Митот за „царевиот прст“ на пругата Москва – Петербург

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Кој е виновен за чудната „кривина“ на пругата помеѓу Москва и Санкт Петербург?

Легендата вели дека рускиот император Николај Први бил толку строг како владетел што ја контролирал дури и изградбата на пругата. За време на планирањето на првата поголема руска пруга од Санкт Петербург до Москва наводно императорот со помош на линијар повлекол права линија на картата. Но, не забележал дека му бил испружен прстот со кој го држел линијарот, па моливот преминал преку царевиот прст по должината на линијарот. Така на картата се појавило „закривување“ на правата линија, а чиновниците во страв од царевиот гнев го оставиле тој свиок и ја изградиле пругата токму онака како што ја нацртал императорот Николај.

Истово ова понекогаш се раскажува и за Сталин и Транссибирската железница, па дури и за Петар Велики и патот од Москва во Петербург! Во секој случај, време е овој мит да се разобличи.

Рецепта за катастрофа

Прочуениот „прст“ се наоѓа во близина на селото Веребје во Новогородската област. На почетокот пругата на ова место била сосема права, но токму во тоа и бил големиот проблем.

Тешко е да се направи железничка круга без „кривина“ онаму кадешто релјефот не е рамен. На споменатото место висинската разлика е навистина голема. Надморската висина на станицата „Мстински мост“ изнесувала 79 метри, а на следната станица „Торбино“ изнесувала 192 метри, така што пругата имала мошне стрмен наклон долг 21 километар по кој возот тешко се искачувал. Тешко и се спуштал зашто кочниците се вжештувале од триење. Возовите тешко запирале во правец кон Санкт Петербург додека се спуштале кон станицата „Мстински мост“.

Во спротивната насока, од Петербург кон Москва, немало доволно сила за да се искачи на брдото. Решението било вагоните да се откачат на подножјето, па локомотивата да влече само по неколку вагони и врвот на брдото.

Во февруари 1852 година, три месеци по пуштањето на пругата, дошло до незгода. Наклонот на станицата бил толку голем што вагоните можеле самите да тргнат надолу. Во еден воз имало многу вагони, па на подножјето биле делени на две групи и локомотивата ги влечела кон брдото една по една. И додека ја влечела втората „тура“ вагоните од првата група тргнале надолу кон станицата и удриле во локомотивата и во останатите вагони.

И покрај сѐ, до 1869 година ништо не е направено за да се реши проблемот со наклонот, а потоа изгорел мостот на реката Мста. Потоа инспекцијата заклучила дека пругата на ова место е премногу опасна и дека тој проблем мора да се реши.

Како се појавил „царевиот прст“ и како исчезнал?

Решено било да се направи обиколница и пругата со тоа да биде 5 километри подолга. Стариот мост преку реката Веребје бил урнат, а на негово место е направен железнички насип во кој е оставена цевка за проток на водата. Додадени се и две станици. Изградбата била завршена во 1881 година. Така се појавил свиокот кој на картата потсетува на „царевиот прст“. Императорот Николај Први, кому тој „прст“ му се припишува починал 26 години претходно.

Сега на картата повеќе не може да се најде тој „царев прст“ на пругата Москва – Санкт Петербург зашто Министерството за сообраќај во 2000 година донесе одлука од безбедносни причини да се исправи и да се израмни пругата на тоа место, со оглед на тоа дека на новите брзи возови им е потребен правец на кој не мораат да забавуваат.