Советски удар на дворецот на Амин: пролог на деценијата на војната во Авганистан

Андреј Aбрамов / commons.wikimedia.org

На 28 април 1978 година во Авганистан, потпирајќи се на војската која голем дел од офицерите беа прокомунистички расположени, беше извршен преврат кој подоцна од страна на комунистите беше наречен „Сауриска револуција“. Советскиот Сојуз набргу потоа го поздрави доаѓањето на Народната демократска партија на Авганистан (НДПА) на власт и воспостави најблиски односи со неа. И ако се чинеше дека овој малокрвен преврат нема да мине без поголеми проблеми, Авганистан се нурна во спирала војни и насилства кои траат до денешен ден.

Доаѓањето на комунистите на власт во Авганистан по ликвидацијата на Мохамед Дауд Кан доведе до промена како на фонот на надворешната политика, така и на полето на внатрешните политички и економски промени. Паралелно со тоа во рамките на НДПА се развиваше остар судир кој ќе прерасне во физичка пресметка на спротивставените фракции „Халк“ и „Парчам“, па на крајот и до личен судир на лидерите Нур Мухамед Таракиј и Хафизула Амин.

И покрај упатствата од Москва за авганистанските комунисти да не спроведуваат премногу радикални мери поради заостанатоста на Авганистан, раководството на државата во кое сè поголема власт стекнуваше Хафизула Амин, продолжуваше со радикални реформи во аграрниот сектор и во борбата против верските учители (оџите) против кои беше покрената широка кампања на репресија. Ваквите радикални потези во земјата која беше мошне заостаната, а и во исто време и традиционална ја доведоа државата во латентна состојба на граѓанска војна и на повремени побуни ширум земјата. Стабилизацијата на ситуацијата во Авганистан на чело со комунистите никако не им одговараше на соседите, пред сè на Пакистан кој ги протежираше интересите на САД и на Саудиска Арабија, како ни на Кина која се противеше на ширењето на советското влијание.

Амин – американски агент или несмасен „револуционер“?

Хафизула Амин

Ова прашање не е до крај решено во историографијата, каде и понатаму на сила се две верзии на дејствувањето на Амин. Едни тврдат дека Амин бил убеден револуционер кој истрајувал на суровата и забрзана преобразба на Авганистан, додека други тврдат дека тој бил американски агент кој намерно вршел реформи и покрај барањата на Москва да не го прави тоа, за да дојде до организиран хаос. Приврзаниците на првата верзија тврдат дека тој бил искрен пријател на СССР и дека низата случувања биле инсценирани од страна на САД за Советскиот Сојуз да биде вовлечен во војна со Авганистан. Приврзаниците на втората верзија ги истакнуваат неговите студии во САД како момент каде бил врбуван од страна на Американците.

Она што секако беше важен момент се масовните чистки што Амин започна да ги спроведува во партијата, а врвот дојде со симнувањето на неговиот главен конкурент Таракиј кого го протежираше Москва. Последниов беше капката што ја прелеа чашата. Под големо влијание на министерот за одбрана Устинов, на шефот на КГБ Јуриј Андропов, тогашниот лидер на СССР Брежњев се одлучи на заседанието на Политбирото на 12 декември на интервенција за стабилизација на ситуацијата. Првиот чекор беше ликвидација на Амин.

Операцијата „Бура-333“

Главната предност за време на планирањето на операцијата беше договорот за заемна воена помош помеѓу Авганистан и Советскиот Сојуз. Советите можеа без пречки да префрлат специјални одделенија наменети за операција на аеродромот во близина на Кабул, а потоа и во самиот Кабул. Клучна улога во планирањето и во изведувањето на операцијата имаше специјалната единица на КГБ „Зенит“ која беше составена од 150 офицери, потоа од специјалци од КГБ од групата „Алфа“ под команда на мајор Романов. Специјално за превратот и за подоцнежните борбени дејствија во Авганистан формиран е „муслиманскиот баталјон“ кој го доби својот назив зашто беше составен исклучиво од државјани на СССР со средноазиско потекло, пред сè од народи кои живееја и на самата територија на Авганистан, Таџици, Узбеци и Туркмени. На аеродромот Баграм префрлени се делови од 103 воздушно-десантна дивизија со цел блокада на аеродромот и на средствата за ПВО на војската на Авганистан. Во Авганистан веќе се наоѓаа делови на 105 воздушно-десантна дивизија/ Главниот планер на операцијата за нападна дворецот Таџ-Бек беше полковникот Василиј Колесник.

Но, самата операција не помина толку лесно, особено зашто подоцна стана јасно дека помеѓу различните групи кои беа задолжени за ликвидација на Амин беше изгубена координацијата. Познато е дека КГБ се обиде да го симне Амин со затруена храна. Потоа на 27 септември Амин и повеќе членови на неговите придружници почувствуваа здравствено влошување. Без да претпоставаат што се случува, на помош на Амин и неговите придружници дојдоа советски воени лекари кои им помогнаа. Мајорот Сабри Џандад откако почувствува дека нешто се случува го зајакна обезбедувањето на дворецот на Амин. Околу 19 часот група советски диверзанти се пробија во комуникацискиот јазол во Кабул и таму активираше мина, со што цел Кабул остана без телефонска врска. Операцијата започна.

За нападот на дворецот беа подготвени дванаесет борбени групи поддржани со девет оклопни возила (БТР и БМП) и четири „Шилка“. „Шилките“ беа распоредени на доминантните висови и имаа задача да ги скршат огнените точки околу дворецот и да отворат пат пред сè на првата, втората и на третата борбена група. Во точката на продорот кон палатата на Амин еден БТР е оштетен, а вториот се запали и изгоре. Оклопните возила имаа задача да прикриваат и да ги истоварат ударните групи пред дворецот.

По кршењето на одбраната пред дворецот „Шилките“ го пренесоа огнот по окната на прозорците на самото здание. Првите специјалци на КГБ стапија во објектот по што по нив беше отворен жесток оган. Во дворецот се наоѓаше добромотивирано обезбедување. Групата „Гром“ прва стапи во дворецот, напредувајќи од четири правци. Веднаш на самиот почеток загина водачот на групата Јакушев, а на командирот на групата Емишев со куршуми му беше уништена раката. Голем број специјалци беа ранети за време на влегувањето во зданието, исто така завладеа помала конфузија помеѓу оклопите и трупите кои дејствуваа по огнените точки на прозорецот. По влегувањето на нова група од мешан состав, специјалците успеаја да продрат на вториот кат каде го ликвидираа Амин и дел од неговото семејство (синот и ја ранија ќерката). Шефот на обезбедувањето Џандад беше заробен. Во метежот на борбата загина и советскиот воен лекар Виктор Кузнеченко кој му даде помош на Амин по труењето.

Со ликвидацијата на Амин борбите не престанаа зашто постоеше опасност од единиците на авганистанската војска кои беа разместени во близина на дворецот, а кои се закануваа со опасност. Тука се случи и непријатна ситуација каде за време на блокадата и на разоружувањето на касарната од личното обезбедување на Амин дојде до дејство на делови на 103 падобранска дивизија по делови на „муслиманскиот баталјон“. Сепак задачата беше завршена и касарната се предаде, останатите припадници на обезбедувањето и поблиските единици даваа помал отпор во следниот ден, по што се разбегаа по околните гори. Вкупно беа заробени над 1.700 припадници на обезбедувањето и на авганистанската армија. Заземени беа и поважните објекти (радиото, телевизијата, генералштабот и седиштето на разузнавачката служба) со што операцијата беше завршена. Од советска страна загинаа од 14 до 100 припадници.

Со ликвидацијата на Амин беше остварена замислата на советското раководство за поставување новиот лојален и умерен лидер Барак Кармал. Политичките затвореници масовно беа пуштени од затвор, а по интервенцијата во многу делови од Кабул народот ги дочекуваше советските војници како ослободители кои го отстраниле „крвожедниот тиранин“. Сепак, за резултатите од операцијата треба да се суди врз основа на она што се случуваше потоа. Обидот на Советите да го стабилизираат Авганистан, враќајќи го на помалку радикален пат на преобразба пропадна по здруженото дејствување на околните земји против советското присуство. Советскиот Сојуз беше вовлечен во десетгодишен конфликт во кој беа изгубени големи материјални и човечки ресурси. По распадот на СССР целата операција во Авганистан беше дополнително обесмислена.

Прочитајте уште: 5 советски проекти кои преживеаја по војните во Авганистан

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња