Како еден советски морнар зароби 5.000 Јапонци

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Еден познат морнарички разузнавач за време на Втората светска војна има извршено десетина операции во непријателската заднина, но една од нив е навистина фасцинантна. Морнаричкиот поручник Леонов во таа операција убеди еден цел гарнизон да се предаде.

Поручникот Виктор Леонов е еден од многутемина добро обучени советски морнарички офицери кои се подготвени за мошне опасни, речиси самоубиствени разузнавачки и диверзантски мисии. Овие луѓе кревале во воздух германски воени бродови, заземале непријателски положби на брегот, заробувале војници и офицери, и доаѓале до важни разузнавачки податоци за движењето на нацистичките сили на море.

Тие секојдневно правеле вакви подвизи, но дури и меѓу нив Леонов зазема особено место. Овој голем воин во една операција за време на Советско-јапонската војна заробил 5.000 непријателски војници.

Европски фронт

Во првите денови од Големата татковинска војна Леонов стапил во редовите на советската Северна флота и до крајот на војната се борел против Германците во Северниот леден океан. За една операција го добил највисокото признание – звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Во октомври 1944 година неговиот одред тајно излегол на територијата во близина на заливот Петсамо на северот на Финска кој го окупирале нацистите. По дводневен марш низ подрачјето кое непријателот го држел во своите раце, одредот одненадеж нападнал противвоздушна батерија и ја зазел таа положба, а потоа успешно ги одбивал многубројните германски контранапади.

Павел Колосов кој бил војник на Леонов подоцна ги евоцирал своите спомени поврзани за својот командир: „Што е тоа морски десант? Морате да дејствувате брзо и дрско, и да исчезнете на време. Морате да донесувате одлуки без да префрлате одговорност на некој друг“. Леонов ги имаше тие особини... Нему луѓето му веруваа. Имаше многу пријатели во одредот. Никогаш не запираше на ситници, никогаш не се занимаваше со воспитување на луѓето, ниту имаше време за тоа“.

Југоисточен азиски фронт

Кога Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Јапонската империја, Леонов продолжил со диверзантските акции, овој пат во водите во близина на Кореја. Заслужен е за ослободувањето на корејското пристаниште Вонсан, поради што неговото име таму сè уште добро се памети.

Леонов со единица од 140 советски маринци се истоварил на аеродромот во Вонсан за да го заземе градот. Според информациите од разузнавачките служби, јапонските единици го напуштиле Вонсан, така што не се очекувал посилен отпор.

Но, советската десантна единица ја чекало непријатно изненадување. Луѓето на Леонов се нашле во обрач кој околу нив го стегале неколку илјади војници од непријателскиот гарнизон. Леонов со група од десет маринци отишол кај јапонскиот полковник во гарнизонскиот штаб за да преговара.

Состојбата на фронтот била таква што Квантунската армија во Манџурија веќе се распаднала, а сојузниците на сите фронтови добро напредувале, така што раководството на јапонскиот гарнизон во Кореја било во недоумица. Не знаеле што е подобро – да се продолжи борбата, да се повлечат или да се предадат.

Јапонскиот полковник во Вонсан добил идеја преговарачите да ги задржи како заробеници и да ги искористи како инструмент кога ќе дојде Црвената армија. Леонов видел дека непријателскиот командант се колеба и презел иницијатива.

Железна волја

Во определен момент тој го погледнал јапонскиот полковник во очи и му рекол: „Ние се боревме на Запад од почетокот на војната и имаме доволно искуство да ја процениме ситуацијата. Нема да бидеме ваши заробеници. Поарно ќе умреме, но заедно со сите кои се во штабот. Со таа разлика што вие ќе цркнете како стаорци, а ние ќе се потрудиме да се извлечеме оттука“.

Неговите искусни војници ја сфатиле ситуацијата. Еден од нив му застанал на полковникот зад грбот, друг ја заклучил вратата, трет погледнал низ прозорецот за да види на која висина се наоѓаат, а четврти покрај вратата почнал да си игра со противтенковска граната, фрлајќи ја во воздух.

Полковникот го облеала студена пот. Неколку минути размислувал, а потоа потпишал капитулација на целиот гарнизон. Тогаш на советските војници им се предале 3.500 јапонски војници, а заедно со нив биле запленети три артилериски батерии, пет авиони и големо количество муниција.

Звучи неверојатно, но додека колоната воени заробеници се движела кон советските положби постојано ја придружувале непријателски војници и цели единици кои доброволно се предале. Така Леонов на советската страна на фронтот довел 5.000 заробеници.