Како и секое неповторливо место на светот или како секој феномен, Колската бушотина (длабока 12.226 метри со пречник од 23 сантиметри) ја следат морничави приказни, а ја нарекуваат и „пеколен бунар“. Велат дека на околу 12 километри длабочина измериле температура од околу 1.000 степени Целзиусови. Спуштен е микрофон отпорен на високи температури кој снимил човечки крици и лелеци. Дошле од пеколот!
Микрофон отпорен на толку високи температури секако не постои. Дупчењето е навистина запренo на длабочина од 12.262 метри и е измерена температура од 200 степени Целзиусови. Но, раководителот на проектот, геологот Давид Губерман, признава дека во 1995 година се случило нешто што и самиот не може да го објасни...
Зошто била потребна бушотината?
Бушотината на Колскиот полуостров беше дел од еден од најамбициозните проекти во тоа време. Во Советскиот Сојуз се направени вкупно 12 ултрадлабоки бушотини, меѓу кои се 6-километарската на Урал и Јен Јахинската во Западен Сибир длабока 8.25 километри, а со цел геолошки истражувања на Земјината кора.
Дупчењето траеше во интервалот од 1978 до 1992 година. Колскиот остров, секако, не е случајно избран со оглед на тоа дека тој е дел од горниот слој на Балтичката плоча од гранит и минерали кои настанале пред околу 3 милијарди години. Ова е една од најстарите тектонски плочи на планетата, а поради тоа е и интересна за истражување.
Длабоко во дупката
Првите четири години сѐ се одвиваше според планот, Земјината кора беше издупчена до длабочина од седум километри. Потоа беше поставена друга дупчалка со тежина од 200 тони. До крајот на 1983 година бушотината достигна 12 километри, но во 1984 година се случи несреќа.
Се одвои цевката во должина од пет километри и ја затна дупката. Во еден момент беше изгубено сето она што беше постигнато за пет години. Дупчењето во друга насока е продолжено од длабочина од 7.000 метри.
До деведесеттите години од минатиот век длабочината на „пеколниот бунар“ достигна 12.262 метри, а потоа дупчењето беше прекинато, иако примарната цел на проектот беше да се достигне длабочина од 15.000 метри. Пет години подоцна во „бунарот“ дојде до експлозија која не може да ја објасни ни Давид Губерман, а поради недостаток од финансиски средства, проектот официјално беше напуштен во 2006 година. Две години подоцна беше напуштена и самата локација која денес се наоѓа во фаза на пропаѓање.