Зошто Јапонија не го нападнала СССР во Втората светска војна?

Хоменко, Трошкин/Sputnik
Москва би се нашла во голем проблем ако Токио во 1941 година би тргнал во офанзива и би отворил фронт на Исток. Јапонија, меѓутоа, по целосниот пораз од 1939 година избегнувала нови непријатности со Црвената армија.

„Секој ден беше едно исто: Јапонците напаѓаа во зори и се повлекуваа на самрак“, пишува Иван Карпенко кој командувал со вод митралесци во битката на Халкин Гол помеѓу СССР и Јапонија.

„Не се сеќавам дека имаме заробено барем еден од нив. Не држевме заробеници. Но, секој ден во текот на денот еден час им дозволувавме да ги соберат своите загинати соборци, и тие се радуваа на тоа“.

Јапонски војници пукаат од лежечка положба пред уништени советски тенкови.

Борбите за Халкин Гол беа необични. Од една страна, пет месеци (од мај до септември 1939 година) на Далечниот исток беа водени жестоки борби со учество на тенкови и авијација, во кои изгинаа илјадници луѓе. Од друга страна, ниту едната ниту другата земја официјално не објавија војна, ниту се бореа за своја територија.

И покрај тоа, овој чуден конфликт беше судбоносен и во голема мера го предодреди текот на Втората светска војна зашто Јапонија во 1941 година не се дрзна да го нападне СССР од исток. Поради тоа, токму на Халкин Гол Георгиј Жуков за првпат се истакна како прекрасен војсководец кој потоа ја доведе Црвената армија до победата над Германците.

Јапонска експанзија

Монголска пешадија во борба на реката Халкин Гол

Јапонците до 1939 година ја проширија империјата и сферата на влијание далеку од своите исконски острови. Ја окупираа Кореја и ја основаа марионетската држава Манџуку во Северна Кина (Манџурија). Тоа значеше дека Јапонија мора внимателно да балансира на работ на директен судир со СССР и неговата сојузничка, комунистичка Монголија, дотолку повеќе што Јапонија во 1936 година застана на страната на нацистичка Германија, потпишувајќи го Антикоминтерновскиот пакт насочен против Советскиот Сојуз, со други зборови, советско-јапонските односи се влошија.

Двете земји за првпат отворено се судрија во 1938 година кај езерото Хасан на советско-манџурската граница. Победи СССР. Една година подоцна Квантунската армија направи уште еден обид, овој пат напаѓајќи ја Монголија.

Недоразбирање или провокација?

Заменик-командирот на водот Г. Доља поставува знаме на Ремизовата кота за време на битката на Халкин Гол.

Халкин Гол е река во Монголија која според Јапонците требало да биде граница помеѓу Монголија и Манџуку, но Монголија (и нејзиниот моќен сојузник СССР) инсистираа на тоа дека границата е неколку километри источно од реката.

„Јапонците во ова спорно подрачје во 1938 година испратија офицер кој соопшти... дека Халкин Гол е граница“, вели јапонскиот историчар Кото Касахара за порталот Lenta.ru, и додава дека целиот инцидент можел да биде едно големо недоразбирање.

Борци на 149 стрелачки полк на Црвената армија во нападот за време на судирот на Халкин Гол.

Советските и руските историчари, меѓутоа, се уверени дека конфликтот немал никаква врска со картографијата и дека „недоразбирањето“ било само повод за понатамошна јапонска експанзија.

„Токио беше револтиран поради тоа што СССР ѝ помага на Кина [која војуваше со Јапонија]. Затоа реши да организира провокација против Советскиот Сојуз и на тој начин да ја демонстрира јапонската моќ со цел СССР да престане да ѝ помага на Кина“, пишува во „Историјата на меѓународните односи“ (под редакција на Анатолиј Торкунов, ректор на Московскиот државен универзитет за меѓународни односи).

Битката во недојдија

Јапонските војници во мај 1939 година заедно со манџурската армија продреа на територијата на Монголија каде речиси не наидоа на отпор. На Монголите, и што е уште поважно, на Советите им беше потребно време да ги сконцентрираат силите и да возвратат на ударот. Местото на судирот на двете сили беше далеку од советските воени бази, така што на почетокот имаше проблем со логистиката и со транспортот.

Халкин Гол 1939 година. Јапонски пилоти.

Советскиот 57 армиски корпус, кој беше разместен во Монголија, немаше поголеми успеси во борбите. Кога започна конфликтот (мај-јуни), ловците на Јапонското воено воздухопловство доминираа на небото, а советските единици беа лошо организирани и не можеа да ги одбијат нападите.

На Халкин Гол се покажаа многу слаби точки на Црвената армија. Војниците не беа подготвени за судир – им недостасуваше искуство во блиски борби, така што лесно беше да се растурат нивните редови“, вели историчарот Валериј Вартанов. На Советите им беше тешко да ги координираат своите дејствија зашто одлуките се носеа во Москва, 6.000 километри оттаму.

Жуков стапува на сцена

Командантот од втора класа Г. М. Штерн, маршалот на Монголската Народна Република Х. Чојбалсан и командантот на корпусот Г. К. Жуков на командна положба Хамар Дабан, Халкин Гол 1939 година

За да ја промени ситуацијата Јосиф Сталин ги постави првите луѓе да раководат со операцијата: генералот Григориј Штерн, кој ја обезбедуваше сета потребна инфраструктура за носење провијант и луѓе на линијата на фронтот (4.000 возила минаа 800 километри до најблиските советски бази), командантот на Советското воено воздухопловство Јаков Смушкевич кој заедно со искусните пилоти брзо ги обучи новите пилоти на 57 армиски корпус како да се борат против Јапонците во воздух, и генералот Георгиј Жуков кој раководеше со целата операција.

Жуков стана народен херој за победата над нацистите во Втората светска војна, но подоцна сепак се сеќаваше на важноста на Халкин Гол и велеше: „Сè уште ја сакам таа операција“.

Неговиот пристап беше ризичен и контроверзен. На пример, кога на 2 јули Јапонците ја преминаа реката постоеше опасност да го затворат обрачот околу советските единици. Жуков тогаш нареди 11 тенковска бригада да тргне во напад без никакво прикривање. Уништени беа 70% од советските тенкови, но задачата беше извршена и непријателот беше потиснат на другата страна од реката. Во август Советите преминаа во контраофанзива.

Командантот на корпусот Георгиј Жуков за време на воената акција на Халкин Гол.

Според воениот историчар Александар Шишов во тогашните судири учествувале 57.000 советски и 75.000 јапонски војници. Битките биле жестоки и брутални. Јапонците храбро се бореле и речиси никогаш не го положувале оружјето. Наместо да се предадат извршувале самоубиство. Но, Советите победиле благодарение на тактиката на Жуков и надмоќта во тенкови и авиони. Јапонската 6 армија на 4 септември целосно беше разбиена и принудена да се врати на првобитната граница.

Последици

СССР и Јапонија на 15 септември 1939 година потпишаа договор за примирје. Следниот воен судир помеѓу овие две земји следуваше дури во 1945 година по крахот на Германија. Интересно е што Јапонија никогаш не се обиде да го нападне СССР, дури ни во најтешките моменти од Втората светска војна.

„Благодарение на настаните на Халкин Гол добро наострениот самурајски меч, кој веќе беше подигнат над нашите глави, никогаш не се спушти на нас“, вели Валериј Вартанов. Поразот во Монголија ја отрезни јапонската власт и таа одлучи да бара полесен плен во Индокина и на Тихиот океан. Таму на крајот се соочија со друга суперсила п со САД, и повторно беа победени. Но, тоа е сосема друга приказна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња