индустрија кон крајот на двадесеттите години од минатиот век беше многу слаба во согласност со развојот на новите правци во воената доктрина, барањата беа високи. Затоа на инженерите им беа дадени барањата на војската за нова тешка хаубица од 203 милиметри.

Во ноември 1920 година при Артилерискиот комитет беше создадено Артилериско конструкторско биро под раководство на Франц Лендер. Лендер претходно беше конструктор на голем број артилериско оружје во Руската Империја, а како конструктор на Путиловскиот завод премина да работи под закрилата на новите советски власти, каде заземаше бројни одговорни должности. Конструкторското биро доби задача да создаде тешка хаубица од 203 милиметри со голем дострел во јануари 1926 година. Лендер ја започна работата над проектот, но почина следната година во септември. По неговата смрт проектот беше предаден на заводот „Болшевик“.

Проектот на хаубицата беше завршен на 16 јануари 1928 година во две варијанти: со компензатор на устата на цевката и без него. Цртежите за дел од хаубицата ги изработи конструкторското биро „Арткома“, а цртежите на лафетата и на гасеничниот дел - КБ завод „Болшевик“. Првиот експериментален примерок на хаубицата од 203 милиметри е завршен во 1931 година. Првото теренско испитување мина во август 1931 година. Потоа следуваа нови испитувања кои траеја сè до 1933 година, кога хаубицата беше воведена по ознаката хаубица 203 милиметри образец 1931. Но, историјата на производството одеше малку потешко.

Производството започна со мошне бавно темпо во заводите „Барикада“ и „Болшевик“. До крајот на 1934 година беа завршени само 20 тешки хаубици Б-4 во заводот „Барикада“, проблемот беше поврзан пред сè со освојувањето на производството од сложеноста на системот, како и давање предност на хаубиците од 122 милиметри. Заводот „Болшевик“ исто така не исфрли голем број хаубици – од 1932 до 1936 година направени се 104 системи, а од 1937 до 1942 година производството се вршеше во Сталинград. Во 1938 година произведени се 75 хаубици, а следната година 181. Заводот во Сталинград во 1940 година исфрли 165 хаубици, а во 1941 – 300. Вкупно до 1942 година се произведени 1.011 хаубици Б-4 кои ќе се прослават во разбивањето на утврдените реони.

Хаубица Б-4 со маскирна мрежа, на положба

Борбена употреба

Хаубицата Б-4 своето огнено крштевање го имаше во војната против Финска. До 1 март 1940 година на финскиот фронт вкупно дејствуваа 142 хаубици Б-4. Но, нивниот број на почетокот беше помал. Погрешната претпоставка за првата фаза на војната со Финска беше дека помалку пешадија, а повеќе техника (тенкови) ќе доведат до војна со малку крв, како во случајот со битката на Халкин Гол. Но, во суровите географски услови на шума и на езера, токму пешадијата и артилеријата имаа пресудна улога. А, советската хаубица се покажа за време на пробивањето на линијата на Манерхајм во полн сјај. Советските војници ѝ го дадоа прекарот „Карелиски скулптор“ зашто за време на директните гаѓања во финските бункери на Карелискиот теснец оставаше мешавина од бетон и арматура со неправилен облик. За еден бункер доволна беше само една граната од 100 килограми. Од друга страна Финците ова страшно оружје го нарекоа „Сталинов меч“ и тоа име продолжи да ја следи хаубицата Б-4 до крајот на воените дејствија,

Фински бункер уништен со советска хаубица Б-4. Поради смесата на бетон и арматура кои остануваа од бункерот, советските војници ја нарекоа „Карелиски скулптор“

На почетокот на Големата татковинска војна тешките хаубици Б-4 беа разместени исклучиво во „артилериските хаубични полкови со голема моќ“. Со оглед на тоа што хаубиците беа предвидени за уништување на одбранбените појаси и за офанзивни операции нивната улога во првата фаза од војната не беше значајна. Делови од германската 11 тенковска дивизија со брз продор во Дубно успеаја да заробат 23 хаубици Б-4. Но, вкупните загуби на хаубици во операцијата „Барбароса“ не беа големи: од 22 јуни до 1 декември беа изгубени 75 хаубици, додека за истото време се произведоа 105 парчиња. Останатите полкови се одведени во длабока заднина, а почнаа да се употребуваат масовно дури во ноември 1942 година кога иницијативата започна постепено да преминува во рацете на Црвената армија, оттогаш повторно започнува славниот период на ова оружје.

Хаубицата се прослави пред сè во градските борби уривајќи со неколку погодоци цели зданија во градовите низ кои минуваше Црвената армија, како што претходно ги уриваше бункерите. Но, понекогаш се случуваше хаубицата да се користи нестандардно. За време на Курската битка една хаубица Б-4 во реонот на станицата Понира уништи германски тежок самоодник „Фердинанд“ со директно погодување на оддалеченост од 600 метри. Сепак случаите на директен оган без наведување по тенковите се исклучително ретки зашто поради брзината на огнот тоа не беше основна намена на ова оружје. Херојот на Советскиот Сојуз капетанот И. Вадименко доби орден за уништување огромен фински бункер на Карелискиот теснец на 9 јуни 1944 година. Секаде каде што се појавуваше ова оружје на Германците им беше јасно: ова ќе биде офанзивна операција. Поради тоа советската команда строго наредуваше маркирањето на метата со пробен оган да се врши исклучиво со друго артилериско оружје, за да се избегне демаскирачките знаци на операцијата. Хаубицата остана забележана на многу видеоснимки и слики во текот на војната. Најпозната снимка на дејствувањето на Б-4 е забележана за време на Берлинската операција каде војниците со директен оган ги уриваат германските згради на оддалеченост од само неколку стотини метри.

Звучи неверојатно, но Русија не се откажа во целост од ова оружје, а во магацините според податоците од 2016 година постојат резерви од 40 хаубици Б-4.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња